Учење за Исусовата молитва – Схи-монах Василиј
Оние кои мислат дека умносрдечната молитва им доликува само на совршените, оние кои достигнале бестрасност и светост, го ограничуваат своето молење само на надворешното пеење псалми, тропари и канони, не сфаќајќи дека ваквото надворешно молење светите Отци ни го одредиле само како привремено, поради неможноста и недораснатоста на нашиот ум, за преку тоа надворешно молење, постепено усовршувајќи се, да се качиме на следната лествица на умната молитва, и во никој случај да не останеме само на надворешното молење.
Според зборовите на св. Григориј Синаитски само за децата е својствено да мислат дека со надворешното молење прават нешто големо, а пак, возрасните, тешејќи се со количината на она што го читаат, во себе го негуваат внатрешниот фарисеј.
Според зборовите на св. Симеон Нов Богослов, оној што се ограничува на надворешната молитва не може да го достигне внатрешниот мир и да напредува во добродетелите, бидејќи е сличен на оној што води борба со своите непријатели во темница: тој ги слуша гласовите на непријателите, тие го рануваат, но не гледа јасно кои се тие, од каде дошле, како и зошто се борат со него?
Според зборовите на св. Исаак Сирин и преп. Нил Сорски, ако некој сака без умната молитва, само со надворешното молење да го одбие непријателскиот напад и да ѝ се спротивстави на која било страст или зла помисла, ќе биде многупати победен, затоа што демоните, совладувајќи го во борбата, но и повторно покорувајќи му се како да ги победил, го исмеваат и наговараат на надеж само во себе, прогласувајќи го за учител и пастир на овци.
Од реченото може да се види силата на умносрдечната и надворешната молитва. Но не треба да се мисли дека светите Отци нѐ одделуваат од надворешното молење и нѐ упатуваат на внатрешното, со тоа понижувајќи ја усната молитва. Никако! Затоа што сите свештенодејствија во Црквата се установени преку Светиот Дух и сите тие во себе ја одржуваат тајната за воплотениот Бог. И нема ништо човечко во црковните обреди, туку сѐ е дело на Божјата благодат, која не се зголемува од нашите добродетели и не се намалува поради нашите гревови. Меѓутоа, ние сега не зборуваме за уставот на Светата Црква, туку за особеното правило и начин на живот, т.е. за умносрдечната молитва, за нејзиното правилно исполнување со срдечност, благодарение на која се привлекува благодатта на Светиот Дух, а не за надворешната молитва, која се практикува со устата и јазикот, но без внимание. Паметно е за оваа умна активност да биде зеинтересиран не само совршениот, туку и секој почетник (острастен), кој започнува да внимава на своето срце.
Токму поради ова Григориј Синаитски, кој повеќе од сите и до детали ја набљудувал и анализирал благодатта на Светиот Дух, која живеела во него, но и преку житијата, делата и духовните подвизи на светите, заповеда на секој начин да се трудиме околу умната молитва.
Исто така и св. Симеон Солунски заповеда и ги советува, како архиереите, така и свештениците, монасите и мирјаните, во секое време и во секој миг да ја изговараат оваа света молитва, исто како што дишат, бидејќи нема појако оружје на земјата, ни на небото, вели тој заедно со апостолот, освен името на Исус Христос.
Знај го и ова, добар трудбенику во ова свето дело, дека не само во пустината или во отшелништвото имало учители и многубројни извршители на ова свештенодејствие, туку нив ги имало и во големите Лаври, па дури и во градовите.
Схи-монах Василиј (учител и голем другар на преп. Паисиј Величковски)