Bерата нa еден стотник
~+~
Матеј 8: 5-13
А кога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник и Го молеше говорејќи: 6„Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда.“ 7Исус му рече: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.“ 8А стотникот одговори и рече: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави; 9зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ и тој доаѓа; и на слугата: ‚Направи тоа!‘ и тој прави.“ 10Кога го чу тоа, Исус се восхити и им рече на оние што врвеа по Него: „Вистина ви велам: ни во Израел не најдов толку голема вера. 11И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, Исак и Јаков во царството небесно, 12а наследниците на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“ 13И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, нека ти биде според верата твоја!“ И слугата негов во истиот час оздраве.
…Некој стотник, а стотникот како воен старешина во Римската војска кој под себе имал 100 души под раководство, дошол при Христа и барал неговиот слуга да оздравe. Малку невоообичаено, затоа што најпрво овој стотник не бил од избраниот народ Господов, израелскиот, и немал ништо со Библијата, немал ништо со Стариот Завет, немал ништо со Христос. А друга пак страна не барал спас, помош за својот син или за своја ќерка или за некој свој близок роднина или пријател, туку барал за својот слуга. Toa било невообичаено и чудно како овој стотник голем, учен, паметен човек со власт, дошол при Христос за кого се и сешто се зборело, да бара спас за својот слуга.
Овде, Господ ја покажува својата својственост да ги прима сите без исклучок. Ние знаеме да ги селектираме луѓето на наши и ваши, вакви и такви, од оваа или од онаа црква, да се групираме и делиме по различни основи, но сето тоа е погрешно. Гледате како кај Христос дошол човек што не бил од неговиот народ и вера, а веднаш го примил. Без никаков приговор, без предрасуди и без да го испитува или бара оправданија, тој веднаш му одговорил потврдно дека сега ќе дојде да го излекува неговиот слуга.
Понатаму, повторно уште еден зачудувачки и невообичаен одговор на стотникот: Господе не мора да доаѓаш, знам дека се е под твоја власт. И јас сум исто така подвластен човек, имам луѓе под мене и на сите мои слуги кога ќе им кажам нешто, тоа тие веднаш го прават, така да и ти не мора да доаѓаш, само кажи збор и мојот слуга ќе биде здрав. Е таква вера за жал немаме.
Тоа е веќе доверба и верба, и тука се отвара можноста да се пројави силата Божја, Неговата моќ, но пред се Неговата љубов. Меѓутоа ние сме маловерни, затворени за себе и немаме доволно љубов, поточно немаме доверба туку се сомневаме бидејќи немаме блискост со Бог. Затоа не ни се исполнуваат нашите молитви, нашите желби. Повторно ќе речам, ако Господ го услуша овој незнабожец за неговиот слуга, толку повеќе нас синовите негови, Православните Христијани, само очигледно e дека ние Него не го бараме.
Од овој настан може да извлечеме уште една констатација, малку и застрашувачки за нас, а упатен кон тогашниот избран Еврејски народ, за кој што вели дека не нашол таква силна вера во тој Негов избран народ, кој што со години, со векови бил подготвуван да верува во вистинскиот Бог, и во Синот Божји кој што треба да дојде за спасение на светот. Меѓутоа, тие го отфрлиле и затоа дошле нови народи. Затоа им кажува дека од Исток и од Запад ќе дојдат нови народи и ќе Му се поклонат, ќе станат вистински верници, вистински последователи Негови, што и во свое време се случило. Еден од тие нови народи сме и ние Македонците.
Меѓутоа постои уште една опасност во денешното време, за нас. Ние сме родени како Православни Христијани и се гордееме со тоа, особено со тоа дека Македонија е запишана во Светото Писмо. Тоа е така и треба да сме среќни заради тоа. Меѓутоа, на пример, колку Македонци не има овде во овој град, а гледате во црквата може да се најде празно место. Тоа значи отсуство од Бога. Значи, треба да пазиме како живееме. Да живееме во побожност и пред се да си го сакаме Бога. Не треба нашиот бог, нашиот идол, да бидат парите, не треба да биде кариерата, не треба да биде славата, или моќта или кој знае што од овој свет.
Знајте и внимавајте, заради нашата незаинтересираност и отсутност ќе дојдат други народи од Исток и Запад и ќе станат Православни и тие ќе го пополнат нашето место. Секако дека Црквта е за сите отворена и за сите има место, но да не има и нас. За потоа да не се чудиме дека ќе губиме и цркви, ќе ја зaгубиме заедницата (иако веќе имаме изгубено неколку) и ќе зaгубиме се што е наше, ce што нашите предци го вложиле и го создавале. Ќе го загубиме заради нашата неодговорност, ќе речам заради нашата глупавост, ќе го загубиме заради нашата нељубов, заради нашето неединство и едноставно заради нашeтo неправилно живеење и работење.
Неминовно треба да се освестеме, да застанеме на прави нозе и да го побараме Христа Бога кој што е единствен Спасител и критериум. Сите други и се друго ќе не напушти еден ден и ќе останеме сами. Затоа не треба да се надеваме на ништо од овој свет. Никој од луѓето не се вечни, а често се и променливи. Парите сега ги имаме, утре може да ги немаме, најчесто се случува тоа заради некоја демонска работа, ќе ги загубиме како што сме ги спечалиле. И здравјето и силата ќе ги загубиме, и позиција може да изгубеме, и се друго, и на крај остануваме празни, бедни, неутешени, депресивни итн.
Затоа да бидеме умни, разумни, како овој стотник, да го побараме вистинскиот Бог. Да го побараме вистинскиот Бог, тоа значи да поверуваме правилно во Него, да ги исполнуваме Божјите заповеди, а пред се заповетта на љубовта. Да се сакаме еден со друг, никој нема безгрешен, сите грешиме, и да си простуваме. Да бидеме сите заедно и на тој начин кога сме заедно сме посилни. Знаеме сите, особено од нашето минато овде во Австралија, кога сме биле заедно, сме биле победни, поскромни, посиромашни, но така сите заедно соединети сме направиле многу. Сите овие храмови и центри кои што денес ги имаме, се направени од луѓе кои што немале многу пари, меѓутоа имале многу вера, имале многу надеж, имале љубов и заедница меѓу себе. А ние сето тоа за жал полека, полека го губеме заради нашата неодговорност и недобро раководење.
Нека Господ Исус Христос по молитвите на сите светии ни даде памет, да ни ги отвори срцата и умовите за да се сакаме меѓу себе, да се зближиме, да го сакаме Христа Бога како единствен Бог, како единствена наша надеж и утеха, и да си ги исправиме нашите животи за овде, и да се подготвуваме за царството небесно кое всушност е единствената реалност.
Бог нека ве благослови.
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија