Страдални Евангелија – Отец Гаврил Галев
~+~
Што да кажеме во овој ден? И зошто да кажуваме кога не исполнуваме? Еве ја имаме Црквата која секојдневно, а особено во оваа недела на големиот пост не потсетуваа да размислуваме за нашите гревови и големата милост Божја. Имаме и духовни отци, читаме книги, следиме и некои на Фејсбук и Инстаграм, меѓутоа многу малку исполнуваме, да не речам воопшто не исполнуваме и затоа го промашуваме Христос.
Така некако било и во времето на Христос. И Евреите, избраниот народ Божји, посебно првосвештениците, место да го прослават, да го следат и да го прифатат како Цар и Бог, Тие, иако Тој доброволно дојде да пострада заради гревовите човечки, не го познаа. Не го познаа затоа што беа обземени од суетата, од гордоста, од високото мислење за себеси. Иако на многу начини им се откри дека Он е вистинскиот Бог, избраниот Месија и Спасител, дека Он е патот, вистината и животот, меѓутоа тие озлобени во своите срца, помрачени во своите умови издејствуваа да биде распнат.
Се јавува и уште едно прашање кое што самите треба да си го поставуваме, а тоа е: Дали ние ако бевме во тоа време околу Исус ќе бевме од оние што викаа: “Осана” или пак ќе бевме од оние кои што викаа: “Распни го”.
Сите во себе ќе речеме за себе, не јас ќе викав: “Осана”. А за другите ќе посочиме со прст, и не со еден прст туку со цела рака, дури и со срце ќе посведочиме дека другите се тие што ќе го распнаат. Меѓутоа, баш со тоа покажуваме дека сме од оние вторите што го распнуваме. Да не заборавиме дека и од оние што му викаа “Осана”, истите подоцна викаа “распни го!”
Ние и ден денеска Христос го распнуваме, го распнуваме кога не ги исполнуваме Божји заповеди. Го распнуваме кога не се каеме доволно за своите гревови. Го распнуваме кога судиме и ги осудуваме другите околу нас. Го распнуваме кога не помагаме на страдалниците, на оние што имаат потреба и не се молиме за доброто на целиот свет. Значи со се нешто и ние денес го распнуваме. И ние денес додаваме по една шајка во Неговите пречисти раце, и по едно копје во Неговото ребро прободуваме, секојдневно, секој миговно. Затоа да не обвинуваме никого, ниту пак тогашните Евреи кои што го распнаа, туку самите себе да се обвиниме, и самите себе да си ја поднесеме тежината на тоа предавство на Христа.
А пак Христос, затоа и дојде да биде распнат, затоа што ја знаеше нашата слабост. И гледате колку е Неговата љубов голема. Ние најчесто за да се оправдаме самите себе ќе гледаме секогаш да најдеме вина во другиот, да се оправдаме самите себеси. И ако згрешил другиот ние уште толку ќе го повредиме и навредиме, за да се оправдаме повторно самите себеси.
Меѓутоа Христос во ниеден момент не се оправда, иако беше чист, пречист. Во ни еден момент никого не осуди или на некој му се налутил. Напротив, му ги изми нозете на оној кој што го предаде и побара прошка од Бога Отца да им прости на тие кои што го распнаа.
Така ние браќа и сестри ако сакаме да бидеме Христови, треба да претрпиме се’ заради Бога и нашите ближни. Секогаш да ја исполнуваме Божјата волја и да не ја бараме својата. Секогаш да ја прифатиме таа мисла: дека јас сум виновен за се и секогаш и во секое време да простуваме и да љубиме. Да ги рашириме нашите раце, да се припоиме на крстот Христов а и да се сораспнеме со Него, за и со Него да совоскреснеме!
Отец Гаврил Галев
Игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
18 / 04 / 2025