Неделата на блудниот син – Отец Гаврил Галев
~+~
Во оваа парабола се раскажува за еден (добар) татко и два сина кои живееле на неговиот имот. Едниот од нив, помладиот, го побарал „својот“ дел од имотот и заминал во туѓа земја, а постариот останал да работи на имотот на татко му. Таткото во параболата го претставува единиот добар Бог, а во двата сина се препознаваме сите луѓето. Во првиот дел од параболата се зборува за помладиот син кој што заминал од татка си во “далечна земја, па кога се нашол “во мака” се покајал и се вратил назад во татковиот двор. Другиот дел од параболата кажува за односот на постариот син кој останал на имотот на татко си и не прекршил ниедна негова заповед.
Првиот дел од параболата за блудниот син би требало да е сосем јасен. Меѓутоа другиот дел кој говори за постариот син изгледа малку потзаскриен и не му обрнуваме доволно внимание. Точно е дека главната тема на приказната е за блудниот син, но и на делот за праведниот син, исто така има потреба да му се даде значение. Зашто, ако обрнеме повеќе внимание, ќе видиме дека и едниот и другиот се откажале од својот татко во свое време. Разликата е во тоа што едниот се откажал, па се покајал и се вратил, другиот цело време останал при татка си, но на крајот „му се налутил“ и останал надвор од заедницата со својoт татко, брат и сите дуги кои учествувале во трпезата на угоеното теле, односно oстанал надвор од Црквата и Cветата Eфхаристија.
Ако добро ги анализираме постапките и на двајцата, ќе видиме дека им се исти или приближно слични. Истите работи што ги правeл помладиот (блудниот) син, ги направил и постариот. Помладиот син во почетокот го побарал својот дел од имотот на татка си, а постариот пак на крајот се превознесол и се замислил себе си за едиствен наследник на татковиот имот, односно на некој начин си го присвоил. Во суштина имотот е на таткото и таткото ќе го даде на кого што сака и како што сака. Така е и со благодатта Божја, ние не можеме да му бидеме судии на Бог и да кажуваме како да ја распоредува, зашто таа е дар од Отецот.
Помладиот син, излажан од ”сѐ што е во светот – похотата на телото, желбата на очите и гордоста на животот” (1. Јн 2:16) не можел да живее во домот на својот татко (во послушание) и намислил да го напушти. Мислeл дека животот кај неговиот татко му станува ропство и е неподнослив. Покажува неразумност и го бара она што всушност и не е негово, но мисли дека му припаѓа и откако го добива “својот” дел од имотот заминува од татко му. За понатаму, како по некое непишано правило, демонот кој секогаш ни дава „подобра“ слика за некоја „подобра“ опција, за ако живееме во некое „подобро време“ или „подобри“ околности ќе имамe „подобар“ живот. Но откако ќе се прелагаме и ќе му се предадеме, тогаш тој си го покажува своето право лице на лажго и човекомрзец, ќе не напушти и ќе изгубиме се што имаме и потоа ќе ја видиме вистинска слика на работите. Тогаш ќе увидиме дека сме биле во прелест и се тоа било само лага, суета и нема ништо со реалноста.
Прелагани од суетата и високото мислење, создаваме лажна слика за себе си. Потемнети во умот и заблудени во себе, почнуваме да им веруваме на нашите горди помисли и живееме саможиво водени од страстите. Самобендисани, самоубедени, суетољубиви и стастољубиви го потpошуваме својот живот живеејќи блудно и остануваме голи, глади, празни, истоштени, измамени и осамени. Целта на демоните е да не донесат до очајание и да ни ја погубат душата, но во тие моменти паметно е да помислиме на добрината Божја и да се вратеме од таму каде што сме згрешиле, таму каде што припаѓаме, како што направил и овој блуден син, впрочем како што би направил и секој разумен човек, кога ќе си ја свати грешката.
Тој откако се освестил за својата состојба, пад, не побарал ништо друго, само да се врати при својот татко, кого што многу го повредил. Таткото пак, жалел за својот загубен син и целото време бил во очекување да му се врати. Татковото срце крварело, татковото срце постојано демнело и се молело тој негов блуден син да се врати. Неговиот поглед бил свртен во правецот кон каде што заминал неговиот син и затоа тој прв го видел уште од далеку.
Така треба сите да знаеме дека секоја наша непослушност е напуштање на родителскиот дом и е рамна на постапките на блудниот син. Заробени од самољубието не можеме да видиме и почувствуваме дека со секое наше своеволие и непослушание му нанесуваме рана на нашиот духовен отец и телесните родители. Нивното срце крвари и секогаш погледот на срцето на родителот е свртен кон детето кое што го загубил. Затоа, со своите постапки, никогаш не треба да ги повредуваме своите духовни отци, не треба никогаш да ги навредуваме своите родители, па колку да ни е тешко да живееме во нивниот дом во послушание. И од тука потекнуваат сите наши маки и проблеми, затоа ѝ ќе пострадаме. Страданието пак, ако правилно се прифати, не освестува и ни ја отрезнува прелеста и ни дава да си ја увидиме вистинската состојба.
Кога се вратил блудниот син кој го потpошил сиот имот живеејки блудно (Лк. 15,13), Таткото полн со љубов, не го преиспитувал и не му кусурил што потрошил, како потрошил, каде го потрошил, зошто го потрошил, и не му барал дa го врати тоа што го загубил, туку го прегрнал, го бакнал, му дал прстен што значи простување и повторно му го враќа достоинството на син. Заради неговото враќање тој му направил и гозба, затoa што овој негов син бил мртов и оживеал, изгубен бил и се нашол (Лука 15:24).
Да се свртиме сега што се случува со постариот, праведниот син, кој како што самиот кажува за себе, ги исполнувал сите таткови, односно, Божјите наредби.
Тој иако останал со татко му, во суштина тој никогаш и не бил со него. Да бил со него, ќе го делел и неговото мислење според зборвите: „се мое е твое“ (Лк. 15:31). Иако останал при татко му и се трудeл, очигледно не се подвизувал правилно и не ги извршувал неговите заповеди суштински и од чисто срце. Зашто ако така постапувал, ќе бил сличен на татко му и ќе ги имал истите мисли, a татковата волја ќе била и негова волја. Та наместо да се растажи и налути, ќе се израдувал на враќањето на овој негов брат кој бил мртов и оживеал, бил изгубен и се нашол (Лука 15:31, 32).
Неговиот однос кон својот татко не бил синовскиот, туку повеќе наемнички и ропски, тоа се гледа од зборвите дека му слугувал и дека тој не му дал ни едно јаре за возврат (Лк. 15:29). Тој никогаш не изградил синовски однос со својот татко заснован на љубов и доверба. Неговиот однос повеќе бил заснован на страв како роб плашејќи се од казна или како наемник кој си ја заслужувал награда. Тој се што правел, го правел од интерес за некоја добивка, за да му се врати назад.
Истоа така и неговиот однос кон својот брат бил неправилен. Макар да тој вистина бил грешник, сепак му е брат и треба да го сака и жали за неговиот пад (ова се однесува и за сите нас). Ако забележувате, нему воошто не му било грижа за својот брат. Тој едноставно го отпишал својот брат дека му е брат, го отпишал од семејството и себично се сметал себе за единствен наследник на наследството на имотот на таткото. Обземен од страста на себељубие и среброљубието го затворил своето срце, па кога се појавил неговиот брат, наместо да се израдува тој се исполнил со гнев и лутина. Неговиот ум се помрачил и неговото срце се затворило од завист кон својот брат и љубомора, затоа што истиот тој брат, татко им, повтoрно го примил како свој син и повтoрно ги воспоставил нивните личносни односи и со кого ќе треба да го дели имотот на таткото. Со тоа покажува непочитување и се одрекува oд својот татко, а потоа и братот не го признава за брат, за кого не вика “брат ми”, но “твојот син” со што го обвинува и татко му (Лк. 15:30).
Тој толку се чуствувал понижен, што не пошол лично, туку го пратил својот слуга при татко му, со што покакажув дека тој навистина немал воспоставено личносен однос со својот татко.
Тоа е и најважното. Да градиме личносен и љубовен однос со нашиот Бог.
Не само да ги исполнуваме Божјите заповеди и да живееме по законот, а да немаме личносен љубовен однос кон својот Бог, искажан најнапред преку личносен однос со својот духовен отец и со своите браќа и сестри околу нас. Тука е најголема грешка на тие кои што себе се нарекуваат праведници и ги извршуваат Божјите заповеди и тоа мора да се поправи.
Меѓутоа гледате како повторно постапува таткото? Без ни малку тронка на гордост и суета во себе, исполнет со неизмерна љубов и смирение, се понижил себе и повторно како татко тој прв лично, а не преку слугата, пошол кон другиот син да го моли и повика да влезе на гозбата за неговиот брат. Ја напуштил веселбата да го спасува и другиот син кој во тој момент отпаднал и се откажал од него, кој и самиот не бил свесен дека со тоа го повредува својит родител и се откажува и од синовството и од наследството.
Кога децата меѓу себе се навредуваат, се повредуваат, не се сакаат, се делат меѓу себе, сметајќи дека имаат монопол над таткото, тоа е само нож во срцето на својот духовен отец, тоа е нож во срцето на својот родител, кој што повторно бидејќи е љубовен нема да врати со казна, туку ќе врати со жртва и лично страдање притоа не кажувајќи ја својата рана дека страда.
Затоа и најголемата Божја заповед е да го сакаме прво Господ Бог со сета своја сила, сето свое срце, со сиот свој разум и својот ближен како самиот себе. Тогаш ќе имаме вистинска заедница, тогаш ќе имаме вистински мир, тогаш љубовта ќе владее, тогаш ќе биде Бог посреди нас, затоа што каде се двајца и тројца сложни во Божјо име, таму е и Бог помеѓу нив и таму е и благодатта Божја. Се друго е прелест, се друго е суета, се друго е пропаст, и се друго е на наша штета. Никогаш да не се откажуваме од Бог, да не се превознесуваме, да не делиме, да не бараме свое, да не се расправаме, да не се понижуваме, да не се судиме, да не озборуваме, туку да се љубиме.
Нека Господ Исус Христос по молитвите на светите отци, ни даде да ја исполниме оваа негова најголема заповед. Амин.
Отец Гаврил Галев
Игумен на Манастирот Свети Климен Охридски
Кинглејк Мелбурн, Австралија
03 / 03 / 2024