Cветиот отец наш Гаврил – Светилникот на нашето време
Posted By Macedon on January 14, 2025
Отец Гаврил, од Лесновскиот манастир, беше голема утеха за малкуте вистински христијански заедници (христијани со свој духовен отец, со правило за духовен подвиг, кои редовно постеа, се исповедаа и се причестуваа), кои во тоа време, од 1983 до 1987 година (годините што ги поминавме заедно), во Р. Македонија беа распрснати како мали оази за спас во пустината на атеизмот и христијанскиот номинализам (христијанство само по име). Колку што се сеќавам, такви заедници постоеjа во Скопје, Прилеп, Струмица и во Тетово. Ако некого сум изоставил, нека ми прости. Со напишаново сакам да ви пренесам некои совети и моменти од нашиот заеднички живот со отец Гаврил во Лесновскиот манастир, како и од неговите ретки посети во Скопје.
Бог во секое време им испраќа на Своите луѓе утеха, како што и нам ни беше отец Гаврил во тоа време. Секое време си носи свои тешкотии при исполнувањето на Божјите заповеди и при ширењето на словото на вистината, но и свои олеснувања. Не би навлегувал во споредба на тогашните и сегашните услови, но едно е сигурно – Преданието на вистинската вера и на вистинските дела е едно и исто, и тогаш и сега. Ова двоедно Предание, на лично-соборно ниво, се сведува на умно-срдечната молитва – „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, а на соборно-лично ниво се сведува на конкретно и живо, сострадално учество во Евхаристијата на Црквата.