Христос воскресна! Навистина воскресна! – Игумен Гаврил
Воскресението Христово е настан над сите настани.
Момент преточен во вечност и вечност даден во момент.
Крстот е кулминација на љубовта.
Воскресението пак е печат, гаранција, промоција на крстот и љубовта Христова.
Оној кој заради нас претрпи исмејување, плукање, биење, презир и смрт на крст, не можеше да биде задржан во адот. И не само што адот не можеше да го задржи, туку и не можеше да го издржи и беше разорен. Со Христовото слегнување во адот, адот беше обезоружен, та секој кој верува и живее во Христос да има живот вечен.
До воскресението Христово постоеше страв од смртта, но по воскресението Христово, смртта постана само премин, Пасха.
Затоа браќа и сестри, да го возљубиме Христос и да го прифатиме со сето наше срце, зашто:
Христос е нашиот Бог!
Христос е нашата љубов!
Христос е нашиот помирител!
Христос е нашата надеж!
Христос е нашиот живот!
Христос е наше се!
Да се угледаме и ние на Христос и да го следиме.
Да го прославиме.
Да си простиме секакво прегрешение.
Да се возљубиме еден со друг и сите заедно и едномислено и како едно срце и една душа да извикаме гласно:
Христос воскресна!
Навистина воскресна!