// Google analytics code

Живот во опитност и познание – о. Гаврил Галев

DA5D9CB4-0D02-420D-8DE7-F17BF23A2484

~+~

Христос воскресна!

Повторно ќе кажеме, Христос е центар на нашиот живот, а Христовото воскресение е најголемиот и најбитен настан во историјата на човештвото. Без Христовото воскресение човекот е ништо, а без Неговото воскрсение животот е само сенка и сон. Но Христос се воплоти и вочовечи, и со својата смрт и воскресение му даде повторно смисла и живот на човекот. Затоа нашиот живот треба да се базира на верата во Христос и Неговото воскресение.

Многумина се нарекуваат христијани, крстени се, а можеби и држат некои обреди и традиции во Црквата, но нивната вера во Христовото воскрeсение им е слаба, а некои и не веруваат. Но, не се во право. Настанот со Св. ап. Тома ја потврдува вистинитоста на Христовото воскресение. Да не беше Св. ап. Тома и неговото блажено “неверие”, можеби ќе имаа право, но смирението Христово и ревноста на Св. ап. Тома го рушат секое неверие.

Светиот Апостол Тома не дека не бил верен, не можел да биде неверен, кога тој бил еден од најпостојаните и накротките апостоли, оние кои што никогаш не одвратиле ни збор на Христовите одлуки. Туку бидејќи не бил удостоен да биде присутен во тој ден кога Христос се појавил меѓу апостолите, а тоа не било случајно, бил разжалостен и не сакал да се задоволи со тоа што апостолите му кажувале за воскреснатиот Христос, туку тој сакал лично да го види, да се увери и да го потврди тоa.

Таа негова упорност станува столб за наша вера, за потврдување на нашата вера дека Исус Христос воскресна и да се потврди верата на против сите оние кои што се сомневаат, кои што велат кој го видел воскресението Христово. Еве кој го видел. Светите Апостоли го виделе, а Тома не само што го видел дури и го допрел воскреснатиот Христос. Меѓутоа тие што не веруваат, повторно не веруваат. Всушност тие не сакаат да поверуваат затоа што Христос “се ствара ново” и ќе треба да се променат, а на нив им е помил животот во непокајание и задоволување на нивните страсти.

Примерот на Св Тома не треба да се толкува како негативен пример, туку како позитивен. Да се поучиме и ние од него. На светиот Апостол Тома не му бил доволно само тоа што ќе слушне дека Христос воскресна, туку Светиот Апостол Тома сакал опитно да го види, да го допре, да го спознае Христос. Тоа е живот во опитност и заедница со живиот и воскреснат Бог. Таков треба да биде и нашиот живот и нашиот однос кон Христос.

Тоа е вистинското христијанството и христијанскиот начин на живот. Личносен живот во познание на Христос и сето христијанско учење. Нашиот живот да биде Христов живот и Христовиот живот да биде наш живот, на тој начин сме Христови. И да не се задоволуваме со тоа што доволно e да веруваме, доволно е да постиме, доволно е да одиме во црква еднаш во неделата или некои и поретко, да запалиме свеќа и дадеме дар во црквата, туку секогаш опитно да го бараме Христос. Да го бараме Христос, да го допреме и да го имаме Христос.

Христос се допира на многу начини. Со добрите дела и исполнување на Божјите заповеди. Со нашата љубов и нашите лични односи со другите, посебно со непријателите. Преку добрите мисли и чуствата. А најприсно преку светата причест и молитвата, а особено со подвигот на непрестајната Исусова молитва ‘Господи Исусе Христе помилуј ме грешниот,’ во нашиот ум и во нашето срце.

Св. ап. Тома, подоцна ја потврдил својата вера преку неговиот живот. Заминал на проповед најдалеку од сите, дури до Индија и ја потврдил тaмо својата вера или поточно верност кон Христос со својата смрт заради Него. Неговиот пример и ние да го следиме и да живеме како овој свет апостол, да го имаме Христос во нашето срце, да го допреме Христос, зa и ние да можеме да речеме: ‘Бог мој и Господ мој’.

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

09.05.2021 Св Апостол Тома

 


About The Author