// Google analytics code

Недела на слепородениот – Митрополит Струмички Наум

Sleporodeniot1 (2)~+~

Се случија две средби помеѓу слепородениот и Христос: првата додека уште беше слеп; и втората, откако прогледа и откако Го оправда Христос пред фарисеите. И фарисеите двапати се сретнаа со човекот: првиот пат, кога не поверуваа дека бил слеп; и вториот пат, кога сакаа да го омаловажат делото Христово, а и Самиот Христос. И додека фарисеите паѓаа од грев во грев затоа што прво му згрешија на човекот, а потоа и на Самиот Господ; за тоа време човекот напредуваше од сила во сила; прво прогледа, а потоа се просветли.

Ова евангелско четиво е само уште еден школски пример, од многуте во Новиот Завет, на судирот меѓу оние што се држат до словото на Законот – кое убива, и оние кои Го почитуваат Духот на Законот – Кој оживува; меѓу оние што на сè што не одговара на нивното самољубие се спротивставуваат со празни зборови, и оние кои на празните зборови им се спротивставуваат со дела; меѓу оние што се служат со лични дисквалификации, и оние кои се личности; меѓу оние што се кријат зад авторитетот на институцијата, и оние кои се носители на харизмата – дарот на Светиот Дух.

Гледајте колку празните зборови и личните дисквалификации се немоќни пред добрите дела: „Прослави Го Бог; ние знаеме дека Оној Човек е грешен“. А тој одговори и рече: „Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам“. И, што да одговорат на проверениот и потврден факт дека човекот беше слеп, а сега гледа? Со која човечка мудрост и домисла би му се спротивставиле на овој факт, на сите познат? Со кои зборови би му се спротивставиле на кое било добро по Бог дело, а камоли на лично Божјото?

Фарисеите се обидуваат да го дознаат рецептот за успехот, како да е тоа некое тајно знаење што може само со разумот лесно да се достигне и научи, како да е тоа некоја безлична магична моќ, како да е тоа нешто што се продава и купува: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“ Кога не би знаел дека Господ преку слепородениот, најдобронамерно ги потсетува на растењето во личниот однос како пат до таа моќ, би си помислил дека човекот се шегува со нив: „Јас ви реков веќе и не чувте, што сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?“

Но, дали и по ова следи покајание на фарисеите или уште едно промашување? Еве како луѓето без авторитет се кријат зад авторитетот на институцијата што ја претставуваат, а со која очигледно немаат никаква врска: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици. Ние знаеме дека со Мојсеј говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е“.

Кога не би знаел дека Господ преку слепородениот најдобронамерно ги потсетува на духовниот закон на послушанието, повторно би си помислил дека човекот се шегува со нив: „Тоа и е за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите. Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бог и ја исполнува Неговата волја, него го слуша. Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден. И, ако Он не беше од Бог, не можеше да направи ништо“.

Но, дали и по ова следи покајание на фарисеите или уште еден грев на гнев и безверие? Просудете сами: „Сиот си во гревови роден, па зарем ти нас ќе нè учиш?“ И, како што во продолжение вели Евангелието: „тие го испадија надвор“. Колку само ова евангелие потсеќа на случајот со нашата Црква и некои од луѓето кои ја водат административно црквата што не сака да бидеме признаени.

Но, кога фарисеите ќе ве отфрлат од себе, поради сведоштво на Христос, не плашете се, туку радувајте се: тоа е само потврда дека Самиот Христос ве пронашол и ве прифатил, и дека Самиот Христос ве води и ве внесува во сета Вистина. „Исус чу дека го истерале, па како го најде, му рече: ’Веруваш ли ти во Синот Божји?‘ Тој одговори и рече: ’А Кој е, Господи, па да поверувам во Него?‘ Исус му рече: ’И си Го видел, и Кој зборува со тебе, Он е‘. А тој рече: ’Верувам, Господи!‘ И Му се поклони“.

 

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум

(05.06.2021 15:55)


About The Author