За судењето и осудувањето – Отец Гаврил Галев
~+~
Од овој Евангелски настан може да извлечеме многу поуки, меѓутоа овој пат би сакал да се концентрираме на една специфична и многу неблагодарна тема. Тоа е судењето и осудувањето поврзано со озборувањето, затоа што тие најчесто одат заедно.
Најпрво, секој грев доаѓа од гордоста. Ние судиме и осудуваме пред се, а тоа да ви биде сигурно јасно, затоа што судејќи го другиот, ние едноставно признаваме дека тој е подобар од нас. Бидејќи горди, суетни, со високо мислење за самите себе, според кое ние мора да бидеме први, а не гледајќи се реално дека не сме, тогаш избираме да го судиме и осудуваме другиот. Го осудуваме и судиме другиот затоа што му завидуваме дека се наоѓа во некоја подобра позиција , иако тоа не го признаваме. Заради тоа и му завидуваме и љубомориме.
Осудувањето, озборувањето е, ќе речам, најгнасна страст. Таа е како една нечистотија околу која се собираат нечисти инсекти, и потоа како болест и зараза ја рашируваат на сите страни и ја инфицираат околината. Тоа го правиме, прво во самите себе, но најчесто избираме да е во друштво, затоа што секогаш во злото бараме соучесник. На тој начин, не само што себе си правиме зло и си наштетуваме, туку го соблазнуваме и му наштетуваме и на другиот, кој што го инволвираме во нашето беззаконие на озборување, судење и осудување на својот ближен. Не само што себе се погубуваме, но и другите ги туркаме во пеколот, а што се вели за таквите во Евангелието?
Да му се врзe воденички камен…
Таквите пак (тие што биле инволвирани во озборувањето) немајќи смирение и покајание, сакајќи да се самооправдат, ќе речат дека не се виновни затоа што другиот ги натерал: “јас не сакав да оговарам, тој ме натера.” Меѓутоа, реално, не можеме да извадиме од нашата торба тоа што немаме внатре, туку го вадиме само тоа што го имаме. Така да од нашата уста не може да излезе она што предходно не е во нашето срце. Значи, повторно сме криви. Малку било потребно да се поттикне злото во нас за да излезе на виделина.(Тоа нешто не храни и ние чувствуваме задоволство.
За да судиме и осудуваме некој друг, тоа значи дека исто така и ние ги имаме истите тие особини како и другиот. Секако дека е паметно, ако човекот има доблест во себе да премолчи или да рече дека не сака да учествува во озборувањето, а уште подобро е и да го спречи. “Брате, сестро, тоа не е добро, ајде да погледнеме прво во нашите дворишта, да погледнеме во нашето срце затоа што во нашето срце има многу повеќе од колку тоа што го гледаме кај другиот. Само Богочовкот Христос е Оној Кој има право некому да суди.” За жал, нам ни е помило да учествуваме во гревот, отколку да го прекинеме. Со тоа покажуваме дека има нешто друго скриено во нас, дека злоба имаме во себе. Ние сакаме да се насладуваме со озборувањето. Љубовта постапува поинаку. Љубовта ги покрива слабостите на другите и го носи товарот негов врз себе и едноставно не судиме и осудуваме.
Да ги земеме во предвид дечињата. Дечињата не знаат да судат и осудуваат. Зошто? Затоа што се чисти, затоа што немаат грев и немаат утврдени страсти во себе. Тие не (го)познаваат грев(от). Ние го препознаваме затоа што сме грешни. Во другиот го гледаме само она што, верувајте ми а тоа е светоотечка аксиома, и ние го имаме внатре во себе. Сето ова поправо на друго треба да не насочи, а тоа е да се преиспитаме себе си и да се покаеме, а не да ги судиме и осудудуваме другите. Ако сме паметни и правилно ја користиме просветлувачката благодат што Бог ни ја дава на почетокот, ние треба да си ги препознаеме слабостите и гревот да ги исповедаме.
Никој не ја знае душата на тој што го судиме и осудуваме. Макар ѝ да e тој грешен, макар ѝ да греши јавно, макар ѝ да сме го виделе пред нас да направи грев, меѓутоа, тоа што е во неговата душа не можеме да го видиме и ништо не знаеме што таму се случува во него. Тоа што таму, во него се случува го знае само тој и Господ, и секако духовниот отец ако се исповеда.
Така и фарисеите во конкретниот случај со Закхеј. Закхеј вистина бил цариник, иако овде не се сведочи за неговиот живот каков му бил, дали бил добар или лош. Од тоа што го рекол пред Христос се гледа дека бил добар, а и да имал некое лошо дело, тој за тоа се покајал, го исповедал пред Христос и не еднаш, два пати или три пати туку ветил дека дури четворно ќе го направи спротивното.
Ако некој не ни се допаѓа според нашата проценка, ние безмилосрдно го судиме. А што ако на пример во неговото срце се случува борба и се наоѓа во покајание? Покајанието пак, е состојба на просветлување, средба со Господ. Присуство на Светиот Дух. Судејќи и осудувајќи го другиот ние всушност го судиме Христос, го судиме Светиот Дух, а хулата на Светиот Дух е неопростив грев. Еве како во случајот со Закхеј, Христос дошол во неговиот дом, затоа што Закхеј се смирил. На таа лична средба во домот на Закхеј, тој се покајал за секое сторено свесно и несвесно грешно дело. Фарисеите седеле надвop и обземени од јадост, завист и љубомора ги озборувале, ги суделе и ги осудувале Христос и Закхеј. И затоа не треба никогаш никого и за ништо да осудуваме!
Пред да осудиме некого, треба да погледнеме во нашите срца затоа што нема човек безгрешен, што вели Светиот Апостол Павле јас му најгрешен, прв од сите. И да побараме прошка за нашите гревови. И ова треба да го запамтиме, кога ќе се јави помисла да осудиме некого за нешто, знајте дека е време за лично покајание, дека е време за исповед, наместо да судиме и осудуваме. Таа лоша помисла што дошла против својот брат или сестра, да ја исповедаме и отфрлиме од себе.
Закхеј, за разлика од фарисеите, бил концентриран на себе и на својата цел. Тој иако бил познат меѓу луѓето, не се срамувал да се понижи и да се искачи на дивата смоква и луѓето да го видат, бидејќи знаел зошто го прави тоа. Тој сакал да се сретне со Христос, со вистината, со љубовта, со Бог. Затоа Христос ѝ му рекол веднаш слези долу затоа што денес ќе бидам во твојот дом, тоа и го остварил. Христос го забележал и му рекол дека сака уште денес да дојде во неговиот дом. Закхеј подоцна во неговиот живот оставил се и тргнал по Христос и станал еден од Неговите 70 Апостоли и својот живот го завршил за Христос.
Така и со нас браќа и сестри, кога ќе се смириме, кога ќе се понижиме, кога ќе погледнеме во нашите дела, тогаш и Бог ќе влезе во нашите домови, во нашето срце. А кога Бог е со нас тогаш за што може да размислуваме, освен да се радуваме и правиме се за да ја сочуваме таа радост. Секогаш треба да знаеме дека кога нема да чувствуваме радост во нашето срце, а тоа во конкретниот случај е поврзано со судење и осудување и озборување, тоа е знак на крајно отсуство Божјо, тоа е состојба на пекол. Пеколот не е ништо друго туку одсуство Божјо, отсуство на љубов, како последица на тоа го губиме и мирот и сигурноста па се чувствуваме несигурни, пропаднати, осамени, потиштени итн.
Така да знаете, се освен нашето лично покајание, нашата лична средба со Христос, нашата лична исповед пред Него во која што не бараме оправдување, не бараме објаснување, не бараме осудување на другиот, единствена точна мисла е само молитвениот повик: Господи Исусе Христе Сине Божји помилуј ме мене грешниот/грешната!
Отец Гаврил Галев
Игумен на Манастирот Св Климент Охридски
Кинглејк, Мелбурн,Австралија