// Google analytics code

СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ – Отец Гаврил Галев

~+~

ЖИТИЕ

СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ БИЛЕ ЛУЃЕ, КОИ ПРВИ ГИ ИЗБРАЛ БОГ, ЗА ДА БИДАТ СВЕДОЦИ НА СПАСИТЕЛНИТЕ НАСТАНИ

За апостолите во Светото писмо се вели:

„Избра дванаесетмина да бидат со Него, и да ги праќа да проповедаат; и да имаат власт да лекуваат болести и да изгонуваат бесови: првиот Симон, кого го нарече Петар; па Јаков Зеведеев и брат му Јован, на кои им даде име Воанегрес, што значи: синови на громот; потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Кананит и Јуда Искариотски, кој и Го предаде“. (Марко 3, 14-20).

Тие дванаесет души ги испрати Исус и им заповеда, говорејќи: „По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте; а одете највеќе при загубените овци на Израилевиот дом; И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи Царството небесно“. (Матеј 10, 1-7).

А, по Воскресението, „Исус, кога се приближи, проговори и рече: Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот. Амин!“ (Матеј 28, 18-20).

И по Второто Христово доаѓање во „големиот град, светиот Ерусалим, кој слегуваше од небото – од Бога… Ѕидовите на градот имаа дванаесет темели, и врз нив имињата на дванаесетте апостоли на Агнецот.“ (Откр. 21, 10-14).

„Ти си Христос, Синот на живиот Бог.“

Ако Црквата е книгата, а Христос е Словото, тогаш тие се писателите на таа книга, зашто тие се потрудија да се испише таа книга и преку нивната проповед да се рашири насекаде по светот. Дванаесетте ученици на Господ Исус Христос биле темелот на Неговата Црква. Од името на врховниот апостол и неговата вера Христос го дава ветувањето: „Ти си Петар (Камен) и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат. И ќе ти ги дадам клучевите од Небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата“. (Матеј. 16, 16-19). И така било и сè уште е, и колку да се менуваат општествените прилики, до крајот на вековите, ќе биде.

Апостолите, верно и посветено, го извршија своето незамисливо големо дело. Господ, преку своите ученици и апостоли, го рашири Словото Божјо до сите краишта на земјата. Тие, целиот свој живот го посветија на ширењето на „новата вера“ во вистинскиот Бог, за да ги излечат недостатоците на општеството од тоа време. Големината на оваа избрана група на луѓе е во тоа што од прости рибари, преобразени преку полнотата на дарот на Светиот Дух, се омудрија и со својата мудрост и храброст го преобразија и целиот свет и човештво. Без Светиот Дух е незамислива нивната улога.

Четворица од нив биле рибари, еден цариник, а останатите припаѓале на обичната работничка класа. Апостолите не биле познати луѓе од високи позиции. Евангелијата не ги претставуваат како генијалци или оригинални мислители. Сите биле млади, а некои дури и помлади од Христос. Луѓе со различен темперамент, навики и воспитување, меѓутоа, поврзани со нивната љубов кон Христос и побожен живот посветен на Христос.

Нивната проповед, според Писмото, почнала со Евреите и Израел, а подоцна откако Господ Исус Христос „ги отвори вратите за незнабошците“ таа се раширила низ целиот свет. Во тие нивни патувања понекогаш оделе заедно, а и неретко ќе се начекале еден со друг во некој ист град или населено место. Привремено се собирале во Ерусалим за Пасхата. На овие радосни средби тие си разменувале искуства и дискутирале за успехот на заедничкото дело и донесувале заеднички соборни решенија просветлени од Светиот Дух. Заеднички го прекршувале лебот и се молеле Бог да им дава сила за да ја продолжат работата и да ја добијат наградата, зашто работникот си ја заслужува својата плата.

Свeтиот апостол Андреј

(Грчки:  Ανδρεα, храбар, силен човек, невин)

Наречен е Првоповикан, затоа што бил првиот кој го заследил Христос. Уште од рана возраст копнеел по божествената вистина и затоа кога се појавил св. Јован Крстител, тој веднаш станал еден од неговите ученици. Свети Андреј стоел на бреговите на Јордан, кога Претечата, покажувајќи на Исус, рекол: „Еве го Јагнето Божјо!“ (Јован. 1, 36). Слушајќи ги овие зборови, Андреј посакал да го запознае и целиот тој ден го поминал со Него. Неискажливата радост и впечатокот што го стекнал од Христос сакал да ја сподели со некој, па пошол кај својот брат Симон (Петар) објавувајки му ја радосната вест: „Го најдовме Месијата“ (Јован. 1, 41), и го донел кај Христос. Подоцна Спасителот ги видел браќата на бреговите на Галилејското море и ги повикал. „Врвете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе!“ (Марко 1, 17). Оттогаш, тие го следеа Спасителот насекаде и беа сведоци на Неговите чуда, смрт и воскресение.

Андреј бил човек остроумен, со чиста логичка мисла, урамнотежен, одлучен и одличен организатор. Затоа и за време на својот живот поминал толку земји и секаде основал локални цркви. По Вознесението Господово и слегувањето на Светиот Дух, кога апостолите отишле во различни земји да го проповедаат Словото Божјо, св. ап. Андреј заминал во северните земји. Преку Македонија, Грција, Мала Азија, по бреговите на Црното Море, стигнал до земјата населена од Скитите, денешна Русија.

Според преданието, Светиот апостол кога стигнал до реката Днепар до местото каде што сега е Киев, додека се искачувал на околниот рид, приковал крст и им рекол на своите ученици: „На ова место ќе блесне благодатта Божја, ќе се подигнат Христовите цркви и ќе дојде вистинската светлина од овде низ целата земја“. Сега на истиот рид стои црквата Св. Андреј Првоповикан. Стигнал дури и до градовите Хераклиј, Халкидон и Трејзунд; ги посетил и Ерменија и Грузија. Дошол и до планините на Осетија и Абхазија, проповедал во Себастија (денешен Сухуми), ги обиколил бреговите на Црното Море и ја посетил Керсон Таурида (сега полуостров Крим). По ова напорно патување, св. ап. Андреј ги посетил Синоп и градовите што лежат близу Црното Море. Тој го посетил и градот Визант (денешен Цариград) и таму го ракоположил Стахиј како прв епископ, еден од 70-те Христови ученици. Посетувајќи ги градовите во Грција, тој дојде во градот Патрас во староста.

Некое време св. ап. Андреј го поминал заедно со свети Јован Богослов, апостол во Ефес, од каде заминал за Никеја и таму поминал две години. Но патот секогаш не му бил лесен. Претрпел и големи искушенија, маки и гонења. Сите нив трпеливо ги поднесувал и секаде со збор, чуда и примерот на личниот живот сведочил за Христос и придобивал нови следбеници. Во понтискиот град Синоп, во близина на Црното Море, свети Андреј заедно со свети апостол Метеј претрпеле ужасно гонење од Евреите. Исполнети со злоба, бидејќи учениците Христови прдобиваат многу следбеници, ги клеветиле пред властите. Заради тоа ги затвориле, ги тепале и ги исфрлиле од градските порти. Но, им се јавил Христос и ги исцелил. Светиот Андреј, како ништо да не му било, се вратил во градот и повторно продолжил да проповеда.

По враќањето во Патрас, градскиот старешина Егеат дознал дека туѓо учење се раширило низ градот, па дури и во неговото семејство, па св. Андреј го дал на испитувања, мачење, зандани и на крајот го осудил на смрт. Подоцна, кога се побунил целиот народ, се исплашил Егеат и по негова наредба слугите почнале да го одврзуваат апостолот од крстот. Тогаш свети Андреј, кревајќи ги очите кон небото, извикал: „Господи, не дозволувај да ме симнат од крстот и не ме лишувај од смрт слична на Твојата! Прими мe во мир во твоите вечни населби!“ Откако го рекол ова, апостолот му го предал својот дух на Бога и лицето му заблескало во светлината на небото. Андреј бил распнат на крст во форма на икс.

Апостолот целиот свој живот го посветил на проповедање. Секаде каде поминувал, проповедал и организирал локална црковна заедница. Бил неуморен работник на нивата Божја, проповедал, исцелувал болни, ги изгонувал нечистите духови, ги подучувал новите преобратеници да бидат милостиви кон странците и нивните робови и да имаат љубов кон сите. Кротоста и добродетелниот живот на светиот апостол, како светол столб се издигнувал кон небото и зрачел светлина и топлина со што го привлекувал народот, кој, слушајќи го, му се обраќал: „Навистина си ученик и пријател на добриот и милостив Бог и Тој зборува преку устата твоја!“ Светиот апостол Андреј Првоповикан се слави на 30-ти ноември.

Светиот апостол Петар

(Грчки: πέτρος, арамејски: Kephas, значи карпа, камен)

Бил најревносниот следбеник на Исус Христос, прв кој го исповедал Христовото Божество, на што се базира и сета наша вера и се темели Црквата: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“,  „И Јас ти велам, дека ти си Петар (камен), и на тој Камен ќе ја изградам Мојата Црква“ (Матеј 16, 16-18).

Свети Петар бил типичен Галилеец. Тие секогаш биле подготвени да го следат водачот и да започнат востание. Тие биле импулсивни, емотивни и темпераментни, брзи и предадени на расправии, но многу чесни и праведни луѓе. На празникот на Педесетница, кога сите беа еднодушни и заедно, одеднаш се појавила врева како силен ветар и Светиот Дух, во форма на огнени јазици, се спуштил врз верните. Тие беа исполнети со извонредна мудрост и духовна сила и почнале да зборуваат на различни јазици. Тогаш Петар прв застанал пред собраните луѓе и им се обратил. Неговите зборови биле толку вдахнати и силни што веднаш 3.000 луѓе се обратиле кон Христос тој ден, а потоа уште 5.000 нови.

На почетокот, неговите активности биле ограничени на Ерусалим. Откако луѓето од Самарија го прифатиле Божјото Слово, апостолите ги испратиле Петар и Јован кај нив. И ова беше прво апостолско патување на Петар. На своето второ мисионерско патување, Петар ги посетил црквите во Јудеја и Галилеја, дошол во Лида, бил во Јопа, каде ја воскреснал Тавита, а потоа отишол во Кесарија во Палестина.

Петар, научен од божественото откровение, беше првиот што ја отвори вратата на верата на незнабошците со крштавање на римскиот стотник Корнелиј и неговото семејство (Дела 10, 7; 11, 1-18). Од Кесарија, Петар дошол во Ерусалим за Пасхата. По наредба на Ирод, кој кренал прогон против Христовата црква, ап. Петар бил затворен по трет пат. Подоцна бил ослободен на чудесен начин од ангел од занданата и Петар го направи своето трето патување, одејќи на проповед во градовите на Феникија. Околу 50-та година, тој пристигнал во Ерусалим и присуствувал на Апостолскиот совет, кој го отворил со говор (Дела 15, 1-1). По Соборот, Петар веднаш заминал на четврто апостолско патување во Сирија, Антиохија и во други земји и градови во Мала Азија (Кападокија, Галатија, Понтус, Битинија). Дошол и во Египет. Од Египетскиот Вавилон (1 Птр. 5, 13), Петар го напишал своето прво послание до христијанските Евреи, кои биле расеани низ Мала Азија. Откако го назначил св. апостол Марко за епископ на Александрија, Свети Петар се вратил во Ерусалим за Успението на Мајката Божја.

По смртта на Пресвета Богородица, апостол Петар го направил своето последно апостолско патување. Од Ерусалим повторно дошол во Египет, оттаму отпловил за Велика Британија, од Велика Британија до Грција. Конечно, околу 67 година, тој пристигнал во Рим. И во Рим, Свети Апостол Петар вредно го проповедаше Словото Божјо и привлекол многумина кон христијанската вера. Од Рим, околу 67 г. Петар го напишал своето Второ Послание на христијаните во Мала Азија.

Во Рим му било претскажано од Господ дека наскоро ќе го напушти своето земно живеалиште (2. Птр. 1, 14) и тоа наскоро се исполнило. Царот Нерон започнал жестоко гонење против христијаните. Според преданието, тогаш христијаните го убедиле Петра да го напушти градот за да се спаси. Тој попуштил на нивните барања и во текот на ноќта, кога го напуштал градот, Господ му се појавил на патот кон Рим. Тогаш настанува тој многу познат дијалог. „Господи, каде одиш? (Quo vadis Domine?)“ – го прашал Петар. Спасителот одговорил: „Одам во Рим за повторно да се распнам!“ Петар сфатил дека неговото бегство од Рим не му е угодно на Бога, па се вратил, бил затворен и неколку дена подоцна, на 29 јуни 67 година, бил изнесен на смрт. Го осудиле на распнување, но сметал дека е недостоен за истата смрт, како на Спасителот, и замолил да го распнат со крстот свртен надолу. Тој тогаш бил на возраст од 75 години. Римскиот епископ свети Климент го погребува неговото свето тело. Христијаните честопати доаѓале да се молат на неговиот гроб над кој подоцна бил изграден прекрасен храм – еден од најголемите храмови во христијанскиот свет. Свети апостол Петар се слави 29 јуни/12 јули.

Свети апостол Јаков Заведеев

Брат на возљубениот ученик Христов – Јован Богослов. Наречени од Христос „Воанергес“ што значи синови на громот. Двајцата браќа се родени и воспитани во побожно еврејско семејство. Името на нивниот татко беше Зеведеј. Мајка им била Саломија, една од мироносиците Христови. Биле познати рибари и замошно семејство.

Свети Јаков, исто како и другите апостоли, на почетокот проповедал во Ерусалим. Според едно предание, апостол Јаков некаде околу 40-та година проповедал во Шпанија. Потоа се вратил во Јудеја, каде што бил обезглавен од Ирод Агрипа I, во 44-та година. Нешто подоцна, во Шпанија се развил култ кон свети Јаков и школката ја зеле како негов симбол. Овој симбол е метафора, по тоа што нејзините линии ги претставуваат различните патеки поминати од поклониците од целиот свет и сите водат до една точка, гробот на свети Јаков во Сантијаго де Компостела. Не е случајно што на германски јазик школка се нарекува „Jakobsmuscheln“ (Јаковова школка), а на француски, се нарекува „Coquille de Saint Jacques“. Свети Јаков станал покровител на Шпанија.

Светиот апостол Јаков, отворено и смело, ги поучувал Евреите дека Исус Христос е вистинскиот Месија, Спасителот на светот. Тој ги прекорил фарисеите и книжниците за нивната суровост и неверување во Христа. Неможејќи да ги поднесат неговите убедливи проповеди, Евреите ја искористиле својата моќ и авторитет за да удрат против него. Тие го наговориле Ирод Агрипа I да тргне против христијаните. Свети Јаков Заведеев бил првиот кој пострадал од тој негов прогон на Црквата (Дела. 12, 1-2 ). Војникот Јосија, кој го донел Апостолот на суд, бил погоден од неговата цврстата вера и поверувал во Христос. Тој се уверил во невиноста на апостолот и отворено им ја исповедал својата вера на сите. Заради тоа веднаш бил осуден на смртна казна. Кога бил доведен на местото на казна, Јосија го замолил апостолот за прошка и му рекол дека е еден од оние што го обвинија. Светиот апостол го прегрнал и му рекол: „Мир да биде со тебе!“ Тогаш двајцата ги наведнаа главите и беа убиени со меч. Христијаните го погребаа телото на Свети Јаков во Ерусалим. Свети апостол Јаков се слави 30 Април.

Св. апостол и евангелист Јован Богослов

(Грчки, Ιωαννης, арамејск, Јоханан: Господ е милостив).

Еднаш, кога Господ Исус Христос помина покрај Генисаретското Езеро, видел двајца браќа, Јаков и Јован, како ги крпеле мрежите за риболов, заедно со нивниот татко Зеведеј. Тогаш, Тој ги повикал да го следат и тие веднаш ги оставија татко им, мрежите, бродот и пошле по Него (Матеј 4, 18-22). Оттогаш биле со Спасителот.

По Вознесението, Јован живеел во Ерусалим со останатите апостоли. Честопати се молел со нив во храмот. Откако на Педесетница ги прими полнотата на даровите на Светиот Дух, ревносно го проповедал Евангелието и привел многу од Евреите и народите во верата Христова.

Од почетокот св. ап. Јован одел заедно со светиот апостол Петар во Ерусалим. По заповед на Спасителот, Кој од крстот му ја посвети на чување Неговата пресвета Мајка (Јован 19, 26-27), бидејќи во него имаше најмногу доверба, св. апостол Јован, до нејзиното Успение, никогаш не се одделил од неа. Затоа останал да престојува во Ерусалим. Еднаш, кога Пресветата посакала да го посети четиридневниот Лазар, кој од страна на св. ап. Варнава бил посветен за епископ на Кипар, наместо во Кипар, ветровите го насочиле нивниот брод кон земјата македонска, поточно, кон денешна Света Гора – Атонска. Таму престојувале некое време и потоа се упатиле кон Кипар. Исто така, св. ап. Јован, заедно со Мајката Божја, биле и во Ефес, но најмногу престојувале во Ерусалим.

По Нејзиното Успение, заедно со својот ученик Прохор, св. Јован отишол да го проповеда Словото Божјо во Мала Азија. Двајцата престојувале во градот Ефес. Тука тие живееле во голема сиромаштија и биле слуги во едно семејство. Од нив биле третирани многу строго и сурово. Joван и Прохор сè издржале трпеливо, а на господарите им служеле вредно и послушно, за потоа да се удостојат со слава и чест. Меѓутоа, тоа траело кратко, па потоа биле протерани на островот Патмос во Грција.

Апостолот бил радосен и мирен во далечното прогонство. Ништо не можело да го одвои од Господовата љубов. Господ Исус Христос направил својот сакан ученик да биде уште посреќен. Му ја покажал Својата слава во прекрасното Откровение. Една недела му било дадено да ја созерцува величината на Божјото царство и му била откриена идната судбина на Црквата и на целиот свет. По Господова заповед, тој го запишал она што го видел и чул. Всушност, тоа е последната книга од Новиот Завет, наречена Апокалипсис или Откровение, која влегла во канонот на Светото Писмо.

Подоцна, повторно се вратил во Ефес и проповедал во сите области на Мала Азија, ги обиколил градовите и селата и одвел многу луѓе на вистинскиот пат, со зборови, чуда и личен пример. Многу негови ученици станале познати по својот свет живот. А, пред да замине од Патмос, по барање на тамошните христијани, го составил и четвртото и последно Евангелие.

Чувствувајки ја близината на неговото блажено преставување, им наредил на неговите чеда да му ископат гроб. Им дал последни упатства, ги благослови, легнал во гробот и му ја предал душата на Бога. Тој беше единствениот апостол што умрел со природна смрт. Само тој остана под крстот и не се откажа од Христос и само тој мирно се упокои во Господа. Кратко потоа му бил откопан гробот, но неговото тело не било пронајдено. Така што, за него, уште сега е извршен вечниот суд и е одредено вечното пребивалиште, оддесно на Бога. Се слави двапати годишно, на 26 септември и на 8 мај.

Свети апостол Филип

После Андреј, Петар и Јован, Исус Христос го пронашол Филип во Галилеја и го повикал да Го следи.

Св. ап. Филип бил роден во Витсаида, од каде потекнувале апостолите Петар и Андреј. Спасителот, гледајќи го, му заповедал да Го следи. Тогаш Филип, веднаш пошол кај својот пријател Натанаил и му рекол дека го пронашол Месијата: „Го најдовме Исус, синот на Јосиф, од Назарет, за кого Мојсеј го напиша Законот, а пророците зборуваа“, после што и Натанаил бил повикан од Христос за апостол (Јован 1, 43-51).

По слегувањето на Св. Дух врз апостолите, Филип го проповедал Евангелието прво во Самарија, каде извршил многу чуда во името на Бога (Дела 8, 5-7) и во Јудеја, каде што го крстил благородникот на етиопската кралица Кендакија (Дела 8, 26-40), а потоа проповедал во Грција. Неговите чуда и учења привлекоа многу луѓе кои, напуштајќи ги своите идоли, се обратиле кон Бога.

Филип, откако поживеал таму извесно време, им назначил епископ, ја напуштил Грција и отишол да проповеда во други земји. Проповедал во Арабија, во Етиопија и секаде преобраќал многу незнабошци во христијанската вера.

На патувањето со брод кон градот Азот, една ноќ бил зафатен од ужасна бура, но по неговата молитва веднаш се појавил сјаен крст на небото, осветлувајќи јо темнината на ноќта и невремето веднаш се смирило. Во Азот, Филип исцелил девојка со силата на Бога и успешно го проповедал Евангелието. Во градот Хиерополис, кога слушнале дека Филип проповеда нова доктрина, сакале да го каменуваат, но еден старец по име Ир ги спречил. „Најпрво послушајте го, и ако се испостави дека неговата доктрина е лажна, тогаш јас ќе го убијам“, им рекол старецот. Чудата што ги извршил Светиот апостол, откако воскреснал мртов човек пред целиот народ, конечно ги убедило незнабошците, и многу од нив прифатиле да бидат крстени.

Потоа Филип отпатувал во многу области во Мала Азија, смело проповедајќи го Словото Божјо, трпеливо и истрајно претрпувајќи и гонење и страдање. Тука, случајно се сретнал со свети апостол Вартоломеј и со свети Јован Богослов, кој исто така проповедал во Мала Азија, и заедно заминале во Ерапол, во Фригија. Таму, свети Јован ги оставил и продолжил понатаму.

Тука бил и крајот на нивното земно патување, затоа што началникот ги осудил апостолите на распнување. Филип најпрво бил камеуван, а потоа бил и распнат наопаку на крстот. Свети апостол Вартоломеј бил распнат на крст на истото место. Но, одеднаш се случил страшен земјотрес. Возбудените луѓе почнале да ги бараат молитвите на светите апостоли и отишле да ги симнат од крстовите. Тие го симнале Вартоломеј, кој сè уште бил жив, а Филип веќе ја предал својата душа на Бога. Неговите последни зборови биле молитва за неговите мачители. Св. апостол Вартоломеј со почести му го погребал тело.

Многу жители на Хиерополис се покрстиле. Тогаш, свети Вартоломеј го назначил побожниот старец Стахиј за епископ на овој град.

Свети Вартоломеј подоцна заминал во Ерменија, каде што бил распнат на крст. Се слави на 14 Ноември.

Свети апостол Вартоломеј

(Грчки: Βαρθολομαιος, арамејски: бар-Талмај, значење: син на Птоломеј).

Според некои историчари на Црквата се смета за иста личност со Натанаил, кого апостол Филип го повикал да му го покаже Месијата, Христос. Господ му даде власт да лекува болести и да прави чуда во Негово име.

Неговата дејност е тесно поврзана со св. ап. Филип и најчесто проповедале заедно. Во почетокот на нивната самостојна дејност, кога проповедале одделно во градовите во Мала Азија, Филип се наоѓал во тежок период и поминувал низмногу страдања и искушенија. Тоа го почуствувал светиот Вартоломеј и добил откровение да оди и да му помогне. Свети Вартоломеј го послушал внатрешниот глас и веднаш заминал. Од тогаш не се разделиле со Филипа сè до неговата смрт. Со него го делеле сиот труд и сите опасности, но и сите радосни моменти. Тие биле придружени и од сестрата на Филип, Маријам. Заедно, со усрдност се труделе и го проповедале Словото Божјо и со трпение ги поднесувале прогонствата и страдањата.

Свети апостол Вартоломеј го проповедаше Евангелието, како и свети апостол Филип, во источниот дел на империјата – Фригија, Сирија, Мала Азија и Ерменија.

Во една Лидијанска населба тие се сретнале со возљубениот ученик Христов св. Јован Богослов и заедно отишле со него во Фригиската земја. Тие влегле во градот Хиерополис и го проповедале Христа, а св. Јован продложил понатаму.

Свети Филип бил првиот што пострадал од нив двајцата. Нешто подоцна и апостол Вартоломеј бил распнат со главата надолу, на истото место, како и св. Филип. Го убиле на ѕверски начин, дерејќи му ја целата кожа и на крајот му ја отсекле главата со меч. Христијаните го симнале телото на апостолот од крстот и го поставиле во оловен ковчег.

Моштите на свети Вартоломеј подоцна биле пренесени во неаполскиот град Беневенто, а потоа во Рим. Се слави на 11 Јуни.

Св. апостол Тома

(арамејски: Таума, близнак).

Гледајќи ги чудата на Спасителот, тој поверувал во Него и го заследил. Свети Тома е познат по своето блажено сомневање или, поточно, барање на потврда за Христовото воскресение.

„Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам!“

Потоа (Христос) му рече на Тома: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив, туку поверувај!“

„Господ Мој и Бог Мој,“ – исповеда Тома. (Јован 20, 24-29).

Како и другите апостоли, во почетокот, по Педесетницата и слегнувањето на Светиот Дух врз апостолите, и св. Тома престојувал во Ерусалим. По извесно време, апостолите фрлаа ждрепка – кој каде ќе оди да го проповеда Словото Божјо. Ждрепката за св. ап. Тома паднала да оти во Парција, Медија и Индија. Свети апостол Тома бил послушен на Црквата и без двоумење пошол во овие тогаш најдалечни земји, за и тамошниот народ да слушне за Христос и Неговата спасителната наука, па да поверуваат и да се спасат.

Свети Тома, не само што е познат по потврдата за Христовото воскрсение, подоцна се поврзува и со потврдата за Богородичното успение. Имено, кога дошло времето Мајката Божја да се претстави пред Христос, таа посакала за последен пат да ги види сите свети Апостоли. Токму тоа и се случило. На чудесен начин, сите апостоли и ученици Христови, биле собрани во Ерусалим за да земат учество во погребувањето на Мајката Божја.

Само св. ап. Тома не успеал да пристигне на време. Тој стигнал три дена подоцна и сакал да се поклони пред нејзиното чисто тело. Заради него, апостолите го подигнале нагробниот камен, но нејзиното тело не го нашле. Нејзиниот син, Господ Исус Христос, ја вознел со Него на Небесата за да биде заштитничка на целиот човечки род.

Апостол Тома се вратил да ја продолжи својата работа на истот начин.

Кога пристигнале на местото каде ќе биде извршена казната, свети апостол Тома ги замолил војниците да му дадат време за да се помоли. Тој потоа ги благословил и ги ракоположил своите двајца блиски ученици: Сифор за свештеник, а Азан за ѓакон. Тој ги замолил да се грижат за верните и да работат на зајакнување на Црквата.

Завршувајќи ја на овој начин својата апостолска мисија, свети Тома прифатил маченички крај. Војниците го убиле пред многумина негови ученици кои горко плачеле за него. Апостол Тома бил прободен со пет копја.

Свештеникот Сифор и ѓаконот Азан го извршиле погребот на својот сакан учител. Потоа го презеле управувањето со Црквата. Побожните Мигедонија и Тертијана им помогнаале.

Така, во Партија и Мидија, како и во Индија, Црквата уште во апостолско време започнала да триумфира над незнабожечкиот паганизам. Свети апостол Тома се слави на 6 Октомври.

Св. апостол и евангелист Матеј

(Грчки: Ματθαιος, арамејски: Матитијаху – Божји дар)

Роден е во Капернаум, исто така е наречен и Левиј. Пред да биде повикан за апостол, бил собирач на данок. На бреговите на Тиверијадското езерото, во близина на Капернаум, каде се собирале даноци, Христос го видел Матеј, застанал и го повикал да го следи (Матеј 9, 9; Марко 2, 14).

Од тоа време, Матеј секогаш бил со Христа, вброен на Неговите Дванаесет ученици. Тој е исто така наречен Левиј. Но, со смирение, тој самиот се нарекува Матеј-Митар, потсетувајќи се на претходната, не толку благодарна титула.

После Педесетница, свети Матеј, првин останал во Палестина и го проповедал Евангелието со другите апостоли во Ерусалим и околината. Но, дошло време апостолите на Христа да бидат расфрлани во различни земји и меѓу различни народи, за да ги приведат во Христовата вера. Пред апостолот да го напушти Ерусалим, локалните христијани го замолиле да им остави писмо од спасителното учење на возљубениот Господ Исус Христос, за да може постојано да се поучуваат и на тој начин да ја чуваат верата исправна и да ја надополнуваат празнината од апостолското отсуство. Другите апостоли се согласиле и соборно одобриле да им се исполни нивното барање. Исполнувајќи ја заедничката желба, осум години по Вознесението на Христос, свети Матеј го напишал првото Евангелие на Господ Исус Христос.

Тој беше првиот што ги опишал настаните од Господовиот земен живот. Неговиот наратив е невообичаено едноставен и разбирлив за секого и детално го пренесува возвишеното божествено учење на Христос. Тоа е главната негова карактеристика.

Кога го напуштил Ерусалим, светиот апостол Матеј го проповедал Евангелието во многу други земји. Објавувајќи го Христос, тој поминал низ Македонија, Сирија, Персија, Партија и Мидија, отпатувал низ цела Етиопија, која му паднала со ждрепка и каде го просветлил народот со светлината на Евангелието. На крајот, поучен од Светиот Дух, пошол во земјата на еден канибален и ѕвероподобен народ.

Принцот на таа земја, прв дошол со своите благородници да го испита апостолот и да слушне што тој проповеда. Во тој момент Бог му го отворил срцето и тој потполно поверувал во Исус Христос, како единствен Бог и Спасител, Кој го држел својот слуга Матеј неповреден, како за време на неговиот живот во оган, така и по неговата смрт во водата. Гледајќи ја верата и ревноста на Фулијан, епископот Платон го огласил, го научил на вистинската света вера и го крстил.

Семето поесеано од светиот апостол кај него родило стократен плод, та тој наскоро се откажал од овој суетен свет, му го предал царството на друг и целосно се предал во служба на Бога. Гледајќи ја неговата вера, епископот Платон го ракоположил за презвитер. И кога епископот починал три години подоцна, презвитерот го прифатил епископскиот чин и напорно работел за Евангелието Христово. Многу идолопоклонички народи ги привел при Бога.

Свети Јаков Алфеев

Светата Црква го познава како брат на светиот апостол и евангелист Матеј.

Свети Јаков Алфеев, заедно со другите апостоли, го проповедал Словото Божјо најпрво во Ерусалим и цела Палестина, а потоа и во голем број блиски и далечни земји. Тој беше со апостол Андреј Првоповиканиот во Едеса. Проповедал исто така и во Газа, Елевтерополис и сите други места утврдени со ждрепката. Долго време престојувал и во Египет. Извесно време живеел и проповедал во градот Острацин, каде што ги запечатил апостолските дела со мачеништво. Бил распнат на крст.

Се слави на 9 Октомври.

Св. ап. Јуда

(Грчки: Ιουδας, арамејски: Јехуда: благословен).

Исто така се споменува и како Тадеј и Левиј. Евангелистот Метеј го нарекува Леви, што значи „срдечен“. Апостолот Јуда се нарекува и Тадеј, што значи „пофален“, затоа што го прославил и исповедал Христа Бога и им го проповедал Евангелието на многу народи.

Бил син на Јосиф, обручникот на Пресветата Дева Марија и затоа, како и неговиот брат Јаков, е наречен „брат на Господа“.

Пред да биде повикан бил земјоделец, а потоа станал „земјоделец“ на нивата Божја.

Јуда е брат на светиот апостол Јаков Праведен, прв поглавар на црквата во Ерусалим. Светиот апостол Јуда обично се нарекува Јуда Јаковов, односно брат на апостол Јаков. Тој го прифатил ова име заради својата смиреност, затоа што се сметал себеси за недостоен да се нарекува брат на Господа по тело, уште повеќе, затоа што згрешил пред Господа, прво, со своето маловерие и второ, со небратољубието што го покажал кон Исуса.

Божествениот Јуда, кој беше фрлен од крилото на Ерусалимскиот храм, го проповедал Евангелието и го ширел христијанството најпрво во Јудеја, Галилеја, Самарија, Идомеја, потоа во Арабија, Сирија и Месопотамија. На крајот дошол во градот Едеса, кој му припаѓал на кралот Авгар, кралот, кој се излекувал преку неракотворниот образ Божји. Овде, пред него, проповедал и Тадеј, еден од седумдесетте апостоли. Овде, апостол Јуда го комплетирал и го поправил она што не го завршил неговиот претходник Тадеј.

Се вели дека светиот апостол Јуда го проповедал христијанството во Персија, од каде го напишал своето Соборно послание до христијаните.

Апостол Јуда посетил многу различни земји, проповедајќи го Евангелието, приведувајќи ги народите во верата Христова и учејќи ги за патот на спасението. Стигнал дури до територијата на Арарат. Со својата проповед оддалечил многу луѓе од идолопоклонството и ги привел во христијанството. Тука, апостолот силно го привлекол гневот на идолските свештеници против себе, кои го фатиле, и по разни измачувања го заковале на крст и со стрели го прободиле. Така, светиот апостол Јуда го завршил својот подвиг и живот, и отишол кај Христа Бога за да ја добие од Него круната на вечната награда на небото.

Се слави на 19 Јуни.

Св. апостол Симон Зилот

(грчки: Σιμων; Aramaic: Shim’on, оној кој е послушен на Бог)

Се нарекува и Кананит (Марко 3, 18), затоа што потекнува од градот Кана во Галилеја.

Тој е истиот младоженец од свадбата во Кана Галилејска. На свадбената прослава, меѓу поканетите бил и Исус Христос, Неговата Непорочна Мајка и неговите ученици. Тука, Спасителот го извршил Своето прво чудо, со претворање на пет садови на вода во вино (Јован 2, 1-11). Веројатно, Симон потекнува од многу сиромашно семејство, па дури и на таков семеен празник, на неговата свадба, немал доволно вино за гостите. Мајката на Исус сочуствувала со тоа и умилително се обратила кон својот Син: „Немаат вино…“.

Симон бил наречен Зилот (Лука 6, 15; Дела 1, 13), што значи ревносен, затоа што бил непокорен поддржувач на Христос и ревносен во Законот Господов. Според некои црковни толкувачи, тој бил наречен Зилот, бидејќи по чудото на свадбата во Кана Галилејскаа, бил исполнет со љубов и поврзаност кон Исус Христос и станал ревносен проповедник на Словото Божјо.

Кога Светиот Дух се спуштил врз апостолите, во форма на огнени јазици, на Педесетница, тие го примиле дарот на зборување на повеќе јазици за да можат да им го проповедаат Евангелието на сите народи. Откако и Симон го примил Светиот Дух, тој тргнал неустрашиво да го проповеда Христа низ разни земји. Поминал низ Египет, Мавританија, Либија, Нумидија, Киренија и Абхазија. Тој исто така бил и во Британија. Тој просветил со верата Христова многу незнабожци кои не го познавале Христос, за што бил распнат од неверниците и го завршил животот со маки, слични на распнувањето на коешто бил подложен и Самиот Исус Христос.

Се слави на 10 мај.

Св. апостол Матиј

Роден е во Витлеем и потекнува од племето Јудино. По Вознесението на Исус Христос, сите апостоли престојувале во Ерусалим, чекајќи го слегувањето на Светиот Дух. Вкупно на број биле 120, кои му останале најверни на Христос и го очекувале ветениот Утешител, Светиот Дух. Бидејќи бројот на 12-те избрани апостоли се испразнил, заради отстапништвото на Јуда Искариот, св. ап. Петар предложил да се комлетира тој број преставувајќи ги за кандидати Матиј и Јосиф, наречен Варнава, а по прекар Јуст.

„Браќа – рече апостол Петар – неопходно е еден од овие луѓе, кој цело време бил со нас, кој остана и комуницираше со нас, од крштевањето на Јован до денот кога се вознесе од нас, да биде со нас сведок на Неговиот воскресение. И фрлија ждрепка за нив, и ждрепката падна на Матиј; и тој се вброи кон единаесетте апостоли.“ (Дела 1, 15-26). Со слегувањето на Светиот Дух, во вид на огнени јазици, и Матија го прими Светиот Дух со другите апостоли“. (Дела 2, 1–4).

На слегнувањето на Светиот Дух, апостол Матеј прво го проповедал Евангелието во Ерусалим и Јудеја, потоа, заедно со апостолите Петар и Андреј, отишол во Сириска Антиохија, во Кападокискиот град Тијан и во Синоп, регион околу Каспиското Море. Тука бил затворен во темница, од која Светиот апостол чудесно го ослободил св. Андреј Првоповикан. После тоа, тој отпатувал за Амасија, Едеса, Севастија, па дури стигнал и до Етиопија.

После долгата проповед во различни градови и многуте различни страдања за името Христово, светиот апостол Матиј го добил венецот на мачеништво во Ерусалим, бил каменуван и со секира му ја отсекле главата. Св. Елена, мајка на римскиот император Константин Велики, ги пренела моштите на Матиј од Ерусалим до Рим.

Се слави на 6 Август.

Свети апостол Павле

Не бил од првите, големите, дванаесет апостоли, но заради напорот што го вложил, трудејќи се повеќе од другите апостоли, Црквата го вброила меѓу големите, па дури, заедно со св. ап. Петар, го нарекла „Врховен апостол“.

Павле, најпрво се викал Саул, бил Евреин од племето Венјаминово, од градот Тарс во Киликија (Дела 21, 39). Саул имал римско државјанство од своите прадедовци. Тој бил воспитуван во законот на неговите предци и бил непоколеблив ревнител за Бога (Дела 22, 3). Имал и одлично световно образование (Дела 26, 24; 17, 18; Тит 1-12). Имал и занает за правење шатори (Дела 18, 3), кој подоцна многу му послужил. Неговото воспитување му било доверено на наставникот по право, Гамалиил, почитуван од сите луѓе (Дела 5, 34).

Но, ученикот, на почетокот не само што не покажал склоност кон христијанството што го имал неговиот разумен учител (Дела 5, 34-40), дури напротив, жестоката ревност на Саул за јудаизмот, всадила во него силна омраза кон христијаните.

Со оваа намера (околу 35-та години), со овластување и наредба од првосвештениците, се упатил во Дамаск, кога на сред бел ден, на патот го осветлила светлина посилна и од сонцето и слушнал глас од небото: „Саул, Саул, зошто ме гониш? Тешко ти е да бодиш против бодило. Јас сум Исус, кого го гониш ти“. (Дела 9, 1-28; 22, 3-15; 26, 9-18). По тој настан тој ослепил и постапувајќи по инструкциите кои ги слушнал од Христос, му се повратил видот. Се научил на Словото Божјо и сега, уште поревносно од предходното, тргнал во проповед на Словото на Вистината.

Постојаните патувања на св. ап. Павле во различните пагански земји за ширење на Евангелието, придружено со извонредно силно проповедање, непрестајни чуда, непрестајни трудови, неисцрпна трпеливост и висок свет живот, служат како најјасно и неоспорно сведоштво за божествената благодат, па затоа со право бил наречен Апостол на незнабошците.

Неговата област на проповед била Македонија, Грција и Мала Азија, постојано посетувајќи ги во круг. Покрај тоа, тој и на друг начин се грижел за нив испраќајќи им писмени посланија. Зачувани се 14-ет такви посланија, кои подоцна влегле во канонот на Светото Писмо. Тие содржат правила за верата и животот и според свети Јован Златоуст, ја опкружуваат универзалната Црква како да е изградена од дијаманти. Апостолот ги напишал за да го афирмира учењето Христово и за да им послужат на новите преобратеници во верата. Во нив тој детално објаснил како треба да се живее, со цел христијаните да го добијат венецот на достоинството и вечната слава.

Тој учи дека единствениот начин за оправдување и спасение е да се живее според активната вера во Господа Исуса Христа, Кој умрел за наши гревови и воскресна за наше спасение. „Сега – вели тој – кога ќе се ослободите од гревот и ќе станете робови на Бога, вашиот плод е светост и крајот е вечен живот. Зашто платата што гревот ја дава е смрт, а дарот на Бога е вечен живот во Христа Исуса, нашиот Господ“. (Рим. 6, 22-23).

Околу 66-та година, Павле бил окован и бил испратил во Рим на суд. Таму престојувал скоро две години, примајќи луѓе и проповедајќи го Христа. Починал како маченик, на 29 јуни, 67 година, заедно со апостол Петар.

Овие се земјите и народите, кај кои овие дванаесет избрани луѓе успеаја да стигнат и да го посеат семето на Божјото Слово. Евангелистот Јован проповеда и основа Цркви во Азија; Тома во Индија; Андреј во Тракија, Ахаја, Македонија, Грузија и Русија; Филип во Грција, Мала Азија, Арабија, и Етиопија; Вартоломеј Фригија, Сирија, Мала Азија и Ерменија; Матеј во Етиопија; Јаков во Шпанија; Јуда, братот Јаковов, во Арабија, Сирија и Месопотамија, Египет и територијата на Арарат; Тома во Парција, Медија и Индија, Јаков Алфеев во Палестина и Египет; Симон Зилот во Египет, Мавританија, Либија, Нумидија, Киренија и Абхазија. Петар во Месопотамија, Сирија, Антиохија и Мала Азија, Египет и Британија и, заедно со апостол Павле, во Италија; Павле самостојно уште и во Македонија, Грција и Мала Азија. Сиромашните и непознати рибари, жители на некое ерусалимско предградие, стануваат господари на светот и пишуваат писма на цели народи: Римјани, Евреи, Галатјани, Ефесјани, Колосјани, Филипјани, Солунјани и Коринтјани. Потоа се појавуваат Апостолски ученици: Јустин, Ерма и Иринеј, кои пишуваат дека: „целата Франција, Шпанија, Германија, Англија, Африка и целиот Исток е полн со христијани“.

70 мали апостоли

Покрај дванаесетте големи апостоли, Господ Христос избрал и други седумдесет „мали“ апостоли, кои, расеани по светот, ги испратил да го проповедаат Евангелието. „Тогаш Господ избра седумдесет други, и по двајца ги испрати на проповед“. (Лука 10, 1).

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија


About The Author