Божествена Скулптура – Архимандрит ГАВРИЛ*
Уште одамна, во II век, црковниот учител
Тертулијан рекол дека душата на
човекот по природа е Христијанска.
Таа е религиозна и вистинољубива:
бара одговор (реално осознавање) за се,
па и за своето потекло. Дури и да ја затвориш
зад пет катанци на природа и дезинформација и
пред нејзините очи да спуштиш десет
завеси на заблуди – душата ќе ја бара вистината.
Во еден убав празничен ден, кога луѓето ги напуштаа загушливите градови и бараат освежување во околните висини, во дворот на манастирот се најде поголема група посетители меѓу кои имаше и поголем број деца. Во разговорот со нив, ненадејно едно дете се издвои, застана пред другите и со сериозен поглед ме запраша: “Кој го создаде човекот”? Додека се созедов од изненадувањето и се подготвив да му одговороам, една пргава жена ме испревари, па како во шега рече дека човекот постанал од мајмун.
Децата се замеаја во глас, почнаа да се допираат по лице и да се загледуваат едно во друго (демек дали личат на мајмуни). Една друга жена за да ги утеши рече дека можеби мајмунот постанал од човекот, од лоши луѓе. На тоа еден од присутните мажи рече дека мајмуните постананле од недобри, непослушни и мрзеливи деца, кои избегале во шума за да не работата и да не учат.
Дететео незадоволно од овие одговори, се замисли и, навредено и потценето одново го постави истото прашање: “Кој го создаде човекот”? Јас му реков дека човекот не постанал од мајмун, но дека мајмунот се раѓа од мајмун, а човекот од човек. Уште во почетокот, му велам, Бог ја создаде земјата, растенијата и животните – а меѓу нив и мајмунот. На крајот, како совршенство на Своето создавање, Бог го создаде и човекот за да управува со светот.
За тоа како Бог ја создал природата и животните, се зборува во Светото Писмо: тие постанале по волја Божја. Нив Бог со по еден збор ги пренел од небитие во битие: “Рече Бог и постана…” земја, билки, животни итн. А човекот Светото Писмо вели дека Бог го направил од земја и му вдахнал живот. На тој начин постанал првиот човек Адам, а од него е создадена Ева. Тие ги имаа Каин и Авел и натаму се развива сета човечка заедница.
Детето констатира дека Бог е добар Творец и, потоа праша, дали и сега Бог прави луѓе од земја? Кога видов дека сериозно се интересира за такви важни проблеми, му дадов можност и самото да се увери во тоа, за што му зборував во името на Црквата и науката, теолошката наука. Го фатив за рака и го одведов пред влезот на црквата, го свртев кон југозапад и му покажав една карпа на хоризонтот, на блискиот рид, која се наѕира меѓу дрвјата во дворот, а личи на човек, со сите пропорционални и анатомски карактеристики на женската фигура во елегантно движење која во раце држи голем тркалезен предмет, налик на воденички камен.
Тогаш и некои од повозрасните посетители прашаа како ли настанала таа очигледно божествена скулптура? Им објаснив дека во внатрешноста на тој рид овдешните луѓе со векови ваделе воденички камења, па ридот е шуплив, како сунѓер и е полн со пештери. Еден ден ненадејно крајот на ридот се урнал и пропаднал во длабокиот дол (ископан од реката која тука протекува). Останало само едно исправено парче карпа на врвот кое гледано единствено од манастирот има совршен антропоморфен изглед. Евентуалното таинствено значење на таа претстава, може да биде симбол – видлив знак на невидливата интервенција на Пресвета Богородица, Која ги штитела од опасност оние кои овде со векови ваделе воденички камења, ги носеле на далечни патишта и беспатија, ги продавале и со дел од макотрпната заработувачка го помагале манастирот и монасите.
И така, овој необичен природен феномен, можеме покрај другото да го сфатиме и како потврда на библиското кажување дека БОГ ГО СОЗДАЛ ЧОВЕКОТ ОД ЗЕМЈА и му вдахнал живот.
Архимандрит ГАВРИЛ*
(Архимандрит Гаврил е светиот епископ Велички Гаврил, пед да биде хиротонисан во Епископски чин)
(превземено од списанието Воскресение 1/1986)