// Google analytics code

Светиот Јован Богослов

St_John_the_Theologian_2

~+~

АПОСТОЛ НА ЉУБОВТА

Красноречието на философијата човечка не е во состојба да ја изрази,
ниту умот на плотскиот човек да го сфати она што ти ни го објави за
беспочетното Битие на Триипостасниот Бог; зашто, слично на Мојсеј,
ти во громови и молњи на гората од Бог ја прими тајната на богословието,
и на светот му објави: дека во почетокот беше Словото,
од искона нераздвоено од Отецот, дека Он е причина на сè што постои,
дека Он е светлина на животот, која темнината не може да ја обземе.
Со такво блескање на светлината на Вистината Божествена,
ние те почитуваме како тајник на беспочетната Троица,
и те славиме како најсовршен богослов:
Радувај се орелу, кој си летнал до самиот пламенолик престол Божји!
Радувај се, ти, кој недостижните тајни Божји ни ги откриваш!
Радувај се, ти, кој човештвото и Божеството Христово ни ги објаснуваш!
Радувај се, кој на љубовта кон Бог и ближниот нè учиш!
Радувај се, ти, кој за таа љубов присуството Божјо ни го ветуваш!
Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову![1]

Богочовекот Исус Христос е потполно совршен и непроменлив. Совршена љубов и совршена слобода. Се воплоти заради нас, за да ни ја даде Неговата совршена љубов, односно да ни се даде Самиот Себе. Колку ние Го имаме, тоа најмногу зависи од нас. Со слободата со која Бог нè обдари, ние одлучуваме колку ќе возвратиме на Неговата љубов и колку ќе Го прифатиме, односно ќе Му оставиме простор во нас.

Светиот апостол Јован бил возљубениот ученик Христов, оној кој Исус „најмногу го љубеше“[2]. Но не дека Христос него го возљуби повеќе од другите, затоа што тој еднакво сите ги љуби, туку поточно, свети Јован Го возљуби Него повеќе од сите. Љубовта е поврзана со отвореноста. Бог е секогаш потполно отворен за сите и ни се дава на сите еднакво, но очигледно е дека отвореноста на светиот апостол Јован кон Господ била поголема од онаа на другите, и затоа Христос му ги открил најголемите тајни.

Син на громот

Имаше еден човек по име Јован, пратен од Бог;
тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него.
(Јован 1, 6–7)

Тајновидецот, светиот апостол и евангелист Јован, наречен Богослов, бил син на Завeдeј и Салoмија. Заведеј бил рибар, имотен и со голема чест во еврејската заедница, а Саломија била ќерка на Јосиф, обручникот на Пресвета Богородица. Таа била од оние жени кои најприсно Му служеле на Господ Исус Христос и кои по Неговото погребение, рано наутро, отишле на гробот со миро да го помазаат Неговото тело, поради што и се наречени жени мироносици.

Свети Јован, заедно со неговиот постар роднина Андреј, уште од млади години поверувал на проповедта на свети Јован Предвесникот и двајцата станале негови ученици. Затоа и Бог ги избрал и ги повикал да го следат меѓу првите. Пoвикан oд Гoспoд Исус Христос, Јoван вeднаш гo oставил свoјoт таткo и мрeжитe рибарски, и тргнал сo свoјoт брат Јакoв пo Христос. Од Господ Христос тој бил наречен „син на громот“ (Марко 3, 17), бидејќи неговото богословие требало да се чуе низ целиот свет како гром и да ја исполни целата земја.

Тој одел по својот благ Учител, учејќи се на премудроста што излегувала од Неговата уста, и Господ Христос многу го љубел поради неговата совршена незлобивост и исклучителна девствена целомудреност. Божествената љубов на Спасителот кон него била толку исклучителна, што во Светото Евангелие за него се вели дека тој е ученикот „кого Исус го љубеше“. И меѓу дванаесетте апостоли, Господ го издвоил за најизвонреден и бил еден од тројцата најблиски Негови ученици, на кои Господ многупати им ги откривал Своите божествени тајни.

Јован, како возљубен ученик, насекаде бил нераздвоен од Христос. А колку Господ го љубел Јован, се гледа од тоа што на Тајната вечера Јован ја ставил својата глава на Исусовите гради. Оти, кога Господ на Тајната вечера објавил дека еден од учениците ќе Го предаде, и кога учениците се погледнале меѓу себе и се чуделе за кого говори, тогаш ученикот кого Исус го љубел ја навалил својата глава на Неговите гради и Го прашал: „’Кој е, Господи?‘ Одговори Исус: ’Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и подадам‘. И кога натопи залак, му го подаде на Јуда Симонов Искариот“ (Јован 13, 21–26).

Господ толку го љубел Јован, што единствено тој имал слобода да ја стави главата на Неговите гради и смело до Го праша за тајната на предавството. Но, и Јован кон својот Учител имал љубов поголема од онаа на другите апостоли: во времето на доброволното страдање на Спасителот, сите ученици Го оставиле својот Пастир и се разбегале, а само тој неотстапно присуствувал во времето на Христовите маки, сострадувајќи со Него со целото срце, плачејќи и ридајќи со Пречистата Дева Марија, Мајката Господова, та дури не отстапил со Неа од постраданиот Син Божји до самиот Крст и до смртта.

Затоа, под Крстот бил удостоен од Господ да биде посинет од Пречистата Дева Марија. Оти, висејќи на Крстот и гледајќи Ја Својата Мајка и ученикот кого го љубел, тој Ѝ рекол на Својата Мајка: „Жено, ете ти син!“ Потоа му рекол на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зел при себе (Јован, 19, 25–27). И Ја имал за своја мајка, и чесно Ѝ служел сѐ до Нејзиното славно успение. На денот на Нејзиното успение, кога го носеле на погреб чесното и свето тело на Мајката Божја, свети Јован пред Нејзиниот одар носел необично блескав царски скиптар, кој на Пречистата Дева Ѝ го донел архангел Гаврил, известувајќи Ја за Нејзиниот премин од земјата на небото.

Верата што го победува светот

Секој кој е роден од Бог го победува светот;

и ова е победата што го победи светот – верата наша.

(1 Јов. 5, 4)

По успението на Пресвета Богородица, свети Јован тргнал со својот ученик Прохор во Мала Азија, за таму да го проповеда Божјото слово, бидејќи по фрлањето ждрепка му припаднала таа област. Одејќи натаму, свети Јован тагувал, бидејќи предвидел неволји на морето, кои му ги претскажал на својот ученик Прохор. И, кога во Јопа се качиле на кораб и коработ испловил, во пет часот попладне настанала силна бура и коработ ноќта се разбил, а сите што биле на коработ пливале по морските бранови, држејќи се кој за што имал. Утредента напладне, морето ги исфрлил на брегот, близу Селевкија[3], а само свети Јован останал во морето. Откако многу плачел по свети Јован, Прохор сам тргнал за Азија. На четириесеттиот ден од патувањето, тој стигнал на едно место покрај морето наречено Мармареот, и таму се задржал за да се одмори. Еднаш, кога го набљудувал морето и тагувал по свети Јован, морските бранови со голем шум го заплиснале брегот и го исфрлиле свети Јован жив. Прохор потрчал да види кого исфрлило морето и го видел свети Јован, го подигнал од земјата, па откако се прегрнале, тие плачеле и Му благодареле на Господ за сѐ. Така свети Јован поминал четириесет дена и ноќи во морето, и останал жив со Божјата благодат. Кога влегле во Мармареот, тие побарале леб и вода, па откако се закрепнале, отпатувале за Ефес.

Кога влегле во Ефес, ги сретнала една жена по име Романа, прочуена по зло дури до Рим, која во градот држела јавно купатило. Таа ги најмила светите Јован и Прохор да работат во купатилото и страшно ги измачувала. Со својата вештина, таа ги намамила да работат за неа: Јован го одредила да го ложи огнот, а Прохор да дотура вода, и тоа сѐ додека се живи. Во таква неволја тие поминале доста време. Но, во тоа купатило имало еден демон, кој секоја година давел по еден од посетителите – младич или девојка. Кога тоа купатило се ѕидало, тогаш, по совет на демонот, во неговите темели заѕидале жив младич и жива девојка. Оттогаш почнале да се случуваат такви убиства. Во тоа време се случило во купатилото да дојде едно дете по име Домн, син на градскиот старешина Диоскорид. Кога Домн се миел во купатилото, демонот го нападнал и го удавил. Тоа силно ја потресло Романа, и таа многу плачела по Домн. Веста за смртта на Домн брзо се раширила низ целиот Ефес, а кога Диоскорид слушнал за смртта на својот син, срцето му пукнало од болка и тој умрел. Меѓутоа, Романа многу ѝ се молела на Артемида да го воскресне Домн, и молејќи си го кинела телото, но тоа ништо не помогнало. Во тоа време, свети Јован го прашал Прохор што се случило. Кога ги забележала дека разговараат, Романа го фатила свети Јован и почнала силно да го тепа, навредувајќи го и обвинувајќи го за смртта на Домн. На крајот му рекла: „Ако не го воскреснеш Домн, ќе ти ја одвојам душата од телото“. Тогаш свети Јован Му се помолил на Господ и го воскреснал детето. Потоа, свети Јован го воскреснал и Диоскорид, па така во Христос поверувале и Диоскорид, и Домн, и Романа, и се крстиле. Страв ги опфатило сите луѓе и се восхитувале на тоа што се случило. Свети Јован го истерал лошиот дух од купатилото, а потоа тие престојувале во домот на Диоскорид, утврдувајќи ги новопросветените во верата и учејќи ги на добродетелно живеење.

Еднаш, во Ефес многу свечено се празнувал празникот на Артемида: народот во бели облеки ликувал крај нејзиниот храм, во кој стоел идолот на таа божица. Тогаш, свети Јован се искачил на една височинка блиску до тој идол и громогласно го изобличил слепилото на незнабошците, за тоа дека не знаат кому му се поклонуваат, и дека наместо Бог почитуваат демон. Народот страшно се разјарил и почнал да фрла со камења по светиот апостол, но ниеден камен не паднал на него, туку сите камења се враќале и ги погодувале оние што ги фрлале. Свети Јован ги подигнал рацете кон небото, Му се помолил на Бог и веднаш настанала страшна жештина, од која двесте луѓе паднале мртви. Откако одвај дошле на себе од страв, останатите го молеле светиот апостол да се смилува на нив, бидејќи ги беше спопаднал трепет и ужас. Свети Јован Му се помолил на Бог и сите умрени воскреснале, и сите паднале пред свети Јован и поверувале во Христос, па се крстиле.

Во тоа време, римскиот цар Домицијан започнал голем прогон на христијаните, и светиот апостол Јован бил наклеветен пред него. Епархот Асиски го фатил светиот апостол и го испратил окован во Рим кај ќесарот, каде што поради исповедањето на Христос најпрво бил тепан, а потоа му дале да испие чаша смртоносен отров. Кога, според Христовите зборови: „И ако нешто смртоносно испијат, нема да им навреди“ (Марко 16, 18), отровот не му наштетил, тогаш го фрлиле во котел полн со зовриено масло, но светиот апостол и оттаму излегол неповреден. А, народот викал: „Голем е христијанскиот Бог!“ Ќесарот, не осмелувајќи се повеќе да го мачи свети Јован, бидејќи го сметал за бесмртен, го осудил на прогон на островот Патмос, како што и Господ му рекол во сон на свети Јован: „Треба многу да пострадаш, и ќе бидеш прогонет на еден остров, на кој си му многу потребен“.

На Патмос

Еднаш ноќе, пред полноќ, додека пловеле кон Патмос, настанала голема бура на морето и сите во очај почнале да викаат, бидејќи коработ почнал да се распаѓа. Потоа повикале кон свети Јован, молејќи го да им помогне и да Му се помоли на Господ да ги спаси од погибел. Тој им наредил да молчат, почнал да се моли и бурата веднаш престанала и настанала голема тишина. Еден војник на коработ се разболел од страшна срцева болест и бил на умирање, но светиот апостол го исцелил. На коработ снемало вода, и многумина, изнемоштени од жед, биле на умирање. Свети Јован му рекол на Прохор: „Наполни ги садовите со морска вода“. И, кога садовите биле наполнети, светиот апостол рекол: „Во име на Исус Христос, нацрпете вода и пијте“. Кога нацрпиле, тие виделе дека водата е слатка, и откако се напиле, тие здивнале. Кога ги виделе ваквите чуда, сопатниците на свети Јован се крстиле и сакале да го пуштат свети Јован на слобода, да оди каде што сака. Но, тој ги посоветувал да го одведат на островот Патмос.

Таму апостолот поминал долго време, продолжувајќи ја својата проповед и чинејќи многу чуда. Со силата на Господ Исус Христос направил многу чуда, болни исцелувал, демони изгонувал и со молитва срушил многу пагански храмови, и ги преобратил сите жители на островот, осветлувајќи ги со Светлината на Евангелието.

Во истиот град имало и еден прочуен храм на идолот Бахус, кого идолопоклониците го нарекувале „татко на слободата“. Собирајќи се таму за време на неговиот празник со јадење и пиење, мажите и жените се веселеле и откако ќе се опиеле, вршеле големи беззаконија во чест на својот бог. Кога дошол таму за време на празникот, свети Јован ги изобличувал за таквото бесрамно празнување, а жреците, кои таму ги имало многу, го фатиле апостолот и го тепале, па го извлекле надвор и го фрлиле врзан, а самите повторно се вратиле кон своето одвратно дело. Свети Јован Му се помолил на Бог за да не го трпи таквото беззаконие, и идолскиот храм веднаш се урнал до темел и ги убил сите жреци, а останатите луѓе преплашено го одврзале светиот апостол и го молеле да не ги погуби и нив.

Во тоа време бил убиен царот Домицијан. По него, на римскиот престол стапил Нерва, кој бил мошне добар човек, и тој ги пуштил на слобода сите кои биле во заробеништво. Тогаш и светиот апостол Јован бил ослободен и сакал да се врати во Ефес, бидејќи речиси сите луѓе на Патмос веќе ги имал обратено во Христос. Но, кога христијаните дознале за неговата намера, го молеле да не ги остава. Бидејќи светиот апостол бил решен да се врати во Ефес, тогаш тие го замолиле да им го остави барем Евангелието како спомен на неговото учење, кое тој таму го напишал.

Совршен богослов

По Божја промисла, откако се простил и на сите им наложил пост, тој го зел со себе својот ученик Прохор и излегол од градот на една оддалечена висока гора, каде што поминал три дена во молитва. По третиот ден, се појавиле силни грмотевици и молњи, и сета гора се затресла, а Прохор од страв паднал на земјата. Откако се свртел кон него, свети Јован го подигнал, го поставил од својата десна страна и рекол: „Пишувај го тоа што ќе го слушнеш од мојата уста“. И, откако ги подигнал очите кон небото, повторно се молел, а по молитвата почнал да зборува: „Во почетокот беше Словото…“, и останатото. Ученикот внимателно запишал сѐ што слушнал од неговата уста, и така било напишано Светото Евангелие. Откако се симнале од гората, апостолот му наредил на Прохор повторно да го препише. Светиот апостол се согласил преписот да им го остави на христијаните на Патмос, согласно нивната молба, а оригиналот го задржал кај себе.

На истиот остров свети Јован го напишал и Откровението. Според Преданието, еднаш, апостол Јован, заедно со својот ученик, се повлекол од градот во пустинската пештера, и таму првите десет дена ги поминал заедно со Прохор, а другите десет дена сам. Во текот на последните десет дена ништо не јадел, туку само Му се молел на Бог да му открие што треба да прави. И слушнал глас од небесата: „Јоване, Јоване!“ Јован одговорил: „Што заповедаш, Господи?“ И слушнал: „Истрај уште десет дена без храна и ќе ти бидат откриени велики нешта“. Свети Јован поминал уште десет дена без храна. И тогаш се случило прекрасно чудо: ангели Божји му пришле и му соопштиле многу неискажливи тајни. А кога Прохор се вратил кај него, тој го пратил по мастило и хартија, па потоа два дена му говорел на Прохор за откровението што го имал, а тој запишувал.

Пред своето заминување од островот Патмос, свети Јован ги посетил сите околни градови и села, утврдувајќи ги браќата во верата. Еднаш му се случило да биде во едно село во кое живеел некој жрец по име Евхарис, кој имал слеп син. Овој жрец одамна сакал да го види свети Јован. Кога слушнал дека свети Јован дошол во нивното село, тој поитал кај него, молејќи го да дојде во неговиот дом и да му го исцели синот. А свети Јован, гледајќи дека ќе ги придобие човечките души, отишол во домот на жрецот и му рекол на неговиот слеп син: „Во име на мојот Господ Исус Христос, прогледај!“ И тој веднаш прогледал. Кога го видел тоа, Евхарис поверувал во Христос и бил крстен заедно со својот син.

И во сите градови на тој остров, свети Јован добро ги уредил светите цркви, поставувајќи им епископи и презвитери; и откако доволно ги поучил жителите, тој се поздравил со сите и почнал да се враќа кон Ефес. Верниците го следеле со голем плач и ридање, не сакајќи да се лишат од такво сонце, кое со своето учење ја просветило сета нивна земја, но светиот апостол седнал на коработ и откако на сите им посакал мир, отпловил по својот пат. Кога стигнал во Ефес, верниците го пресретнале со неискажлива радост, воскликнувајќи и говорејќи: „Благословен е оној кој доаѓа во името Господово!“ И бил примен со чест. Престојувајќи таму, тој не престанувал да се труди, секогаш учејќи ги луѓето и упатувајќи ги на патот на спасението.

Учител на љубовта и покајанието

За мене нема поголема радост од тоа –

да чујам дека моите чеда живеат во вистина.

(3 Јов. 1, 4)

Важно е да не се премолчи ни она што за светиот апостол Јован го кажува Климент Александриски[4]. Кога апостолот ги обиколувал градовите во Азија, тој во еден град видел еден добронамерен младич, па го поучил во верата. Но, имајќи намера да отпатува оттаму за проповед на Евангелието, тој пред сите го доверил овој младич на епископот на тој град, за да го научи на сите добродетели. Епископот го зел младичот и го научил на Светото Писмо, но не се трудел за него колку што треба, ниту му дал воспитување какво што им е потребно на младите, туку го препуштил на неговата волја. Набргу потоа, младичот почнал да води лош живот, почнал да се опива и да краде. Потоа се спријателил со разбојниците, кои го одвеле во пустините и горите, го поставиле за свој водач и вршеле разбојништва по патиштата.

По извесно време, на враќање, светиот апостол Јован дошол во тој град, па кога слушнал за овој младич дека се расипал и станал разбојник, му рекол на епископот: „Врати ми го богатството што ти го предадов на чување, како во верни раце. Врати ми го оној младич, кого пред сите ти го доверив да го научиш на страв Божји“. Епископот со плач одговорил: „Тој младич пропадна, умре во душата, а со телото врши разбојништва по патиштата“. А свети Јован му рекол на епископот: „Зарем така се чува душата на својот брат? Дај ми коњ и придружник за да одам и да го побарам оној што ти го погуби“.

Кога свети Јован дошол кај разбојниците, ги замолил да го одведат кај нивниот водач. Кога младичот го видел свети Јован, се засрамил, па скокнал да бега во пустината. Но, свети Јован заборавил на својата старост и потрчал по него, викајќи: „Сине мој, врати се кај својот отец и не очајувај поради својот пад, а твоите гревови ќе ги земам на себе. Застани и почекај ме, бидејќи Господ ме прати кај тебе“. Младичот застанал, па со трепет и срам паднал пред нозете на светиот апостол, не смеејќи да го погледне в лице. А светиот апостол, откако го прегрнал со родителска љубов, го целивал, па го зел и со радост го одвел во градот, бидејќи ја нашол загубената овца. И многу го поучувал, учејќи го на покајание, а младичот усрдно се трудел и Му угодил на Бог со покајанието. Откако добил простување на гревовите, се претставил во мир. Потоа, светиот апостол повторно се вратил во Ефес и живеел во куќата на Домн, и обратил огромен број луѓе кон Христос и направил безброј чуда.

Колку голема љубов имал овој апостол Христов кон луѓето, се гледа и од следната случка. Во еден од градовите што ги посетил свети Јован имало една богата вдовица по име Проклијанија. Таа имала син по име Сосипатар, и таа, под влијание на ѓаволот, се вљубила во својот син и се трудела на сите можни начини да го принуди на своето беззаконие. Но, синот побегнал од неа и дошол на местото каде што свети Јован тогаш го поучувал народот и се напојувал со апостолските поуки. На свети Јован од Светиот Дух му било откриено што се случило со Сосипатар, го зел насамо и му советувал да ја почитува мајка си, само да не ја слуша во беззаконското дело и на никој да не му говори за тоа, туку да го покрие гревот на својата мајка. Сосипатар не сакал да се врати дома кај својата мајка, но Проклијанија го пронашла на четвртиот ден, го фатила за облеката и насила го влечела дома.

На тоа викање, се појавил управителот, кој неодамна дошол во тој град и прашал за причината зошто жената така го влече младичот. Криејќи ја својата грешна намера, мајката го наклеветила синот дека наводно сакал да ја обљуби. Кога го слушнал тоа, управителот поверувал во лагите и го осудил невиниот Сосипатар да биде затворен и зашиен во кожена вреќа полна со смртоносни змии, и така да биде фрлен в море. Кога дознал за тоа, свети Јован дошол кај управителот, изобличувајќи го за неправедната осуда, бидејќи не ја испитал работата како што треба, туку невиниот младич го осудил на смрт. А, Проклијанија го клеветела и свети Јован и говорела: „Овој измамник го научи мојот син на такво зло“. Кога го слушнал тоа, управителот наредил и свети Јован да биде зашиен во истата вреќа, заедно со Сосипатар, и да го фрлат в море.

Но, светиот апостол Му се помолил на Господ и одненадеж се затресла земјата, а на управителот му се исушила раката, со која тој ја потпишал пресудата против светиот апостол; на Проклијанија, пак, ѝ се исушиле двете раце и очите ѝ се извртеле. Кога судијата го видел тоа, страшно се преплашил и сите присутни испопаѓале ничкум од страв. И судијата го молел свети Јован да се смилува на него и да му ја исцели исушената рака. Откако светиот апостол го поучил доволно за праведниот суд и за верата во Христос, го исцелил и го крстил во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Така невиниот Сосипатар бил избавен од смрт, а судијата Го познал вистинскиот Бог.

Проклијанија од страв побегнала во својот дом, носејќи со себе Божја казна. Но, апостолот го зел Сосипатар и отишол во нејзиниот дом. Сосипатар не сакал да оди кај својата мајка, но свети Јован го учел на незлобивост и го уверувал дека тој од својата мајка повеќе нема да слушне ништо беззаконско, бидејќи таа се оцеломудрила. Навистина така и се случило. Оти, кога свети Јован со Сосипатар влегол во нејзиниот дом, Проклијанија веднаш паднала пред нозете на апостолот, исповедајќи се со плач и каејќи се за своите гревови. Откако ја исцелил од болести и ја научил на вера и целомудрие, апостолот ја крстил со целиот нејзин дом. И така, откако се оцеломудрила, Проклијанија ги минувала своите денови во големо покајание.

Лет до огнениот престол Божји

Возљубени, сега сме чеда Божји! Но уште не се покажа што ќе бидеме.

Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него,

оти ќе Го видиме каков што е.

(1 Јов. 3, 2)

Последните години од својот живот светиот апостол Јован ги поминал во испоснички подвизи: се хранел само со леб и вода, не ја стрижел својата коса, се облекувал во проста платнена облека. Од старост немал сила да го проповеда словото Божјо ни во околината на Ефес. Ги поучувал само епископите на Црквата и ги поттикнувал неуморно да го учат народот на зборовите од Евангелието, а особено да ја помнат и проповедаат првата и главна заповед Евангелска – заповедта за љубовта. Блажен Ероним кажува: „Кога светиот апостол толку бил немоќен, што учениците го носеле во црква, и тој немал сила да говори долги поуки, тогаш своите беседи ги сведувал на тоа што непрестајно ја повторувал оваа поука: ’Деца, љубете се еден со друг!‘ А кога еднаш учениците го прашале зошто тоа непрестајно им го повторува, тој одговорил: ’Тоа е заповедта Господова, и ако неа ја држите, тоа е доволно‘“. На крајот од својот живот светиот апостол бил возљубен од целиот христијански свет. Во тоа време тој бил единствениот апостол – очевидец Господов, бидејќи сите други апостоли веќе преминале. Затоа многумина копнееле да го видат и да се допрат до неговата облека.

Кога свети Јован имал повеќе од сто години, тој излегол од куќата на Домн со седум свои ученици, и откако дошол до едно место, им наредил да седнат. Било утро и откако малку се оддалечил од своите ученици, тој Му се помолил на Господ. Потоа, неговите ученици, по негова желба, му ископале крстолик гроб, а тој му заповедал на Прохор да оди во Ерусалим и таму да остане до својата смрт. Откако ги поучил учениците и ги целивал, светиот апостол рекол: „Земете земја, мојата мајка, и покријте ме со неа“. И учениците го целивале и го покриле до колена; и откако повторно го целивале, го покриле до гуша и му ставиле покривка врз лицето; и откако уште го целивале, целосно го покриле со голем плач. Кога за тоа слушнале браќата во градот, дошле и го откопале гробот, но ништо не нашле, и многу плачеле, па откако се помолиле, се вратиле во градот.

Секоја година, на осмиот ден од месец мај, од неговиот гроб излегувала некаква ситна прашина, миомирисна и исцелителна, која по молитвите на светиот апостол Јован им давала исцеление на болните, во чест на Бог, славен во Троица низ сите векови.

О, преславен и сефален апостолу и евангелисту,

љубимецу Христов, возљубен Јоване,

со своето сесилно посредништво измоли за нас,

кај сесилниот Учител твој, и Владика наш и Господ,

секое времено и вечно богатство, и христијански крај на нашиот живот,

за со тебе во населбата на праведните, и со хоровите ангелски

да Му запееме на Триипостасниот Бог: Алилуја![5]

 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

09 / 10 / 2021

[1] Извадок од Акатистот на светиот апостол и евангелист Јован Богослов.

[2] Види: Јован 21, 20.

[3] Приморски град во Сирија.

[4] Климент Александриски – знаменит христијански учител од првите векови на христијанството. Се упокоил околу 217 година.

[5] Извадок од Акатистот на светиот апостол и евангелист Јован Богослов.


About The Author