// Google analytics code

Прочка – Отец Гаврил Галев

~+~

Три главни теми се јавуваат во ова Евангелие, темата за простувањето, за постот и за начинот и целта на нашиот живот.

Најпрво со постот. Утре почнува големиот велигденски пост, кој што според правилата на црквата целиот пост се пости без масло, освен Сабота и Недела кога се употребува масло. Риба се употребува само за празниците на Благовештение и Цветници. 

Секако тоа е за оние кои што можат, меѓутоа црквата е снисходлива и за оние кои што не можат, или се почетници, или имаат тешка физичка работа, за бремените, болните, на кои што се разрешува според благослов од духовниот отец. Затоа секој од нас треба да си има духовен отец и co него да си се консултира во врска со постот или општо за црковниот и духовениот живот. Да постиме со радост и лес. Со смирениe, трпение, љубов  и исполнети со секоја добродетел.

Како што секое јазично писмо, алфабета, има свои согласки и самогласки, така и простувањето е една од тие самогласки во азбуката на православниот духовен живот без која што всушност не можe да се создаде ни збор ни реченица и да се разбере содржината на книгата, односно да се разбере содржината на животот. 

Колку простувањето е важно говори начинот како Господ говори за простувањето. Тој го поучувал народот преку поуки и параболи. Господ и кога говори во параболи Неговите параболи имаат јасна порака. Особено кога сакал нешто да потенцира како поважно, тогаш Тој зборувал јасно, отворено и директно. Една од тие поважни пораки што сакал да ни ја пренесе е простувањето. Гледате колку јасно и директно кажува “ако им ги простите на лу­ѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен. Ако, пак, не им ги простите гре­во­вите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите.“ (Мат. 6:14,15) Оваа фраза, ова правило е поставено дури и во самата единствена молитва која што Господ ни ја дал, Господовата молитва (Мат. 6: 12). 

Непростувањето е всушност се она што не е Христос. Причината зошто Христос дошол и го остварил својот домострој на спасението за нас е простувањето. Ние згрешивме пред Бога и со тоа отпаднавме од Него, Неговите благодатите дарови и од животот. Му згрешивме на Бог и помеѓу нас се најде непремостлива пречка. 

И не ние, туку Бог Самиот се смили и дојде и ни покажа пример како ние треба да живееме и правиме. Така да, ако Бог кој што ништо нас не ни згрешил, туку ние му грешиме, се покажа милосрден кон сите луѓе, кон оние кои што го убија, оние кои што го плукаа, оние кои што омаловажуваа, кои што го судеа, кои што го прободоа со копје, кои што му ставаа трнов венец, го распнаа и му се подсмеваа дури и на крст, Бог им прости, тогаш и ние треба да простуваме. Така да браќа и сестри ние немаме никаво оправдание ако не простуваме на кој и да е. 

Ако не простуваме немаме ништо со Христос и не сме Христијани. Нема Христијански духовен живот без простување и нема добродетел без простување. Постот без простување не е пост, молитвата без простување не е молитва, и секој подвиг што го правиме во името Божјо за нашето спасение и восовршување го правиме, ако не простуваме џабе ни е. Се ни е бадијала. 

Дали простувањето е тешко или лесно зависи колку сме слични или неслични со Христос. Оние кои што Христос го имаат во своето срце, оние кои што Христос им е пример во животот, оние кои што живеат за Христос оние кои што го љубат Христос и ќе речеме оние кои што се паметни, простуваат. 

Оние кои што го отфрлиле Христос како критериум од својот живот, како цел во својот живот, за жал не простуваат. Тешко им е да простуваат затоа што се љубат самите себеси и својата суета. Го ставиле своето его, својата суета, високо мислење за самите себе пред Христос и не го пуштаат срцето да прости. А бидејќи ние сме пак создадени според образот и подобието Божјо, тогаш природно е да простуваме. Неприродно е да грешиме затоа што не сме создадени да грешиме, меѓутоа откако згрешивме, треба да се враќаме на нашата предназначеност, да си го чистиме нашиот образ Божји и да се восовршуваме, да се вподобуваме на Христос. Тешко им е да простат на тие чие срце е заробено од гревот. 

И на крајот третата поука каде што вели каде што е богатството ваше, кај што собирате таму ќе биде и срцето ваше. Тоа е тоа, за кое што реков дека се што правиме во овој живот ако правиме за овоземни наслади, овозeмни богатства или слави, односно страсти: сластољубие, среброљубие и славољубие а сето тоа е себељубие, сето тоа го јаде рѓа, молец го јаде, рѓа го расипува, крадци го поткопуваат, и кое носи турбуленции и во овоземен животот.

Меѓутоа треба да го ставиме Христос, не себе, во центарот во нашето срце, и тогаш се ќе ни биде добро и се ќе биде благословено, и тогаш ќе го наследиме царството небесно.

Затоа да го почнеме постот како што треба со пост, и да си простиме. Проштевајте ми и вие на мене, најмногу си грешиме тие кои што сме најблиски еден до друг, а понатака и сите нас, и грешките наши не се само со дела, не се само со зборови туку и со помисли. Ако нешто сме погрешиле со своите помисли еден на друг да си простиме. И Бог да ни прости.

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

17 / 03 / 2024


About The Author