// Google analytics code

За сообразувањето на човечката волја со Божјата

BULGARIA-RELIGION-ORTHODOXYЕден знаменит богослов осум години упорно и непрестано Го молел Бога да му открие човек којшто ќе може да му го покаже правиот и вистинит пат кон постигнување на Царството Небесно. Еден ден кога богословот бил обземен од силна желба да најде таков човек, и не можејќи да мисли за било што друго освен да запознае учител и наставник на сокриената вистина, ги удвоил тој своите топли молитви кон Бога, кога ете, слушнал невидлив небесен глас како му вели: “влези низ вратите на црковниот двор и ќе  го најдеш човекот што го бараш!“.

Послушен на овој глас богословот веднаш отишол и крај црковните врати нашол еден беден човек во парталaви алишта чиишто колена биле покриени со струпи и гној што течел од нив. Мудриот богослов пришол кон него и го поздравил со зборовите: “добро и корисно утро ти посакувам  старче!“. Старецот на ова одговорил: “јас никогаш не сум имал недобро и некорисно утро“.

Мудриот соговорник сакајќи да го поправи својот поздрав му рекол: “Бог да ти испрати сè добро!“ Сиромашниот  одговорил: “никогаш не ме стигнало мене ништо недобро.“

Се посомневал тогаш мудриот соговорник, мислејќи си во себе дали тој слуша добро или можеби е глув? И искажувајќи ги своите добри желби и поздрави кон старецот, со  изменет израз, му  рекол: “што ти е старче? Та, јас ти посакувам секое добро“. А бедниот одговорил: “јас никогаш не сум бил недобро“.

Богословов, мислејќи дека бедниот е зборлест и голем дрдорко и сакајќи да го испита  неговиот разум, продолжил: “сакам сите твои желби да се исполнат, Бог да ти испрати сè што посакуваш“. “Јас – одговорил бедниот – не сакам ништо такво какво што ми посакуваш ти: сè се случува согласно со мојата желба, доколку јас не правам посебни планови во мојот живот, а живеам според волјата Божја“.

Мудриов соговорник, правејќи се како да сака да си замине и да се збогува со сиромашкиот, повторно му рекол: “Бог да те сочува добар човеку, поради тоа што не се влечеш по изобилствата на животот; но те прашувам, кажи ми, само ти ли, помеѓу бедните на земјава – си блажен? Напразно ли кажал Јов: “Човекот, роден од жена, – е краткодневен и преисполнет со многу беди и маки (Јов 14, 1). Зарем само ти единствен си избавен од сите времени зла и случувања? Јас не ги разбирам во доволна мера твоите убедувања и мисли.“

Beggar-1Сиромашкиот на ова му одговорил: “Сето ова што ти го зборував, господине мој, е вистината. Кога ти ми посака добро и корисно  утро,  јас  на  тоа  одговорив дека никогаш  не  сум  бил несреќен, поради тоа што јас секогаш сум задоволен од изборот што ми го дава Бог. Да не се бара среќа и светски успех – за мене е најголема добивка. Изобилството, добивката или злите случки не му наштетуваат никому, освен на оние коишто или нив ги посакуваат силно и трчаат по нив, или пак, бегаат од нив и се плашат од штетата што би била нанесена од нив; а јас – не се грижам за добивка и не ја обожувам, а само Му се молам на Небесниот Отец, Којшто во животот на секој човек сè насочува кон подобро: како и пријатното, така и она што е за него непријатно; оти Тој  совршено знае дали на човека му е вистински спасително првото или последното.

Поради тоа и велам дека јас никогаш не сум бил во загуба, поради тоа што во мојов живот сè ми се случува според мојата желба. Ако трпам глад, Му благодарам на Бога којшто гледа сè. Ако мразот ме гори како оган, или дожд се лее врз мене, или други воздушни неприлики ме стасуваат – подеднакво Го прославувам Бога и за тоа. Ако некој ми се развикува, или ме напаѓа и ме навредува – исто така Му благодарам на Бога, оти  сум уверен дека тоа ми се случува според волјата Божја, а сè што ни испраќа Бог служи за наше добро, за наше усовршување.

И така, сè што Бог ни испраќа, или допушта другите да ни го направат: било пријатно или  непријатно, слатко или горко, го вреднувам исто, и сè примам на драго срце како да е од раката на милосрдниот Отец; и единствено само тоа и го сакам што го посакува Бог и она што Му е угодно да им го допушти на другите да ми го направат мене. На таков начин, сè за мене проистекува и се случува според Божјата, а истовремено и според мојата сопствена желба. За жалење е оној, којшто таканаречената светска среќа ја смета за нешто важно и суштествено; и навистина е несреќен оној којшто бара да биде целосно задоволен во било какво светско богатство. Вистинско задоволство и блаженство во овој живот има само оној којшто искрено и без сомнеж се предал себе си на Божјата волја, и овдешниов живот го води според Божјата волја, без да ѝ противречи во ништо. Оти волјата Господова е полнотата на совршенство и добрината; таа никогаш не се изменува, и во неа нема друга волја – подобра и поправедна; таа произнесува праведен суд за сè, а за неа пак – никој не може да изрече праведен приговор и да ја обвини дека е противречна.

Јас вложувам севозможна усрдност и со сета моја мисла се стремам кон тоа: секогаш да го пожелувам и сакам она што Бог го сака од разумните суштества воопшто и посебно од мене бедниот. И затоа јас никогаш не сум бил незадоволен; сета моја сопствена волја целосно сум ја предал во рацете Божји, така што она што моето срце го сака или не го сака е истото тоа што и Бог го сака за мене или пак, го промислува за мене, и јас, во било која положба и да се најдам, Му благодарам на Бога за добиената од Него милост, па дури таа да се покаже и горка“.

“Разумно ли ти го зборуваш сето тоа?“, му возвратил богословот. “Ќе те прашам, тогаш,  кажи ми, ако Бог посака да те исфрли во адот, истите ли мисли би ги имал, коишто сега ти ми ги кажа?

Бедниот веднаш воскликнал: “Мене ли Тој ќе ме исфрли во подземјето? Нека ти биде јасно, дека јас имам две многу силни раце, со нив јас би се прицврстил за Бога. Едната рака е мошне длабокото смирение преку самопринесување себе си жртва на Бога, а другата рака – нелицемерна љубов  кон Бога, којашто од овој мошне длабок центар, преку нашите благотворни за нив дејства, се разлива на сите наши ближни. Со овие две назначени раце јас силно би се фатил за Бога, и каде и да ме испрати јас веднаш со себе би го повлекол и Него, и навистина, мене би ми било поблагопријатно да бидам со Бога надвор од небото, отколку без Бога во небото“.

Овој одговор предизвикал краен восхит во умот и мислите на мудриот соговорник; внатре во себе си тој спознал, дека патот што му го открил старецот го води секого право кон Бога без било каква заблуда, и дека на дело тоа е највозвишениот пат меѓу сите патишта коишто водат кон Бога. Понатаму, мудриот соговорник сакајќи уште повеќе да го разоткрие високиот разум скриен под грубата облека на старечкото тело, го прашал старецот: “Од каде ти дојде овде?“

Старецот одговорил: “Јас дојдов од Бога“. “А каде си Го нашол ти Бог?“, повторно прашал богословот. “Таму – одговорил старецот – каде што сум ги оставил сите создадени работи“.

“А Бога пак, каде си Го оставил?“

“Сум Го оставил јас Бога во чистото срце и добрата волја“.

После тоа, мудриов го прашал старецот: „Кој си ти старче? И на која група луѓе ти припаѓаш?“

Бедниот веднаш го дал следниов одговор: “кој и да бидам јас, задоволен сум со својот удел и не го сменувам дури и за богатствата на сите цареви. Цар имено, може да биде наречен и секој човек што умее благоразумно и мудро да управува и владее со себе си“.

“Цар ли си ти, се надоврзал мудриот – и каде е твоето царство?“

“Таму“, одговарил бедниот, покажувајќи со прстот кон небото, “цар е оној за кого што царството е напишано во книгата на судбите со посебни букви“.

Сакајќи да постави крај на прашањата, мудриот уште еднаш прашал: “Кај кого, старче, ти си се научил на ова што сега ми го изложи во своите одговори и кој ти го вметнал тоа во умот?“.

images“И тоа ќе ти го откријам, навистина, господине! Јас сите дни ги поминувам во молк, во молитви, или добри и благочестиви размислувања, а најмногу од сè, во умот и помнењето постојано ја  имам  грижата за тоа, што посилно и поблиску да бидам во единство со Бога, преку безграничната покорност на Неговата пресвета волја. Ваквата своја целосна посветеност на Бога може да го научи внимателниот и ревносен човек на многу вистина, добрина, светост, како во знаењето, така и во животот“.

Уште и за многу други нешта мудриот сакал да го распрашува бедниот старец, но имајќи цврста  надеж дека за тоа ќе најде друго благопријатно време, се простил со него велејќи  му: “Старче, остани  со  здравје!“ и заминал од него, внатре во себе размислувајќи многу и вака велејќи си: ете, најдов јас вистински учител на правиот пат кон Бога.

Во врска со ова прекрасно се изразил блажениот Августин велејќи: “Се појавуваат луѓе неучени и нè престигнуваат во Царството небесно; а ние со својата мудрост за Него се грижиме без усрдност и бедно се тетеравиме овдека, во овој живот, тонејќи во сквернавењата на плотта и крвта“.

За самата пак, оваа спротивставеност на духовното смиреномудрие со световната мудрост, Исус Христос во Својата благодарствена молитва кон Бога Отца вели: “Те прославувам Тебе, Отче, Господи на небото и на земјата, оти ова си го сокрил од мудрите и разумните и си им го открил на младенците  (т.е. на чистите по срце); да Отче, оти  такво е Твоето благоволение“ (Матеј 11, 25. 26)! И навистина, под бедните партали често се крие висока мудрост. И кој би можел да претпостави и поверува, дека во толку прост, а и непознат човек, скриено се чува толку големо познание на Бога. Кој би можел да поверува дека ќе најде во неучената простота толку висока мисла, како што е кажувањето на сиромашкиот старец за двете раце на нескршливата сила – односно за  целосното себепринесување на Бога, и целосната своја љубов кон Него, изразена во исполнувањето на Неговите заповеди. И навистина, Бог му допушта на човека да се приврзува за Него со овие раце, а од другите дерзновенија кон Него Тој се оддалечува.

 


About The Author