Митрополит Струмички Наум: За судењето и осудувањето на другите
Долга и широка тема. Но, да запишеме неколку мисли.
Секогаш и одново се чудам на осудувањето. Страшна појава. Сеопшта болест. Препрека за каков било духовен напредок и развој. Многу тажно однесување. Поништување на љубовта. Отпаѓање од Христос. Заедница со сатаната. Крајно малоумие.
Сите сме склони кон судење и осудување. Ама некои се „сецнуваат“ и каат, а други како и да не се свесни. Некои се борат против тоа зло, а на некои тоа им станало начин на однесување. Тешко некој конечно да се ослободил.
Една тежина има – да судиш во себе или пред еден или двајца, а друго јавно и пред сите. Едно е да го познаваш човекот, а друго да не си го ни сретнал во живо. Едно е нешто да си видел со свои очи, а друго е прераскажано од втора-трета рака.
Потоа, друго е да судиш од позиција на христијанин и вообичаено „внатре“ во Црквата, а друго е да судиш од позиција на безбожник некому во Црквата.
Добро е да сме свесни за оваа демонска замка самите и постојано, затоа што ако го освестуваме овој демонски феномен само кога другите нас нѐ осудуваат, во тој случај, најчесто, се работи за моментално освестување кое ни служи да осудиме назад.
Многу нешта превидува тој што осудува. Којзнае дали и ќе ни текне на сите. И се чудам од каде да почнам. Од некаде мора…
Прво, превидуваме, на пример, дека таканаречената прва светлина на умот, која ја добиваме на почетокот од нашиот духовен живот, при очистувањето на енергијата на нашиот ум; светлина во која треба да ги видиме само нашите недостатоци и сила со која само себеси и можеме да се исправиме; ако ја користиме за осудување и судење и исправање на другите, односно, во таков случај, го користиме единствено знаењето што од неа останува, тогаш тоа е веќе крај на нашиот духовен развој; и пад.
Не знаеме дека само просветлувањето на умот и дарот на умно-срдечната молитва, преку кои човек добива власт и сила да продре до длабочините на своето срце, ни овозможуваат иста таква власт и сила да продреме и до длабочините на срцата на нашите ближни и подобро да ги познаеме. Без просветлувањето на умот ние ништо не знаеме за другиот, за другите, и кога се знаеме со нив. Просветлениот ум не ги осудува луѓето и кога точно знае какви се, туку сострадува со нив.
Второ, премногу очекуваме од луѓето. Превидуваме дека секој еден човек се наоѓа на одреден степен од духовниот развој. Некои се наоѓаат на надолните степени од противприродниот начин на живот: религиозна невроза, религиозно растројство на личноста (психопатија, социопатија), психоза или демонизираност. Некои, пак, се наоѓаат на нагорните степени од природниот начин на живот: очистување на срцето од страстите, просветлување на умот – со дарот на умно-срдечната молитва, и обожение.
Од невротичен човек се знае што може да се очекува: бидејќи тој слабо ги контролира своите мисли и чувства, тоа обично го пројавува со лоши зборови. Од психопатот или социопатот се знае што може да се очекува: бидејќи тој не сака да си ги контролира своите мисли и чувства, покрај лоши зборови, тоа го пројавува најчесто и со лоши дела. Другите и да не ги спомнуваме. Секое влегување во дијалог за разјаснување, со последните две категории, е залудно.
Трето, се превидуваат многу едноставни и нормални работи, како што спомнав: дали лично го познаваме или не го познаваме човекот на кој му судиме.
Најчесто лично не го ни познаваме човекот, тоа би требало да е доволен факт за да се „сецнеме“ и да застанеме. Посебно кога, лично, и ништо не сме виделе или чуле. Но, малоумноста не би била тоа, ниту демонот тој, кога тука би се застанало.
Ако е човекот јавна личност, тогаш и без да го познаваме можеме да правиме некаква проценка за него – не да му судиме, но само врз основа на неговите дела или пишан и изречен збор – кои вообичаено се јавно достапни, а никако врз основа на озборувања – рекла-кажала.
Да те прашам, човеку, зошто ти е помило да му судиш и да го осудуваш некого врз основа на озборување, кога веќе ти се достапни и познати неговите дела и неговото слово? Посебно неговите дела, затоа што тие најмногу говорат за секого. Да ти кажам директно: од злоба, од завист, од проекција и од демоноoпседнатост.
Најчесто, ние во Црквата, и им судиме на јавните личности (Епископите), а официјалните податоци за нив ни се најлесно достапни. А, ако човекот не е јавна личност и лично не го познаваме, дури тогаш ништо не знаеме за него, и дури тогаш многу промашуваме и паѓаме со осудувањето.
За јавните личности постојат и многу други околности кои ја отежнуваат нашата проценка за нив, на пример: од каде да знаеме во какви сѐ односи човекот влегол и какви сѐ односи (души) треба да изменаџира и избалансира, на локално, регионално, меѓународно и глобално ниво. Колку повисоко во општеството е позициониран човекот и колку понапред е на скалилото од духовниот развој, толку поголем број на луѓе и демони привлекува околу себе и толку повеќе се комплицира проценката за него. Тоа е, просто, недостапно и несфатливо за другите.
И четврто, судењето и осудувањето нѐ дефинираат нас, а не оној што го судиме. Познато е дека судењето и осудувањето се најчесто проекција – она што си ти им го припишуваш на другите, а поретко завист и љубомора – затоа што за второво ти треба и некаков успех во животот, што би го споредувал со успехот на оној кому му завидуваш, а ти немаш никаков успех. Освен, ако за успех го сметаш отворањето на сопствен профил или некаква аналитичка страна на социјалните мрежи. Така што, непослушниот во другиот гледа непослушен, блудникот во другиот гледа блудник, расколникот во другиот гледа расколник, еретичкиот ум во другиот гледа еретик, предавникот Христов во другите гледа предавници итн.
Да не должам многу, памтете ги барем овие четири нешта: зошто ни е дадена првата светлина на дар; да не очекуваме многу од луѓето, туку од себеси; пред што било да кажеме за некого, да си поставиме едно просто прашање – дали ние воопшто и сме го сретнале тој човек во нашиот живот и што може ние да знаеме за него, при таков случај, а да не зборуваме за тоа дали сме виделе нешто со свои очи или чуле со свои уши; и дека судењето и осудувањето нѐ дефинираат нас, а не тој што го судиме.
Судењето и осудувањето е par exellence дело на антихристот. Тоа најмногу ги прави луѓето слични нему. Богочовекот Христос е нашиот единствен судија, а тие што судат и осудуваат се поставуваат себеси на Негово место. Судењето е пророк на појавување на антихристот во светот, тоа е тајната на злото што веќе дејствува во светот (види: 2 Сол. 2, 7).
Ниту божемната, превентивна заштита на православната вера не може да ви биде оправдување за осудување и судење. Ќе речете дека вие не судите, туку дека критикувате и заштитувате. Но, за таков подвиг потребна е и просветленост на умот – со умно-срдечна молитва, а очигледно вие тоа го немате. За благотворна критика е потребна сострадалност, а за сострадалност е потребна просветленост; а дека сето тоа сигурно недостасува се гледа од некултурниот (со многу лични навреди) и самоуверен начин на обраќање.
Само заедничкото сослужување, заедничкото принесување на бескрвна жртва со иноверни и очигледното намерно отстапување од догмите на православната вера е оправдана причина за бунт против воспоставениот поредок – и без просветленост на умот. Ги спомнав само овие две работи, затоа што за толкување на каноните на Црквата, сепак, е потребна просветленост. Така што, дури и силно ве поттикнувам да внимавате првите две работи да не се случат – причестување заедно со еретици и отстапување од учењето на православната вера, односно, како верни, и должни сте да внимавате и без поттик; а за третата – спроведување на светите канони во пракса – има кој да внимава.
Има ли надеж? Не знам, незнаењето не знае дека не знае.
Пресвета Богородице, спаси нас!
Митрополит Струмички
(03.10.2020 )