Благовештение – Отец Гаврил Галев
~+~
Денес е почеток на нашето спасение и откривање на вечната тајна:
Синот Божји станува Син на Дева и Гаврил објавува блага вест.
Затоа и ние да повикаме кон Богородица:
Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе!
(тропар на Благовештение)
Кога навршиле единаесет години од пребивањето и служењето на Пресветата Дева во Ерусалимскиот храм, и четиринаесет години од раѓањето, односно кога стапила во петнаесеттата година од животот, свештениците Ѝ соопштиле дека, според Законот, Таа веќе не може да остане во храмот, туку треба да се вери и да стапи во брак. Но, на големо изненадување за сите свештеници Пресветата Дева одговорила дека Таа се посветила на Бог и дека сака да остане девојка до смртта, без да стапи во брак со кого било. Тогаш, по промисла и вдахновение Божјо, првосвештеникот Захариј, таткото на свети Јован Предвесник, заедно со останатите свештеници, собрал дванаесет неоженети луѓе од Давидовото племе, за на еден од нив да му се довери Дева Марија на чување на Нејзиното девојчинство и на грижа за Неа. Таа му била врачена на стариот и праведен Јосиф од Назарет, кој Ѝ бил и роднина. Во домот на Јосиф, Пресветата Дева продолжила да живее исто како и во Соломоновиот храм.
Но, кога навршило времето пророкувано од пророкот Даниил, и кога Бог благоволил да го исполни Своето ветување на Адам и на пророците, се јавил великиот архангел Гаврил во одајата на Пресветата Дева, и тоа, како што пишуваат некои свети писатели, токму во мигот кога Таа ја држела книгата отворена на пророкот Исаија и размислувала за неговото големо пророштво: „Ете, Девица ќе зачне и ќе роди син!“ (Иса. 7, 14).
Архангел Гаврил Ѝ се јавил во архангелска светлина и Ѝ рекол: „’Радувај се, благодатна! Господ е со Тебе!‘, Оној Кој е пред Тебе, сега е со Тебе, и малку подоцна ќе се роди од Тебе. Он Кој е пред секоја вечност, сега е под времето. О неизмерно човекољубие! О неискажливо милосрдие!“
Слушнувајќи го овој поздрав, Пресветата Дева се збунила за тоа каков е тој чудесен поздрав. Се збунила и зачудила, бидејќи порано ангелот никогаш не дошол во таква голема небесна слава и со толку радосен поздрав, а Ја збунила и новината на поздравот, тоа што Таа, девојка, е вброена меѓу жените. Ангелот продолжил: „И ете, ќе зачнеш и ќе родиш Син, и ќе Му го дадеш името Исус. Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот. И Господ Бог ќе Му го даде престолот на Неговиот татко Давид, и ќе царува над Јакововиот дом довека, и Неговото Царство не ќе има крај“ (Лука 1, 30–33).
На тоа Пресветата Дева Марија му рекла на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога не знам за маж?“ (Лука 1, 34). Тоа не значи дека Пресветата Дева не верувала на зборовите на ангелот, туку Таа, исполнета со благодатта Божја, точно знаела дека ќе Го роди Благовестениот, зашто тоа го дознала од Самиот Бог во храмот; Таа само не знаела на кој начин ќе се случи тоа, кога е девојка што не познала маж. Свети Григориј Ниски вели како Пресвета Богородица да му вели на ангелот: „Кажи ми го начинот на Раѓањето, о ангеле! И ќе го најдеш срцето Мое подготвено за Божјата намера. Зашто сакам таков плод, но без повреда на девственоста“.
А ангелот Ѝ одговорил: „Светиот Дух ќе дојде на Тебе и силата на Севишниот ќе Те осени; затоа Светото што ќе биде родено од Тебе – ќе се нарече Син Божји“ (Лука 1, 35). „Од Него ќе зачнеш во утробата; Он ќе изврши во Тебе надумно зачнување. Светиот Дух, Кој сè чини, ќе го направи тоа во Тебе, о Пресвета Дево, во пречистата Твоја утроба бессемено ќе устрои од телото Твое тело за бесплотниот Бог Словото. Зашто низ Тебе, врата запечатена со чистота и со девственост чувана, Господ ќе помине како што сончев зрак поминува низ стакло и кристал, осветувајќи и просветлувајќи Те со Својата божествена слава, за да станеш вистинска Мајка Божја, раѓајќи совршен Бог и совршен Човек, и останувајќи и при раѓањето девствена како што си била и пред раѓањето“, вели свети Амвросиј.
Слушнувајќи ја оваа благовест, Пречистата со најдлабоко смирение одговорила: „Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според твоите зборови“ (Лука 1, 38). И веднаш во Нејзината утроба, со дејство на Светиот Дух, се извршило зачнување на неискажлив начин, без телесна наслада, но не и без духовна наслада. Зашто тогаш особено се топело срцето на Пречистата Дева од божествен копнеж, и со пламен на серафимска љубов горел Нејзиниот дух, а сиот Нејзин ум се вдлабочувал во Бог и се насладувал со Неговата љубов на неискажлив начин. И во тоа Нејзино духовно насладување, со слатко богољубие и умно боговидение, се зачнал Синот Божји, и Словото станало тело и воплотувајќи се, се всели меѓу нас.
„Царот на сите ја посака таинствената убавина на Секогашдева, како што Давид прорекол (Псал. 44, 11). ’Ги приклони Он небесата и слезе‘ (Псал. 17, 9), и Ја осени (Лука 1, 35), односно силата на Севишниот дојде за да пребива во Неа во самата Негова Ипостас. Тој не го откри Своето присуство преку темнина и оган, како што направи со Мојсеј (2 Мој. 19, 16; 18), ниту преку бура и облак, како со Илија (1 Цар. 18, 45), туку откриената сила на Севишниот директно ја осени совршено чистата утроба на Дева без ништо да посредува, ниту воздухот на земјата или небото, ниту нешто видливо или невидливо. Зашто, тоа не било осенување, туку совршена заедница“, вели свети Григориј Палама.
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија