// Google analytics code

Митрополит Струмички Наум: Молитвен подвиг или беспомошно чекање

112~+~

Денешново празнично евангелие (Јован 1, 35–51) е уште едно историско сведоштво и конкретен пример на совршена молитвена заедница и однос помеѓу Бог и човекот; сведоштво за исполнета молитва.

Кога Христос му вели на Натанаил: „кога беше под смоквата, Јас те видов“, всушност, му открива Кој го слушал, но и Кој му одговорил на молитвата додека тој се молел под смоквата. А Натанаил со својот одговор: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот Израилев!“ – ни открива и ни сведочи дека, во Богочовекот Исус Христос Го препознава Оној Кому се молел и Кого единствено Го барал во молитвата – Синот Божји и Царот Израилев, очекуваниот Месија.

Така, не знам на што попрво да се воодушевувам: дали на посветената молитва на Натанаил, во која тој Го бара само Него; или на нејзиното совршено исполнување – и како мистично доживување и како лична средба во живо – од страна на Богочовекот Христос?

Додека во празничното евангелие забележуваме активен однос кон Христос, каде Натанаил молитвено и лично се труди да се сретне со Него, во евангелието од денот (Лука 13, 10–17) забележуваме пасивен однос кон Христос, од страна на жената која била опседната од духот на немоќ осумнаесет години; иако таа нема физичка пречка да дојде и да побара помош од Него.

Така, мнозина од оние кои многу години поминале во Црква, доколку се искрени со себеси, состојбата на својата душа многу повеќе ќе ја препознаваат во жената опседната од духот на немоќ отколку во молитвениот однос на Натанаил кон Синот Божји. Зошто е тоа така?

Демонските помисли на сомнеж и колебливост, што произлегуваат од самољубието и маловерието, како и стравот, несигурноста и безволноста што ги следат таквите помисли – го ослабуваат и изнемоштуваат духот во човекот, и го држат, врзан преку страстите, за овоземното и свиен, односно целосно насочен кон овој свет, како кон веќе „посигурна“ потпора.

Нема понедостоен начин за човекот – како икона Божја, повикан кон боговподобување, да ја изгуби својата боголикост (во секој поглед) и да ја промаши целта за која е предназначен, од насоченоста и сигурноста во минливото и пропадливото. Од оваа и ваква состојба само Богочовекот Исус Христос може да исцели.

 

Господи Исусе Христе, преку Богородица, исцели ги нашите немоќи!

Митрополит Струмички Наум

(13.12.2020 11:22)


About The Author