ШТО ПОДРАЗБИРАМЕ ПОД ПОИМОТ ПРАВОСЛАВИЕ? – Свети Јован Шангајски
Следбениците Христови на драга воља се нарекуваа себе си според името на нивниот возљубен Учител и Господ; а непријателите Христови ги нарекуваа Неговите следбеници Христијани, пренесувајќи ја на нив сета злоба и омраза која ја имаа кон Христа.
Но за брзо време се појавија луѓе кои, иако себе си се нарекуваа Христијани, по дух не беа Христови. За нив Христос претходно кажа: „Не секој што ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува вољата на Мојот Отец небесен“ (Мт. 7, 21). Христос пророкуваше и дека мнозина ќе се прогласат себе си за Самиот Христос: „мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: Јас сум Христос!“ (Мт. 24, 5). Апостолите во нивните посланија укажаа дека, уште во нивно време се појавиле лажни носители на името Христово: „И како што сте слушале дека ќе дојде антихрист, и сега веќе се појавија многу антихристи“ (I Јов. 2, 18).
Тие укажаа дека оние кои отстапиле од учењето Христово не треба да се сметаат за свои: „Тие излегоа од нас, но не беа наши“ (I Јов. 2, 19), предупредувајќи за кавгите и несогласувањата во мали работи (I Кор. 1, 10-14). Господ, преку откровението дадено на Апостолот Јован Богослов, строго ги обвинува оние кои се нарекуваат верни, а не постапуваат според нивното име; кое во тој случај би било погрешно за нив.
Каква корист има некој од старите да се нарекува Евреин, следбеник на Стариот завет, на вистинската вера, ако во реалноста не е таков? Таквите Светото Писмо ги нарекува Сатанска зборштина (Откр. 2, 9).
На ист начин, Христијанин, во строга смисла на зборот, е само оној кој го исповеда учењето Христово и живее според него. Назначувањето на Христијаните е за прославување на Небесниот Отец преку животот. Така да засветли пред луѓето вашата светлина, та да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец Кој е на небесата (сп. Мт. 5, 16). Но вистинското прославување на Бога е можно, само ако правилно веруваме и го изразуваме нашето правилно верување во зборови и дела. Затоа, вистинското Христијанство може да се нарече „правилно-славење“ (Православие). Преку зборот „Православие“ го исповедаме нашето цврсто убедување дека токму нашата Вера е вистинското учење Христово. Кога некого или нешто нарекуваме Православно (ортодоксно), со тоа го покажуваме неговото нефалсификувано и нерасипано Христијанство, истовремено отфрлајќи го она што лажно му се припишува на името Христово.
Извор: http://crkvaveles.wordpress.com/