Каде се деветмината? – Отец Гаврил Галев
~+~
Богочовекот Исус Христос, Словото Божјо, се воплоти и стана човек за да го спаси светот. И иако Бог предвечен, преку Кого се станало, Тој стана како еден од нас за да го исполни и му се потчини на законот. По Своето вознесение на небесата и седнување оддесно на Отецот, од каде што и дојде, Го испрати Светиот Дух во светот и ја основа Црквата. Црквата како место и начин на живот и спасение има свое устројство кое што треба да се почитува. Ги основа светите тајни и свештенството како добри раководители и распоредители на тие свети тајни. Свештенството Бог го дал внатре во Неа, да ги лекува болните, да ги теши напатените, да ги води изгубените итн.
Лепрата во тоа време се сметала за неизлечива и пренослива болест и затоа овие десетмина болни биле изолирани и одделени од живеалиштата. Кога Господ Исус Христос поминал покрај нив, тие разбрале за тоа и во Него гледале единствена надеж за излез од нивната состојба и силно повикале: “Исусе, наставниче, помилувај не!” Лепрозните не побарале од Бога ништо, освен само прошка и Бог ги исцелил, велејќи им да одат да се покажат кај свештениците. Тоа им го рекол за го запазат редот во Црквата, а да ни остави и нам пример. Меѓутоа, уште по пат, дoдека оделе кон свештениците, тие се излекувале.
Преку примерот на нивното послушание Господ Исус Христос ни открива всушност како сите работи се случуваат во Црквата. Тој им рекол да појдат кај свештениците, тие го послушале и уште пред да стигнат до нив, Бог ги исцелува. Тоа значи дека не е свештеникот тој што лекува, што води, што раководи по патот на спасението, туку Бог. Затоа треба да имаме правилен однос кон Бога, да се отвориме на Него и да воспоставиме личносен однос, личносна заедница со Него. Бог да ни биде се во животот, да ни стане наш татко, а ние Негови деца. А свештеникот е оној кој што го престставува Господ на земјата, односно е икона Негова и ние треба да имаме потребна почит и послушание кон него.
Треба да знаеме дека кога бараме помош од свештениците да ги излекуваат нашите слабости, да ни помагаат и да не водат по патот на спасението, всушност, Бог е Тој кој што работи преку нив. Бог е Тој кој што ги лекува болните, Бог е Тој кој што ги упатува изгубените, што ги теши напатените и Бог е Оној кој што ги води, кој што ги раководи оние кои го бараат. Затоа ние треба да имаме потполно послушание кон нив, а свештениците потполно да му служат на Бог и од Него да црпат сила и мудрост и просветление за да ја исполнуваат Неговата волја.
Свештеникот кога ќе говори сам од себе, тогаш не говори Бог преку него. Свештеникот е оној кој што треба да ги привлече верниците кон Бога а не кон себе и кој што зборува сам од себе, тој ги привлекува верниците само кон себе, а не кон Бог, и тука е проблематичен тој одноc. И затоа свештеникот треба да му служи најпрво на Бога и да биде покорен на Христос.
Понатаму, од Евангелието гледаме дека десетмина биле излекувани, а само еден од нив се вратил да му се заблагодари на Бога. Само еден од нив го спознал Бога, само еден од нив спознал дека Исус е Бог, кој што ги исцелил, и тоа тој едниот бил човек од друг род и друга вера. Како што може да се забележи, на почетокот тие го нарекуваат “наставник”, а подоцна исцелениот дошол да му се заблагодари, и го исповедал, го прославил, и му се поклонил како на Бог. А од сите десет, Бог само на него му рекол дека добил спасение.
Тоа не значи дека, ние кои што сме родени како православни христијани, по автоматизам ни е загарантирано царството небесно и спасението, ако не живееме вистински христијански живот, односно ако не го поставиме Бог на вистинското место во нашиот живот. Ако пак поставиме некој друг или нешто друго, некоја цел, некоја страст, или некој човек, како на пример некој философ, лидер или самите себе, тогаш тие нешта ни постануваат наши идоли, самите себе се поставуваме на местото Божјо, стануваме идоли за себе.
Но да се постигне таа рамнотежа во животот, денот треба да го започнуваме со молитва и да го завршуваме со молитва. Молитвата е онаа која што нас не прави заедничари со Христос, со Бога, и затоа како што вели Свети Апостол Павле да му благодариме на Бога и непрестајно да се молиме.
Повикот на овие лепрозни луѓе кон Христос ја даваат основата на таканаречената Исусова молитва која што Светите отци ни ја препорачуваат да се молиме со неа, почнувајќи наутро, преку денот, и во ноќта колку што можеме да ја кажуваме. Да се спои името Исусово со нашето дишење. Зборовите од молитвата “Господи Исусе Христе помилуј ме грешниот/грешната” да ги повторуваме во секое време, и на секое место, особено кога ќе сме во маки и искушенија.
Бог го пофалил оној што се вратил и му се заблагодарил на Бога. Благодарноста е израз за квалитетот на нашиот живот. Преку благодарењето се препознава состојбата на духот. Благодарноста го прави нашиот однос со Христос Бог да биде правилен. Благодарењето е нашиот вистински однос со Бог.
Заради неправилниот однос кон Бога, ние самите често знаеме во нашиот живот да се гордееме со нашите добри дела, успеси или придобивки и да ги сметаме како наша заслуга. А пак кога ќе имаме тешкотии и падови, тогаш ги обвинуваме сите други, дури и хулиме и се жалиме на Бога. Да, велиме дека овој ни е крив, или онаа ситуација е виновна, или ѓаволот не натерал, ама никогаш не си ги признавaме грешките како наши, а со тоа стануваме неблагодарни синови, блудни синови кои што го изневериле и напуштиле Бога.
Значи треба да ги “наштелуваме” нашите, мисли, зборови и дела и така да ги воспоставиме односите во животот со Бог, со човекот, со природата и со самите себе, за да бидат правилни. Благодарењето е најдобар чин, најправилен чин, во кој што се покажува дека тие односи се поставени на правилен сооднос и така треба да се трудиме да живееме.
Да му благодариме на Бога за се.
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
17 / 12 / 2023