Свети Наум Охридски – Митрополит Струмички Наум
Чествувањето на преподобниот отец наш Наум, Охридскиот чудотворец, е секогаш убав повод да се потсетиме на некои вистини од нашата вера, кои иако не се лесни за слушање и за исполнување сепак се Предание на Светите отци на Црквата.
Согласно опитот на сите Свети, единствен темел на вистинскиот духовен живот во Црквата е вистинската вера. Вистинска вера може да биде само една. Учеството во вистинската вера во Црквата истовремено значи и учество во вистинска благодат. Затоа вистинската вера го соединува човекот со Бог. Вистинската вера е и критериум за вистински духовен живот.
Но, и вистинскиот православен и подвижнички или аскетско-исихастички духовен живот во Црквата е единствен метод со којшто се стигнува до богопознание, до спознание на вистинската вера. Спознанието на вистината, на лично ниво, во строго православна духовна смисла, не е само интелектуално човечко достигнување туку, пред сè, е Божји дар на просветленост на умот и обожение на личноста. Дар Божји, кој се добива после голем подвиг на очистување на срцето од страстите, во Црквата.
Светите отци честопати нагласуваат дека православниот духовен живот на христијаните не е нешто случајно, нешто хаотично, нешто што може како било, туку во духовниот живот постои еден препознатлив и совршен ред кој не може да се пренебрегне.
Kако што може да се забележи во светото Предание на Православната Црква, постои поделба на духовниот развој, односно на духовната зрелост, на степени. Оваа поделба ја наоѓаме кај многумина од Отците, иако можат да се сретнат различни именувања на степените.
Свети Никита Ститат, на пример, вели дека постојат три степени во напредувањето кон совршенството: почетна состојба на чистење, преодна состојба на просветлување и мистична состојба на совршенство. Во теологијата на свети Максим Исповедник овие три степени се претставени како: практична философија, природно созерцание и мистично богословие.
Овие степени на духовно растење кај свети Исак Сирин ги пронаоѓаме именувани како: покајание, чистота и совршенство. Како што вели тој, „покајание е: да се престане со својот претходен гревовен начин на живеење и, притоа, да не се жали за тоа. Чистота е: срце исполнето со сострадална љубов кон сето создание… И, на крајот, доаѓа совршенството, имено – смирението, а тоа значи: одрекување од сите видливи нешта, но и од сите мислени нешта, и пребивање (во Бог) над сите тие нешта, без никакво помислување на нив“.
Битно е да се запамти дека според Отците, во суштина, првиот степен е очистување на срцето од страстите, вториот е просветлување на умот, а третиот – обожение на целиот човек.
Исто така, според нив, но и според здравата логика, на секој од овие три степени се случува различен квалитет на духовен живот – односно на секој степен од духовниот развој: се пројавува посебен квалитет на молитва, одговара соодветен начин на организирање на животот, подвижникот се соочува со различни видови искушенија, постои карактеристичен однос со духовниот отец како и соодветно духовно раководство, одговара еден од трите свештенички чинови итн., итн.
И не само што молитвата е различна на секој од степените на духовниот развој, туку токму по квалитетот на молитвата и ги разликуваме степените на духовниот развој.
На првиот степен, кој се нарекува очистување, молитвата е само умствена и усна, односно монахот или подвижникот може да ја изговара со устата и може да ја следи со својот ум. На вториот степен, кој се нарекува просветлување, умот веќе се наоѓа внатре во срцето и таму ја следи молитвата, што се изговара со внатрешното слово.
Разликата помеѓу вториот и третиот степен е во тоа што на вториот степен монахот со напорот на својата волја (аскетски) го држи умот собран во срцето и во зборовите на молитвата што таму ја изговара, а на третиот тоа го прави самата Божја енергија или благодат. Благодатта непрестајно го задржува умот во срцето, а молитвата тече во срцето на подвижникот и кога тој спие и кога зборува или што било работи или мисли. Непрестајната умно-срдечна молитва е само еден од плодовите на обожението, но поради личносната димензија на односот со Бог што ја содржи во себе – најважен. Молитвата на оние што се наоѓаат на степенот на обожение е чудотворна.
Постојат уште некои специфичности во врска со молитвата: на пример, треба да се знае дека најнапред, на првиот степен, се чисти енергијата на умот. Дури на вториот степен, кога умот ќе влезе во срцето, тогаш почнува непосредно да се чисти и суштината на умот, која се наоѓа во срцето како духовен центар на човекот. Затоа и го нарекле Отците овој степен просветлување на умот. На третиот степен се случува она што кај Светите отци се нарекува грабнување на умот, и гледање на несоздадената божествена светлина.
Како што на секој степен му одговара посебна молитва, исто така му одговара и соодветен начин на живот. На пример, во Православната Црква познати се три начини на организација на монашкиот живот: општoжитие или киновија, што подразбира живот на поголем број монаси во една заедница; скит, што означува живот на заедница од тројца или четворица; и пустина, што означува живот на еден монах оддалечен од светот.
На првиот степен – на очистувањето на човековото срце – му одговара општожителниот, на вториот степен му одговара скитскиот, а на третиот степен – еремитскиот начин на живот.
Секако, секој од начините на организација на монашкиот живот е поткрепен со соодветен манастирски типик. Не е ист, на пример, типикот на општожителниот манастир со типикот на манастирот во кој се спроведува скитски начин на живот. Типикот на општожителниот манастир го карактеризираат долги заеднички богослужби во манастирскиот храм според редот во богослужбените книги, додека типикот во скитот се заснова на повеќечасовна Исусова молитва во осаменоста на монашката ќелија.
Исто така, Отците бараат да се почитува и правилото според кое примањето на свештенички чинови соодветствува со овие три степени на духовниот раст. Оној што е на степенот на очистување и го поминува правилно под раководство на духовен отец, може да добие ѓаконски чин. Оној што го достигнува степенот на просветлување на умот може да биде ракоположен за презвитер, а пак, оној што го достигнува степенот на обожение може да биде Епископ.
На пример, свети Максим вака ги поврзува трите стадиуми на духовниот живот со трите степени на свештенството: „Делото на ѓаконот го врши оној што го вежба својот ум за свештени подвизи и ги изгонува од себе страсните помисли, а делото на презвитерот (свештеникот) – оној што го просветлува својот ум во познание на создадените битија и со тоа го уништува лажнонареченото знаење; додека, делото на епископот го има оној што го восовршува својот ум со светиот мир на познанието на обожуваната и Пресвета Троица“[1]. Додека, пак, во своите списи „За црковната ерархија“, свети Дионисиј Ареопагит вели: „Епископите во потполност ја поседуваат моќта на просветлувањето… Нивната задача не е само да просветлуваат туку и да восовршуваат. Свештениците се просветлени и просветлуваат, додека ѓаконите очистуваат и знаат да расудуваат“[2].
Постојат и различни искушенија на секој од степените. И духовното раководство, како и односот на послушание кон духовниот отец, едно од поважните поглавја во православниот духовен живот, е различен на секој од овие степени. Итн., итн…
Уште еднаш да нагласиме дека е многу важно да се осознае хармонијата на духовниот живот, за наоружани со ова знаење да исфрлиме секаква импровизација од него. Во овој ред и во оваа хармонија секој во Црквата треба да си го препознае своето место и степенот на својот духовен раст и задолжително да го восогласи начинот на својот живот и подвиг според нив.
Од сето досега општо изложено, веќе можеме да ги поврзуваме и споредуваме квалитетот на духовниот подвиг на секој од степените на духовниот развој со атрибутите чиј носител е свети Наум. Во преданието на Црквата свети Наум е: рамноапостолен, исповедник на верата, учител, просветител, преподобен, чудотворец, исцелител, отшелник, началник на монаштвото, па дури и маченик.
Очигледно е дека описот на квалитетот на духовниот живот и подвиг од третиот степен на духовниот развој – обожение, одговара на квалитетот на духовниот живот и подвиг на свети Наум Охридски, онака како што тоа го знаеме од неговото житие, од црковното предание и од нашиот опит на неговото благодатно присуство и влијание во Црквата денес.
Мислам дека овде лежи и одговорот на прашањето, зошто свети Наум може, иако само еднаш, да се сретне насликан на иконите во архиерејски одежди и зошто тоа не е грешка. Таа иконографија, наизглед случајна, е едно потсетување за сите нас на неговата внатрешна духовна есхатолошка состојба на обожение, како и на свештеничкиот чин соодветен на тој степен.
И да привршуваме: само оној што уште во времето на својот живот ја усвоил вечноста, може и низ времето, до денешен ден и до крајот на векот, да го совршува истото рамноапостолно и чудотворно дело во слава Божја. Нашиов Литургиски собир, во негов спомен, е само уште еден, од многубројните докази, за ова.
И нешто лично. Зимата 1984 година, во патријаршијата во Белград, бев на исповед кај сега блаженоупокоениот Митрополит Амфилохиј. На моето прашање: „Зошто немаме монаштво во Македонија?“ – тој се насмевна и ми одговори: „Па еве, ти“; сакаше да ме потсети на личната одговорност што секој од нас ја има во Црквата, за сѐ. И потоа сериозно ми одговори: „Молете се на свети Наум и Бог ќе даде“. И така…
Преподобниот наш отец Наум, Охридскиот чудотворец, е основоположник на монаштвото меѓу нашиот народ, а неговото духовно влијание преку неговата просветителска и апостолска дејност, преку неговите ученици, се протега и многу пошироко меѓу словенските народи. Тој и денес претставува непресушен извор на инспирација, и тоа не само етички туку и мистагошки. Затоа, неспорна е неговата голема улога и како наш духовен отец, и како апостол и исповедник на верата во зачувувањето и во обезбедувањето на континуитетот на суштината на вистинското христијанско предание; што значи и преку преданието на хармонијата на аскетско-исихастичкиот подвиг во Црквата и во проповедта на вистинската вера, низ вековите до денес.
Јас сум еден од живите сведоци дека и возобновените монашки заедници во манастирите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија се плод на неговото надвременско и натпросторно влијание. Знам дека ова духовно чувство и сознание го споделуваат со мене и сите останати монаси како Светинаумови наследници и сотрудници во делото Божјо, во тајната на домостројот на спасението на човекот и светот.
Тајната на Православието, или тајната на вистинското славење на Бог преку богословието (теорија) и тајната на вистинското славење на Бог преку нашите дела (пракса), е содржана во тајната на личноста; и во тајната на Христовата Личност и во тајната на секоја охристовена (обожена) личност во Црквата. И затоа да заклучиме: само личности, како свети Наум, подготвени да се одречат од себеси и да се жртвуваат себеси за Бог и за своите ближни, можат да го градат во историјата она што ќе остане вечно, односно вечното да го воплотуваат во историјата, а историското постоење да го преобразуваат во нов, бесмртен облик на битие и Светотроичен начин на постоење.
Преподобен отец Наум, моли Го Бог за нас!
Митрополит Струмички Наум
(02.07.2022 15:15)
_____________________
[1] Свети Максим Исповедник, „400 глава о љубави“, Призрен, 2 стотица 21, 1992, стр. 77.
[2] Митрополит Јеротеј Влахос, „Православна психотерапија“, Образ светачки, Београд, 1998, стр. 68.