// Google analytics code

Меѓусебно Причестување (Светол Вторник) – Митрополит Струмички г. Наум

Во деновиве во кои, согласно светите Канони, се причестуваме секој ден, сакам да ве потсетам на една димензија од оваа Света Тајна која како да е малку подзаборавена. Сите знаеме дека се причестуваме со Христос; притоа, нашата намера треба да биде – да Му се дадеме Нему, а не да бараме и очекуваме нешто од Него; ќе видите понатаму зошто е важен овој став.

Она што многумина, со начинот на живот, го подзабораваат е дека во Христос сите ние -христијаните, се причестуваме и меѓу себе; така, секој еден од нас живее преку сите и сите живеат преку секого; и животот на сите станува содржина на животот на нашето срце. Но, иако меѓусебното причестување ни Го овозможува Христос, во Него, начинот на кој тоа причестување е уредено е по обратен редослед – ние прво треба да се причестиме меѓу себе, со начинот на нашиот живот, за да можеме да се причестиме и со Христос.

Причестувањето меѓу себе значи дека кон нашите ближни треба да негуваме љубовен однос, а тоа е услов – да се причестиме и со Христос. Од каде произлегува овој заклучок? Од целото Свето Предание – усно и запишано. Доволно е да се потсетиме само на фактот дека прво треба да се собереме како Црква – љубејќи се еден со друг и едномислено исповедајќи Го Бог, за да може Христос, преку нас, да принесува и да Се принесува, т.е. да Ги свештенодејствува Своите Тело и Крв, а камоли и на реченото на други места од Неговото учење каде што, на пример, вели: „доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 40), или „па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот, [т.е. себеси] пред жртвеникот“ (Матеј 5, 24), или „ако некој рече: ’Го сакам Бог‘, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бог, Кого не Го видел?“ (1 Јов. 4, 20) и слично.

Наједноставно е да го запаметиме вака: прво се причестуваме со нашиот ближен – а пред сé, со својот Епископ, па потоа со Христос, и ако не се причестиме со својот ближен, ниту со Христос ќе се причестиме. Затоа е важно да го љубиме својот ближен и да му се даваме, не очекувајќи или барајќи нешто за возврат од него; и да си ја сочуваме својата љубов и слобода кон сите. Значи, под итно да ја отфрлиме од себе големата демонска прелест – „јас да си се причестам со Христос, а за другите не ми е грижа“; и со мисла, и со чувство, и со збор, и на дело, ако сакаме вистински да се причестиме со Христос и благодатта на Неговата Смрт и Воскресение да продејствуваат од нашето срце.

Си мислам сега, ќе ги освести ли напишаново луѓево или уште ќе си мислат дека ќе можат да се причестуваат со Христос, истовремено – ненавидувајќи ги своите ближни? Христос Воскресе!

Митрополит Струмички г. Наум

22 / 04 / 2025

++++++++++++++++++

Божествена Литургија со монашење во манастирот „Пресвета Богородица Елеуса“ во Велјуса.


About The Author