Света Марија Магдалeна – Отец Гаврил Галев
Posted By Macedon on August 4, 2024
ПРВИОТ БЛАГОВЕСНИК НА ВОСКРЕСЕНИЕТО
~+~
Едни од вас Бог постави во Црквата прво апостоли,
второ пророци, трето учители; потоа даде дарби за чудеса и исцелување;
па застапници, управници и луѓе што зборуваат на разни јазици.
(1 Кор. 12, 28)
Блажената Марија Магдалена го добила дарот на рамноапостолна, бидејќи со својот подвиг се вподобила на апостолите и станала проповедник на Евангелието. Наречена е рамноапостолна, иако апостолството како свештенодејство во Црквата е дар за мажите, но нејзиното име се спомнува во Светото Писмо дури и повеќепати од некои од апостолите.
Тоа дека во Христос нема ни машки пол, ни женски, туку сите се едно пред Него[1], а сè зависи од нашиот личносен однос кон Него, го сведочи и рамноапостолната Марија Магдалена. Зашто, можеби, во диптихот на Православната Црква не се среќаваат многу жени, но тие што се прославени достигнале толку голема светост и слава што дури предничат и пред мажите. Според зборовите на свети Јован Златоуст: „Жените се способни за големи подвизи, дури и за поголеми од оние на мажите“. Една од нив е светата мироносица Марија Магдалена.