// Google analytics code

Преподобен Јустин Ќелиски

ЖИВА КНИГА НА ДУХОТ

~+~

Секој Христијанин станува составен дел од полнотата на

Оној Кој исполнува сѐ во сѐ, и самиот се исполнува со таа полнота Божја[1];

и на тој начин достигнува сесовршена полнота на

своето човечко битие, на својата човечка личност.

– преподобен Јустин Ќелиски

Свети Јустин (Поповиќ) Ќелиски или aва Јустин, како што го нарекувале, живеел во многу бурно и опасно време. Ги преживеал двете светски војни и двете балкански војни, како и големата општествена промена од православен монархизам во атеистички комунизам. Во секој од овие периоди било страшно само и да се изјасниш како православен христијанин, а камоли, пак, да носиш крст и мантија. Меѓутоа, неговиот карактер и бестрашноста го прават сличен на гласноговорникот што вика од пустината, великиот Јован Крстител. Освен тоа, неговиот книжевен опус од четириесет томови, меѓу кои и фундаменталните три тома „Православна догматика“ и дванаесетте томови „Житија на светиите“, го прави овој свет отец уникатен и неповторлив за поновата историја на Православната Црква, односно светилник во темнината.

Благој Поповиќ, подоцна отец Јустин, се родил во Врање на 7 април (25 март по стар календар) 1894 година, од родители Спиридон и Анастасија. Неговото потекло, пак, според познатиот српски теолог, Владиката Атанасиј Јевтиќ, е македонско, од градот Тетово. Неговото семејство со генерации наназад било свештеничко, единствено татко му на Благој не станал свештеник, а служел само како еклисијарх (клисар). Неговите родители имале многу деца, но сите им умирале многу млади, така што им останале само три, од кои најмал бил отец Јустин. Се родил на празникот Благовест и затоа му го дале името Благој.

Како дете, со своите родители често одел кај свети Прохор Чудотворец во Пчинскиот манастир и таму стоел на молитва и богослужби, а еднаш бил и личен сведок на чудотворната сила на светителот, кога неговата мајка Анастасија чудесно била исцелена од тешка болест. За длабоката побожност на својата мајка и самиот подоцна често раскажувал, а од неговите белешки е објавен и потресен запис за блаженото претставување на праведната „слугинка Божја Анастасија – Воскресничка, мојата бесмртна дародавателка“.

Основно образование завршил во родното Врање, а потоа со највисоки оценки од приемните испити се запишал во Белградската богословија „Свети Сава“, во којашто учел од 1905 до 1914 година. Професори му биле познати српски богослови и духовници. Од нив посебно се издвојувал јеромонахот Николај Велимировиќ (подоцна Епископ Жички и Охридски), кој станал негов духовен отец и имал огромно влијание во обликувањето на неговиот карактер и животна определба.

Потстриг во монаштво

По трагичната смрт на својот постар брат, младиот Благој сакал сиот свој живот да Му го посвети на Бог, за да биде што поблиску до Него и до својот починат брат, и да замине во манастир. Во јуни 1914 година, Благој сакал да прими монашки потстриг, но неговите родители се противеле на оваа негова желба и на сите начини се обидувале да го спречат своето дете да стане монах, со образложение дека едниот син веќе го загубиле, па ќе нема кому да му го остават нивното наследство. Благој ги послушал и останал дома.

Набргу потоа, за време на Првата светска војна бил мобилизиран во т.н. „ученичка чета“ при Воената болница „Ќеле кула“ во Ниш. При крајот на 1914 година се разболел од пргав тифус и бил пуштен на домашно лекување, за од 8 јануари 1915 година повторно да биде вратен во четата, на должност болничар, во Ниш. Подоцна неговата чета, заедно со војската и свештенството, се повлекла преку Албанија.

Ужасите на војната, немоќта и маките на војниците, блиската средба со смртта и сеќавањето на мачеништвото го поттикнале подлабоко да размисли за суштината на животот. Кај него се разгорел уште поголем копнеж да се замонаши и целиот свој живот да Му го посвети на Христос и служењето на народот. Пристигнувајќи во Скадар, Благој го молел Патријархот Димитриј да го потстриже за монах. Патријархот го дал својот благослов и во ноќта на 31 декември 1915 година, бил замонашен со монашко име Јустин, по светиот маченик Јустин Философ, голем апологет во историјата на христијанската патристика и значаен философ на христијанството.

Како млад духовник

Во мене: јас сум, е еднакво со: јас сакам. Со љубовта сум она што сум.

Да бидеш, да постоиш, за мене е исто како и да сакаш.

И зарем може да има битија без љубов?

За такво битие не знае моето срнечко срце.

– преподобен Јустин Поповиќ

По предлог на Митрополитот Димитриј, подоцнежен Патријарх Српски, една мала група надарени богослови, меѓу кои и монах Јустин, во јануари 1916 година биле испратени во Духовна академија. Меѓутоа, таму станало небезбедно поради немирите што надоаѓале од приврзаниците на богоборечкиот болшевизам, па затоа во јуни 1916 година, со еден стар брод богословите биле префрлени до Бари, а потоа преку Париз во Лондон, каде што ги прифатил јеромонахот Николај (Велимировиќ). Таму неговиот поранешен професор од Богословијата, свети Николај (Велимировиќ), го запишал отец Јустин на Универзитетот Оксфорд. До 1919 година ги поминал редовните студии по богословие, издржувајќи се сам, а не од стипендиите на англиската влада.

Како млад интелектуалец и духовник бил воодушевен од личноста и делото на Ф.М. Достоевски; затоа избрал да пишува докторска теза на тема „Религијата и философијата на Ф.М. Достоевски“. Тезата не му била прифатена, затоа што тој остро ги критикувал западниот хуманизам и антропоцентризам, особено оној во римокатолицизмот и протестантството. Одбивајќи го барањето на своите англиски професори да ги ублажи и измени овие свои ставови, тие не му го прифатиле докторскиот труд и така останал без диплома.

Набргу по враќањето во Србија, Патријархот Димитриј го пратил во Грција. Станал стипендист на Светиот Синод. За време на едно кратко престојување дома, во мај 1920 година, бил возведен во чинот јероѓакон. Во Грција, како и во Русија и во Англија, го запознал тамошниот свет. Особен впечаток на него оставила една постара жена, Гркинка, кај која живеел. За неа тој има кажано дека од неа научил повеќе отколку на целиот универзитет. Како јероѓакон често сослужувал во грчките храмови.

Но, Синодот, од неразјаснети причини, наеднаш му ја скратил стипендијата, пред самиот докторат, и тој морал во 1921 година да се повлече во Србија, најпрво во Белград, за потоа да стане професор во Карловачката богословија. Таму предавал по предметите Свето Писмо, Нов Завет, догматика и патрологија. Успеал да воведе еден сосема „нов дух“, односно да го врати богословското школство на старите темели на патристичкото богословие и пракса, напуштајќи го сувопарниот, наметнат од Запад, протестантско-рационалистички схоластицизам. Таму го примил јеромонашкиот чин. Со текот на времето станал уредник на православното списание „Христијански живот“. Познати се неговите написи „Од уредничката маса“.

Во Карловачката богословија повторно напишал докторска дисертација, но некој му ја украл од работната маса. Темата на којашто пишувал била: „Гносеологијата на свети Исак Сирин и свети Макариј Египетски“. Тоа не го спречило да почне да пишува нова, трета теза. За неколку денови ја напишал приближно истата дисертација: „Учењето на свети Макариј Египетски за тајната на човековата личност и тајната на нејзиното познание“ и докторирал во Атина, во 1926 година. На Карловачката богословија, во март 1927 година, го положил и професорскиот испит, со теза од православната аскетска теологија, на тема: „Гносеологијата на свети Исак Сирин“.

Како вистинољубив и искрено предаден на Христос, понекогаш перото му било „преостро“ и се зафаќало и до некои тогашни неправилности во клирот на СПЦ, посебно високиот, како и во богословските училишта, поради што врз себе го навлекол гневот од страна на некои клирици, кои ги држеле раководните места во Црквата. Поради тоа, во август 1927 година бил протеран од Карловачката богословија во Призрен, каде што поминал околу една година, точно онолку време колку што било потребно за да згасне списанието „Христијански живот“. Во 1928 година повторно го вратиле, но во 1930 година по третпат го отстраниле од Богословијата во Карловци.

За тоа време, на Запад, во Чешка се јавило движење меѓу унијатите за враќање во православната вера. Отец Јустин бил избран за помошник на Владиката Јосиф (Цвијовиќ) во мисијата во Прикарпатска Русија. Поради вложениот труд и успехот што го постигнал таму, Светиот Синод одлучил да го назначи за епископ. Тој одбил, со образложение дека е недостоен за тој чин. Потоа, ниту еднаш не бил предлаган или избран за епископ.

Во почетокот на 30-те години од минатиот век бил поставен за професор во Битолската богословија. Тогаш целата атмосфера во Богословијата била проникната со подвижничкиот дух и благодатното раководство на професорите о. Јован Максимович (подоцна Епископ Шангајски и Сан-франциски), о. Јустин Поповиќ и о. Кипријан Керн. Тој факт укажува дека во оваа Богословија не преовладувал духот на парадоксалното разминување на схоластичкото образование со живото сведочење на верата, толку типично за богословските институции на 20 век. Учениците на овие свети подвижници подоцна станале клирици и вероучители во возобновената Охридска Архиепископија, и биле иницијатори за основање на новата Богословија во 1967 година, како и на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ во 1977 година. Во Битола, Ава Јустин го напишал првиот том од својата „Православна догматика“.

По заминувањето од Битола, во 1934 година станал професор на Богословскиот факултет при Белградскиот универзитет. Како ерудит и љубител на философијата бил високо почитуван од тогашната српска интелигенција со која често се дружел. Станал еден од основачите на Српското философско друштво во 1938 година, во Белград.

Нема пророк без чест, освен во земјата негова и во домот негов

Ние, Христијаните, не се плашиме од смртта,

не се плашиме од нашите гонители.

Нека знаат, ние имаме сигурно оружје за победа,

а тоа е смртта на Господ Христос.

Ние со тоа победуваме!

– преподобен Јустин Ќелиски

Во средината на 20-те години од минатиот век, ава Јустин Поповиќ веќе бил познат и надвор од Српската Црква како голем православен богослов. Во 1928 година бил повикан во Варшавскиот универзитет за професор на Катедрата за догматика, на отсекот за студии по православна теологија. Неговите текстови биле објавувани во дваесетина весници, а неговите дела биле преведувани на руски, грчки, романски и на други јазици.

Насекаде бил почитуван, но според зборовите на Спасителот: „Нема пророк без чест, освен во земјата негова и во домот негов“[2], и свети Јустин Поповиќ најмалку бил ценет од својот народ и високиот клир на неговата Црква во тоа време. Со доаѓањето на новата комунистичка власт во Југославија, во 1945 година, отец Јустин бил изгонет од Белградскиот универзитет (заедно со уште двесте професори), а потоа бил уапсен и затворен. Уапсен бил во манастирот Суков кај Пирот и спроведен во белградскиот затвор, заедно со своето духовно чедо, јеромонахот Василиј (Костиќ). По Божја интервенција, откако отец Јустин и отец Василиј веќе биле осудени на стрелање, биле ослободени во 1946 година. Тогаш отец Јустин бил протеран од Белград, без пензија, лишен од сите човечки, верски и граѓански права.

За време на Втората светска војна живеел во повеќе манастири. Најмногу време поминал во Oвчарско-кабларските манастири, во кои бил уапсен по војната од страна на комунистичките власти. По притворот останал без манастир и немал каде да оди. Тогаш високопреподобната игуменија Сара, знаејќи за каков духовник станува збор и гледајќи ја нивната и општата полза од него, го повикала отец Јустин да престојува во манастирот Ќелије кај Ваљево како јеромонах и нивен духовен отец. Со благослов на Владиката Шабачко-ваљевски Симеон, ава Јустин се населил во манастирот Ќелије, каде што од 27 мај 1948 година живеел во домашен притвор. Постојано бил прогонуван од УДБА, сослушуван и приведуван од властите. Малкумина биле оние што застанале во негова одбрана. Тоа биле ќелиските сестри, протојерејот Живко Тодоровиќ – парох на Лелиќ, неговите ученици и останатите почитувачи. Тие никогаш не го напуштиле, посебно игуменијата Сара со сестринството.

Ревносен проповедник на Божјите тајни

Неспорно, Пресветата Богомајка е најголема и најбогата Дарителка на родот човечки. Таа ни Го даде, ни Го роди Бог, како човек, како Богочовек. И со Него: Вечната Вистина, Вечната Правда, Вечната Љубов, Вечната Добрина, Вечниот Живот. И со тоа Таа го даде сето она што секогаш му е потребно на секое човечко битие: спасението, охристовувањето, обогочовечувањето, обожението, отроичувањето – сите Свети Тајни и сите свети добродетели.

А низ сето и во сето тоа најмилото чудо, чудесниот и сечудесниот Бог, Господ Исус Христос Богочовекот[3].

По својот карактер како човек и духовник, отец Јустин секогаш бил отворен, директен, непоколеблив, но истовремено и полн со татковска љубов за секој човек, што придонело во многу случаи да биде погрешно разбран и да си предизвика непријатности од „противниците“. Има многу живи сведоштва дека неговата вера и ревносна предаденост на Христос – Вистината, длабоката ученост и мудрост, проникливоста и богоречивоста извршиле пресудно влијание врз многу луѓе. Кај многумина, поради живото сведоштво на својата вера и ревносната посветеност на Христос и вистината, извршил решавачко влијание за определување за монашки живот. Во епископска служба упатил десетина свои ученици, а во свештеничка служба и монашки подвиг над стотици и илјадници млади души.

Особено кај него доаѓала студентската младина, заинтересирана за личните и заеднички проблеми на современиот живот. Поради тоа, стекнувал сѐ поголем број ученици. Имал и многу пријатели во Европа и САД, кои тајно го снабдувале со најважната нова теолошка и философска литература. Оттука, доста бил упатен во трендовите на модерниот западен свет, особено во западното христијанство. Не останал и надвор од проблемите на современиот екуменизам, за што напишал и книга „Православната Црква и екуменизмот“.

Отец Јустин, како црковен отец и познавач на православната еклисиологија ја сфаќал Црквата како соборност и заедница, одржувал редовни контакти со други православни браќа од Русија, Грција, Романија. Бил почитуван како духовник и вистински смирен човек од многумина тогашни духовници: Старец Паисиј Светогорец, Старците Ефрем Филотејски (Аризонски) и Ефрем Катунакиски. Одржувал и редовни контакти со Старец Клеопа од Романија, кој високо го ценел неговото мислење и дар на расудување и проѕорливост. Еднаш Старец Клеопа го посетил отец Јустин во манастирот Ќелије и побарал совет од него дали да замине за Света Гора. Отец Јустин му одговорил: „Отец Клеопа, ако отидеш на Света Гора, ќе додадеш уште еден цвет во Градината на Богомајката. Но, кому ќе му ги оставиш верните? Таму, оче свет, се молиш само за себе. А тука се молиш за сите и можеш да приведеш кон Бог многу души лишени од наставници… Јас велам да останеш во својата земја, оче свет, да се спасиш и себеси и да помогнеш во спасението на другите. Тоа е најголемото добро дело на сегашните монаси. Особено сега, кога се бориме со неверието, со сектите, со религиозната индиферентност!“

Ава Јустин имал и дар на плач. На секоја Литургија пролевал изобилство солзи. Често до толку ќе се расплакал што и гласно зарипнувал, така што сите присутни во храмот ќе го забележале, иако тој се обидувал да остане незабележан. Секојдневно служел Литургија, молејќи се со солзи и спомнувајќи на проскомидија стотици имиња на живи и упокоени. Со овие имиња, луѓето често му давале пари, кои биле еден од изворите на приходи за манастирот, како и за неговите лични трошоци, кои главно ги употребувал за патувања и набавка на хартија за пишување на своите многубројни дела.

Свети Јустин Поповиќ бил ревносен проповедник. Познати се неговите многубројни предавања и проповеди, кои се карактеризираат со посебен жар, ревност и копнеж за Вистината. За време на Втората светска војна, престојувајќи во манастирот, се занимавал со превод и пишување догматски, философски, патристички и хагиографски списи, како и толкување на Новиот Завет. Бројните богословски трудови на ава Јустин (околу четириесет томови) по догматика и егзегетика опфаќаат области од патристиката, аскетиката, литургиката, како и теми од христијанската философија, а особено од православната антропологија и философија на културата. Но, ретко кој од весниците по Втората светска војна или некои црковни списанија за време на комунистичката власт се осмелувале да испечатат некој негов текст, така што по 1945 година се снимени само четири статии објавени во татковината и уште неколку во странство.

Завршил два факултета, богословски и философски, течно говорел четири јазици: грчки, руски, германски и англиски, а се служел и со старословенски, старогрчки, латински, романски и новогрчки. За своите преводи користел единаесет речници.

Во вечноста

Човек? – Па човекот е најчудесната и најсовршена работилница,

во која непрестајно се врши таинствено прелевање на

видливото во невидливо, и невидливото во видливо,

како и прелевање на природното во натприродното и

натприродното во природното.

– преподобен Јустин Ќелиски

Отец Јустин се упокоил мирно во Господа, во исто време и ист ден кога е и роден – на празникот на Светото Благовештение, на 7 април (25 март) 1979 година. Бил испратен во придружба на многуброен народ и клирот, и од голем број православни верници, Грци, Руси, Французи, бидејќи многумина од нив, особено монасите на Света Гора, за време на неговиот живот го сметале за свет човек. До ден-денес има повеќе од десет икони со неговиот свет лик во Србија, Грција, Франција, Америка и на Света Гора.

Неговиот гроб близу манастирската црква во Ќелије стана место за поклонение за многу побожни души од целиот свет. Забележани се и бројни чуда на неговиот гроб.

Поради тоа, на својата седница на 29 април 2010 година, Светиот архиерејски собор на Српската Православна Црква го внесе во диптихот на светите на Православната Црква, блаженоупокоениот архимандрит Јустин Поповиќ, духовник на манастирот Ќелије. Литургискиот спомен на преподобен Јустин се слави на 14 јуни (1 јуни по стар календар).

Преподобен и богоносен отец Јустин, моли Го Бога за нас!

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

Тропар на преподобен Јустин

Сладоста на Православието, нектарот на премудроста, оче преподобен,

си ги излеал во срцата на верните како богатство;

со животот свој и учењето си се покажал жива книга на Духот,

Јустине богомудар, моли Го Христос Бог Логосот

да ги ологоси оние кои те почитуваат.


[1] Ефес. 3, 19.

[2] Матеј 13, 57.

[3] Преподобен Јустин Поповиќ.


About The Author