// Google analytics code

Својствата на лагата – Митрополит Наум

~+~

Лагата е најголемо сведоштво за отсуство на благодатта Божја. Затоа, лагата е причина за сите наши несреќи. Лагата е и знак за безизлезност и безнадежност. Лагата е безверие. Лагата е бессилност.

IMG_2681 (2)За разлика од лагата, вистината и благодатта Божја се неразделни. Благодатта е причина за сите наши победи. Благодатта е знак дека ќе го најдеме патот и излезот од која било ситуација. Благодатта е дејствителна вера, и непобедлива сила. Вистината и благодатта ќе останат, а лагата ќе биде поразена.


Зошто луѓето лажат? Ако не се психички болни, лажат за да го скријат својот погрешен начин на живот и својот неуспех. Високата позиција во светот без внатрешно духовно покритие е само по себе состојба на лага. Лагата е додворување и компромис со овој свет. Лагата е самооправдување. Правилниот начин на живот нема потреба од многу зборување и покажување, тој е сам по себе нем сведок на вистината. Вистината не се плаши од овој свет, ниту од неговата лага. Вистината е слобода и слободно се изразува, во свое време. Вистината е незапирлива. Вистината не се менува, вечно е иста.

Кога еден човек ја прифаќа лагата наместо вистината, тој го прифаќа почетокот на својата смрт − духовна и физичка. Исто и еден народ. Таму каде што настапува лагата полека отстапува благодатта Божја, отстапува вистината и вистинската вера, отстапуваат љубовта и надежта, отстапува храброста. Тогаш луѓето го губат своето семејство, својот пород, ја губат својата земја и своите територии, и на крајот ја губат и својата татковина. И зошто? Заради една ситна лага, која ја прифатиле како вистина, а која преку соодветна суета и завист прераснала во голема лага.

Деца, монахот не смее да лаже ниту со начинот на својот живот, ниту со збор. Затоа, вистинскиот монах е голема надеж за својата Црква и за својот народ – Новиот Израел. Денес, насекаде околу нас слушаме дека Христос се роди! Но, колку би сакале да се веќе беше родил и во нашите срца. Да, Христе Боже, заради Богородица, роди се и во нашите срца, Те молиме. Затоа што без Тебе сме лажни, а лагата има таква сила што ако не се покаеме го губиме токму она што преку неа сакаме да го добиеме.

Митрополит Струмички Наум


About The Author