// Google analytics code

Рождество на Пресвета Богородица – Митрополит Струмички Наум

Raganje na Bogorodica~+~

Рождеството на Пресветата Владичица наша Богородица и Секогашдева Марија е убав повод да се потсетиме колку сме уште далеку од вистинската љубов кон Неa и колку треба да се покаеме поради овој наш пад. Зборувам за духовна љубов, не за душевна. За првата, потребен е голем труд во православниот духовен живот; со втората сме родени.

Не смееме да ја нарушуваме рамнотежата на Богочовечката синергија, т.е. содејство во Црквата на Светиот Дух, каде што ни само Бог е Тој што сѐ прави, ни само човекот. Првото е ерес на монофизитизмот, а второто е ерес на несторијанизмот. Така, точно е дека Бог сѐ направи – за нас и наше спасение, но ништо од тоа што направи не ќе беше возможно без Нејзиното „да“, без согласноста на Богородица и без Нејзиниот подвиг на љубов кон Бог.

Богородица не можела да биде која било жена, како што тврдат некои христијани, затоа што тогаш Бог би испаднал садист, Кој иако можел веднаш да нѐ спаси, чекал илјадници години да се појави Дева Марија. Значи, не можело која било жена, туку Таа што самата се подготвила за тоа. Ниту таа девојка била нешто посебно и одделно од човечкиот род, како што тврдат други христијани – затоа што тогаш Таа не би можела да ги претставува сите луѓе. Ниту е православно да се споредува одречно делото на Синот со делото на Мајката. Делото на Богочовекот Христос без делото на Секогашдева Марија е незамисливо и неизводливо. И во трите случаја крајно се нарушува Богочовечката рамнотежа и содејство, чиј верен чувар се православниот благодатен опит и теологија на Црквата.

Но, битен е и начинот на нашето спасение. Нас не би нѐ спасил Богочовекот Исус Христос доколку по целиот Домострој на нашето спасение само се вознел на Небесата и седнал оддесно на Отецот, во тело, туку Он нѐ спасува, како што веќе спомнавме, во Црквата како Тајна на Неговото Тело, чија Глава е Он. Како што би рекол нашиот преподобен Ава Јустин, толкувајќи го светиот апостол Павле (парафразирам): во Црквата на Светиот Дух, како Тело на Богочовекот Христос – Кој воскресна од мртвите, секој молитвено и благодатно се спасува и се восовршува преку сите и со сите, и сите се спасуваат и се восовршуваат преку секого и со секого. Затоа што секој, во Богочовекот Христос, по благодатта на Светиот Дух, живее во сите и сите живеат во секого, во едно свето меѓусебно проземање.

Освен ова благодатно проникнување, проземање, друг начин на постоење и спасение за нас, христијаните, е невозможен, и незамислив. Ние не сме етичко тело, ние сме Тело Христово – еден со друг благодатно-органски поврзани и еден на друг органи. Спасението е тајна на учество во Телото Христово токму на овој начин.

Сега, условно речено, кој било светител можете мисловно да го изоставите од ова Тело, но обидете се мисловно да Ја изоставите Богородица од овој Богочовечки организам и ќе видите дека ништо нема да остане ни од него, ни и од нашето спасение.

Тајната на Црквата се состои во нововоспоставените лични односи, каде што една девојка од човечкиот род станува Мајка Божја, а Синот Божји – Бог во суштина, станува Син човечки, т.е. Нејзин Син; каде што ние, во Богочовекот Христос, стануваме синови и ќерки Божји, т.е. чеда, деца Божји и Нејзини деца – по благодат, а Христови браќа и сестри. Нововоспоставените личносни односи го надминуваат односот само Бог и само човек – однос без онтолошка врска помеѓу себе; и само преку исполнување на Божјите заповеди се сфаќаат.

Светото Предание и православниот аскетско-исихастички подвиг чиј чувар е Црквата наша Православна и целата Богочовечка рамнотежа, често, свесно или несвесно, намерно или ненамерно, се напаѓа со зборови и дела.

Постои едно златно правило: Со влегување во Црквата човекот треба да замолкне со устата, а да проговори со делата, сѐ до добивањето на дарот на просветлување на умот, односно дарот на умно-срдечната молитва! Може да говори јавно за духовни работи само во три случаја: ако е свештено лице, или и кога не е, но некој го прашува нешто полезно за неговото спасение, кога за тоа има благослов од духовниот отец (епископот) – но и во двата случаи, не од себе, туку од Светите отци и кога некој, однатре – во Црквата, ги руши догмите или грубо ги прекршува светите Канони.

Никој не би требало да се превознесува со својот затемнет ум? И никој не би требало со таков ум да се обидува да го толкува Евангелието, и тоа не за кој било, туку за Самата Мајка Божја, пред Чија тајна и небесните воинства скромно молчат, Која Светите отци Ја нарекле и Црквородица? Зошто тоа луѓето го прават – нека си размислат? Нека размислат добро затоа што  преку превознесување умот станува демоноподобен.

Или, ако некому не му е јасна Нејзината позиција во Црквата, само би го прашал: зошто Нејзе би Ѝ требало да биде божица, кога Таа е Богородица? Или кому би му сметала Нејзината позиција во Црквата ако не, првенствено, на демонот.

Како да се избегне замката нашиот разум да стане компатибилен со демонскиот разум? Ќе ја избегнеме со тоа што ќе се трудиме, колку повеќе можеме, да ја користиме примарната функција на умот, а практично тоа би значело – постојано да се трудиме да бидеме во заедница со Бог преку послушание и молитва, и на тој начин да стекнеме духовен, т.е. преобразен разум – со чија помош правилно ќе дејствуваме во односот кон светот во кој живееме. Тоа е патот што ни го покажа Самата Богородица.

Зошто го ставивме послушанието, односно ставањето на паднатиот ум во процес на исцеление пред молитвата? Зашто пред да влеземе во природен начин на живот и постоење, а тоа ни го овозможува само послушанието, секој подвиг во Црквата би бил бесплоден.

Да не се залажуваме: или сме во послушание на Бог и Неговото Предание во Црквата или сме во послушание на демонот. Или ја преобразуваме енергијата на умот или го храниме само разумот со знаење и го возгордуваме до демонски димензии. Трета опција немаме.

Послушанието кон Бог, во Црквата, нема никаква врска со робовскиот и наемничкиот однос. Послушанието е најчудесната тајна на нашиот слободен личносен однос со Бог. Само во оваа тајна човекот расте како слободна личност до бескрајните димензии на боговподобувањето. И само во оваа тајна Бог му станува послушен на човекот. Зарем тоа не го гледаме во животот на Пресвета Богородица?

Послушанието е Нејзината најинтимна љубовна тајна. Нашиот ум и нашето слово се немоќни пред оваа тајна, но она што, сепак, е очигледно за сите е фактот дека одеднаш Бог почнува Неа да Ја прашува за дозвола дали да прави или да не прави нешто – почнува Неа да Ја слуша.

Само видете го оној неискажлив момент од светата Благовест – без Нејзиното „нека ми биде“ ништо не стана од тоа што потоа стана во Божјиот Домострој на спасението на човекот и светот. Или видете го оној чудесен момент од свадбата во Кана Галилејска кога Таа Му кажува дека гостите „немаат вино“. Дали, по навидум грубиот одговор, Таа нешто Го замоли или Му се обрати повторно? Не, им се обрати на слугите – „Направете како што ќе ви рече!“ А Кој постапи според Нејзината желба, претворајќи ја водата во вино? Лично Нејзиниот Син, а наш Бог, Богочовекот Исус Христос. Кој Кому овде Му е послушен? И што овде не е јасно!?

Сакам сега да споделам со вас некои мои сознанија, доживеани како одредени случувања, кои ги чувствувам како клучни во мојот духовен живот, а се надевам и вам многу ќе ви помогнат. Примете ги како обична исповед и помолете се за мене, бидејќи, иако знаев, доста потфрлив во исполнувањето.

Пред многу години, на самиот почеток од мојот православен духовен живот, во книгата „Старец Захариј“ (1850 – 1936) го прочитав следното: „Старецот многу се радуваше кога некој од неговите духовни чеда го исполнува молитвеното правило на Богородица, кое се состои од тоа молитвата Богородице Дево да се кажува секој ден по сто и педесет пати. Мајката Божја Самата го има устроено ова правило, но луѓето уште одамна го пренебрегнале, пренебрегнувајќи го на тој начин и послушанието кон Богородица Патеводителката, нашата Радост“. Го доживеав прочитаното како за мене да се однесуваше и со голема радост го прифатив.

Уште велел: „Ништо не започнувајте, чеда мои, без благослов од Царицата Небесна. А кога ќе го завршите делото за кое сте барале благослов, заблагодарете Ѝ се на Неа, брзата Помошничка во сите добри дела“. Рековме дека секој Божји дар само преку Неа го добиваме. Оттаму и молитвата: „Господи Исусе Христе, заради Богородица, помилуј нè!“

Во истата книга го прочитав и ова: „Свети Серафим Саровски (1759 – 1833), исто така, на своите духовни чеда им го препорачуваше ова правило. На монахињите од Дивеевскиот манастир им советуваше, секојдневно, шетајќи околу ѕидот на манастирот, да ја изговараат молитвата Богородице Дево сто и педесет пати. Во ќелијата на овој светител е пронајдена необична книгичка со опис на чудата што им се случувале на луѓето кои го исполнувале ова молитвено правило“. Точно така, прво ги доживуваме како чуда, а потоа стануваат секојдневна реалност. Се запишуваат единствено за да се поттикнат верата и подвигот на другите.

Свети Григориј Палама, во своите дела, објаснува од каде произлегува ваквиот однос, посебно на нас, монасите, кон Богородица Марија.

Би го подвлекол само следното: „се ослободи од сите тварни окови и ги отфрли сите (земни) врски… и воспостави нов и неискажлив пат кон Небото“. Во неколку зборови е собрано сето она што постојано ви го говорам за восогласувањето на начинот на нашиот подвиг со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаме, односно за екстремното туѓинување од првиот степен до добивањето на дарот на умно-срдечната молитва. Ниту ќе имаме, ниту пак, сакаме подобар образец и учителка за собран и внимателен живот на внатрешниот човек од Пречистата Богородица Марија.

Но како сето ова го знае свети Григориј Палама? Секако, само од личен опит. Прочитајте го неговото житие, од кое сега ќе ви претставам еден мал исечок:

„Еден ден, на Света Гора, кога Григориј беше задлабочен во молитвата кон Бог, одненадеж пред него застана светлозрачен и благолик маж, свети Јован Богослов, и умилно гледајќи кон него, го праша: ’Зошто ти, молејќи Му се на Бог, секојпат постојано повторуваш: просветли ја мојата темнина, просветли ја мојата темнина?‘ Григориј одговори: ’Што друго би барал освен тоа: да се просветлам и да познаам како да ја творам Светата волја Негова?‘ Тогаш светиот Евангелист му рече: ’По волјата на Владетелката на сите, Богородица, отсега јас ќе бидам со тебе неотстапно‘“.

Колку убаво: „По волјата на Владетелката на сите, Богородица…“ Гледате ли како Таа – нашата Учителка, внимава на трудот на оние кои го следат патот што им го покажала и како ги поткрепува?

Еве и уште нешто од мојот мал опит, собран во Нејзината Школа, што секој од вас може веднаш да го присвои и во пракса да го вкуси, без никакви посебни подготовки:

Кога даваме (кога Му се принесуваме) преку молитвата на Бог без да бараме од Него нешто, тогаш молитвата ни е собрана, а кога бараме од Бог нешто, тогаш нашиот ум се расејува.

Кога молитвата не е цел самата по себе (се мисли на постојаното повторување на името Христово), туку нејзина цел е заедницата со Бог, тогаш молитвата се кажува во дух на покајание; и обратно.

Кога во молитвата Го бараме само Бог, тогаш срцето се отвора и умот влегува во него, а кога го бараме отворањето на срцето, тогаш тоа се затвора.

Ајде повторно и оваа година – како и во годините наназад, на Нејзиниот роденден, да го обновиме нашиот подвиг – молитвеното правило Богородице Дево… Оваа молитва, за нас, раслабените, е последна брана пред злото што навира од сите страни; и на личен план и на план на заедницата. Но, овојпат, не без плач – макар внатрешен, без оглед на тоа дали на нив се принудуваме или ни доаѓаат од благодатта. Не без покајание, пред Неа.

 

Пресвета Богородице, прости ни и спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

 (20.09.2022 15:01)

 

 


About The Author