// Google analytics code

Воведение на Пресвета Богородица во храмот – отец Томас Хопко

vovedenieВо Литургискиот циклус на празници посветени на нашата Сесвета Владичица Богородица, по празнувањето на Рождеството на Пресвета Богородица, следи нејзиното воведение [влегување, претставување] во Ерусалимскиот Храм, што Православата Црква го слави на 21 ноември (ст.ст.), односно 4 декември (н.ст.). Слично на празникот на нејзиното рождество, и овој богородичен празник не нуди директни библиски или историски врски. Но, исто како и со празникот Мала Богородица, се работи за празник кој е од огромна духовна важност за христијанските верници.

Текстот на службата на празникот раскажува како Марија била доведена како мало дете во храмот од страна на нејзините родители, за да биде одгледана заедно со девиците посветени на Божја служба, додека да стаса времето за нивно обручување во брак. Според преданието на Црквата, Марија била свечено примена од заедницата на Храмот возглавена од свештеникот Захариј, таткото на Јован Крстител. Била воведена во најсветото место за да биде одгледана од ангелите, за и самата таа да стане „светиња на светињите“ на Бога, живо светилиште и храм на Божественото дете кое требало да се роди во неа.

Нема сомнеж дека стиховите на старозаветниот 45-ти псалм, често користени во службата на овој празник, понудиле голема инспирација во славењето на посветувањето Мариино за служба на Бога во ерусалимскиот Храм.

Послушај, ќерко, види, приклони го увото свое и заборави го твојот народ и домот на таткото твој. Зашто Царот ја посака твојата убавина, оти Он е твој Господар и приклони Му се тогаш ти. нејзината облека е везена со злато; во везена облека ќе ја доведуваат кај Царот; по неа водат при Тебе девици, нејзини другарки, и ги приведуваат кон Тебе, ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец. Место твоите татковци, овде ќе бидат твоите синови; Ти ќе ги поставиш за кнезови по целата земја. Ќе го спомнуваат името Твое од род во род; затоа народите ќе Те слават од век до век. (Псалм 44,10-17)

Во Православната Црква овие стихови од псалмот се гледаат како пророштво кое е директно поврзано со Марија Богородица. Според Евангелието на светиот Лука, кое се чита на секоја Вечерна на богородичните празници, Марија ги изговара следните зборови:

“Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти ја погледна смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови; зашто Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име; и милоста Негова е од колено на колено за оние, што се бојат од Него. “ (Лука 1,47-50)

Главната тема на празникот на претставувањето на Марија во Храмот, повторувана во литургиските служби, е фактот дека таа влегува во Храмот за самата да стане жив храм Божји, на тој начин воспоставувајќи го Новиот Завет во кој се исполнети старозаветните пророштва дека „Бог обитува во човекот“ и дека човековата личност е единственото вистинско место за обитување на Божественото Присуство (Езекиил 37,27; Јован 14,15-23; Дела 7,47; 2 Коринтјани 6,11; Ефесјани 2,18-22; 1 Петар 2,4; Откровение 22,1-4).

Денес нa Божјото благоволение е предобразување и на спасението на луѓето – проповедање: во Божјиот храм јасно Дева се јавува и Христа на сите го предвестува. Кон неа и ние велегласно да извикаме: Радувај се, на промислата на Творецот – исполнување. (тропар на празникот)

Пречистиот храм на Спасот, многувредниот дворец и Дева, свештената ризница на Божјата слава, денес се воведува во Господовиот дом, благодатта сововедувајќи ја, Онаа што во Божествениот Дух е, Неа Божјите ангели ја воспеваат : Таа е Небесно престојувалиште. (кондак на празникот)

Четириесеттото поглавје на Книгата Исход [2 Книга Мојсеева], во кое се говори за изградбата на Скинијата се чита на Вечерната, заедно со Прва Книга Царства и Езекииловите пророштва. И секое од овие чтенија завршува со истиот стих, „и славата Господова ја исполнуваше скинијата.“ (Излез 40,35; 1Царства 8,11; Езекиил 44,4)

Уште еднаш за овој празник, старозаветните париими се толкуваат како символи за Мајката Божја. Оваа „слава Господова“ се однесува на Христовата Мајка и ја „исполнува“ неа и сите луѓе по неа кои „ќе го слушнат словото Господово, и ќе го запазат“, како што литургиското Евангелие објавува (Лука 10,38-42; 11,27-28). И Апостолското литургиско чтение ја објавува истата тема (Евреите 9,1-7).

И така, празникот на Воведение на Пресвета Богородица во Храмот е празник кој го слави крајот на физичкиот ерусалимски Храм како место во кое Бог борави. Кога детето Марија влегува во Храмот, времето на храмот завршува и „предвкусот на благоволението Божјо“ се покажува. На овој празник ја празнуваме личноста на Христовата мајка, но и дека и ние исто така сме дом и светилиште Господови.

Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: “Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ”. (2 Коринтјани 6,16; Исаија 52,11)

vovedenie (1)
Извор: http://agapi.mk/vovedenie-presveta-bogorodica/


About The Author