Свети Јован Крстител – Митрополит Струмички Наум
Posted By Macedon on January 19, 2024
„На другиот ден, Го виде Јован Исус како доаѓа при него и рече: ’Еве го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе.‘“
Да, паднат човек не може да спаси паднат човек, туку Богочовекот Христос го спасува паднатиот човек. А го спасува преку целиот Домострој на нашето спасение, од воплотувањето, преку смртта и воскресението, па сѐ до Своето славно вознесение и седнување оддесно на Отецот. Го спасува целиот Адам преку Телото Свое, Црквата, оживотворено од Светиот Дух Господ на денот на светата Педесетница. Го спасува целото паднато човештво преку Светите Тајни и светите добродетели на Светиот Дух, во Црквата. И го спасува, само ако тоа го сака и конкретниот човек.
„Овој е, за Кого што реков: ’По мене иде Човек, Кој пред мене беше, оти постоеше порано од мене.‘“
Со други зборови: по мене иде Човек – Богочовекот Христос, Кој и пред мене беше, пред јас да се појавам, како Слово и Син Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот; за Кого што ви реков дека кон Него ве водам – не кон себе, затоа што од Него на дар ве примив, бидејќи Е вистински Бог и вистински Човек.