Преображение празник на празниците- Отец Гаврил Галев
Posted By Macedon on August 19, 2024
~+~
Овој празник е празник на празниците, затоа што во него се слават повеќе празници во едно. Се прославува Преображението на Христос, Кој се преобрази и ја покажа својата Божествена природа, имајќи ја покрај тоа и човечката. Се откри како потполн Бог и потполн Човек.
Се празнува Светата Троица, Која се јави во три лица.
Христос, Синот Божји, се преобразуваше на Гората пред Апостолите; Светиот Дух, преку преобразувачката благодат се јави во светлина и Отецот со гласот кој сведочешe: “Oва е Мојот возљубен Син“.
Се празнува и Црквата, Која се објавува преку Христос заедно со Апостолите и Пророците. Старозаветната и новозаветната, во Една Света и Соборна Црква. А се слави и Преображението на Апостолите, кое всушност е суштина на нашето постоење и причина за кое што Бог не створи и за кое што Бог дојде во тело и стана човек, што и за нас е и нај значајно.
Овој настан не е привид, овој настан не е приказна, мит или некаква симболика. Ниту пак оваа светлина е тварна, како што учат некои и хулат на Светиот Дух. Оваа светлина е нетварна и таа е енергија Божја. Нетварна благодат Божја, која се пројавува од Божјата природа и му се дава на човекот да заедничари со Бога и да биде едно со Бога. Ако веќе оваа светлина беше тварна, тогаш сето ова ќе беше само добра престава. Нашата вера ќе беше приказна и мит, а нашиот живот ќе беше залуден и лажен. Но нашата Црква не е театар. Таа е жива реалност и икона на Небесното Царство. Бог на овој начин покажа дека Господ Исус Христос е вистински Бог и затоа дојде во светот и стана вистински Човек, за да ние учествувавајки во таа енергија, ја примиме и станеме синови Божји, богови по благодат.
(more…)