// Google analytics code

Велика Сабота – Митрополит Струмички Наум

Однесувањето на Пресвета Богородица, како и на жените Мироносици и возљубениот ученик – Јован, пред распнатиот Христос – на Голгота, го отвора прашањето за правилното христијанско однесување пред страдањето и смртта на нашите блиски.

Но, да почнеме од почеток.

Дали Христос некому или нешто згреши за толку страшно да пострада? Знаеме дека – не; Христос е единствен безгрешен, а пострада за спасение на нас грешните. Каква е улогата на тогашната власт во Неговото страдање и смрт? Власта е извршител, со нечинење и со чинење; Пилат си ги изми рацете, односно се самооправда, а војниците Го распнаа. Каква е улогата на тогашното свештенство? Клеветничка и подбуцнувачка; тие се главни виновници за Христовите страдања и смрт. Какво е однесувањето на Неговите ученици? Кукавичко; а еден од нив и Го предаде. Какво е однесувањето на поголемиот дел од народот? Крајно неодговорно и превртливо; на луѓето им е само до некој вид сензација, забава, театар – прво Го пречекуваат во слава, па бараат да се распне наместо некој популарен разбојник, за на крај – божем да Го жалат.

Да се вратиме сега на однесувањето на Божјата Мајка и останатите ученици. Дали нивните души беа до смрт натажени пред страшната загуба? Сигурно; а посебно тагата и болката на Богородица се неспоредливи со длабочината и ширината на чии било тага и болка. Дали тоа некако го покажаа јавно? Не. Дали посведочија, со своето присуство – за разлика од тие што се исплашија и избегаа, дека попрво самите тие би сакале да пострадаат до смрт наместо Него? Очигледно.

 Произлегуваат и други прашања. Дали тие Го прекоруваа и хулеа на Бог и Отецот за Христовото страдање или и за тоа Му беа благодарни, останувајќи непоколебливо верни на Неговата Промисла за спасението на сите? Дали обвинуваа и некои од другите учесници во ова случување? Дали ја обвинуваа власта? Дали свештенството? Дали безличната маса народ? Дали учениците што Го напуштија? Дали Јуда што Го предаде? Дали им посакуваа некакво зло? Дали бараа човечка правда? Дали се самооправдуваа? Ние не гледаме ништо од тоа вообичаено човечко, душевно однесување – без вера; затоа што на еден начин се однесуваш кога мислиш дека некого го губиш вечно, а на друг начин кога знаеш дека некого го губиш привремено. Значи, тие се однесуваат како што би требало да се однесува и секој вистински христијанин: што и да му се случи во животот, колку и лошо да е тоа – го прифаќа како дар Божји, Му благодари на Бог за тоа, вината за што било ја гледа само во себе, не покажува надворешно дека нешто му се случува и продолжува со својата молитва кон Бог – не да го промени тоа што се случило или Бог да ги казни тие што му го нанеле злото, туку да ја зајакне својата заедница со Бог, како и Бог да ги помилува и неговите непријатели.

Каква било друга правда остава на Божјата милост и нужно – на световната власт. Тоа е единственото вистинско христијанско духовно однесување со кое не ги изневеруваме нашите блиски и после нивната смрт; затоа што само таквото наше побожно однесување ги надополнува евентуалните недостатоци за спасението на нашите блиски и Бог го прима како наша жртва наместо тоа што ним им недостасува. Тоа е благочестиво однесување, согласно Православната вера, со кое ја привлекуваме Божјата несоздадена благодат и светлина и на нас и на нашите блиски, живи и починати; и им помагаме во спасението.

Господи, по молитвите на Твојата Пресвета Мајка, прости ни и помилуј нè сите; Aмин!

Митрополит Струмички Наум

19 / 04 / 2025


About The Author