Митрополит Наум: СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ
Во денешното евангелско четиво ни се открива кои се главните човекови страсти и какви се нивните основни меѓусебни влијанија во нас самите. Страста е болна – до развратна душевна сила, која преку покајание (преумување) треба да се преобрази во добродетел. Главна човекова страст е самољубието, која треба да ја преобразиме во Богољубие и човекољубие. Во Ирод четворовласникот го препознаваме самољубието во сите три негови пројави или потстрасти: сластољубие (телесни задоволства), среброљубие и славољубие (човечка власт и слава).
Кај свети Јован Лествичник читаме дека страстите понекогаш се противат една на друга, односно една страст во даден момент ја потиснува другата. Така, и кај царот Ирод гледаме дека овие три страсти во исто време немаат ист интензитет и сила, и гледаме како посилната страст ја потиснува послабата. Имено, во моментот кога ќерката на Иродијада игра и со својот танц го задоволува неговото сластољубие, Ирод е подготвен да ѝ даде и половина од царството што му припаѓа. Значи, сластољубието во тој момент го потиснало среброљубието во него. Освен тоа, гледаме дека токму поради своето сластољубие Ирод го држи во затвор свети Јован, зашто овој го прекорувал дека не смее да ја земе жената на брат му. И покрај сè, ниту сластољубието, ниту некакво среброљубие го принудиле да го убие свети Јован, туку само да го држи затворен, иако и понатаму го почитувал на некој свој начин и сакал да го слуша.Но, откако царот Ирод ѝ вети на девојката и ѝ го даде својот збор дека ќе ѝ даде сè што ќе посака, дури и половина од своето царство, таа, поучена од мајка си, ја бара главата на свети Јован Крстител. Иако се сневесели поради тоа, сепак, гледаме дека неговото славољубие не му дозволува да го повлече зборот што го дал пред гостите. Очигледно, најмногу од сè Ирод држи до својот збор, до своето јас, до својата гордост и високото мислење за самиот себе. Значи, неговото славољубие и гордост го убиваат свети Јован Крстител, односно конечно го убиваат и покајанието во него самиот. Слично на него, и ние со своето среброљубие и сластољубие му штетиме на покајанието, но на тој начин што го држиме затворено и загушено некаде во нас. Но, со нашиот славољубив и горд ум го убиваме покајанието, кое ни е дадено како најголем дар во Христос Богочовекот, во Црквата. И да заклучиме – најсилната страст што го убива покајанието во нас е славољубието, гордоста на умот. Ние, пак, наместо да ја преобразиме таа страст во смирение, продолжуваме да ја негуваме. А како ја негуваме? Па, сакаме секаде да сме први, сакаме сите да нè фалат, да нè слават и да нè сакаат – исто како лажните пророци. Луѓето што нè навредуваат и повредуваат, кои Бог ни ги праќа за да ни помогне да видиме која е најсилната страст од која треба да го очистиме нашето срце – луѓе кои се, всушност, дар Божји за нас – ги мразиме и им враќаме со зло за „зло“. Со тоа ги отфрламе дарот Божји и Божјата промисла за наше преобразување и спасение. Таквото наше однесување значи само хранење и развивање на страста славољубие, гордост, во нејзините демонски димензии.
Свети Јоване Крстител, моли Го Бог да ни дарува делотворно покајание!
Митрополит Струмички Наум