Што можеме да направиме за починатите? – Блажен Серафим Роуз
Бескрајна и неутешна би била нашата жалост за ближните кои се упокоиле ако Господ не ни дал вечен живот. Нашиот живот би бил бесцелен кога би завршил со смрт.
Тогаш, каква би била користа од добродетелниот живот и добрите дела?
Во тој случај, во право би биле оние, кои зборуваат: „Да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме“. Но, човекот е создаден за бесмртност, и Христос со Своето воскресение ги отвори вратите на Царството небесно, вечното блаженство за оние, кои верувале во Него и живееле праведно.
Нашиот земен живот е подготовка за идниот живот, а таа подготовка завршува со смртта. „И како што им е на луѓето определено да умрат еднаш, а потоа – суд (Евр. 9, 27). Тогаш човекот ги остава сите свои земни грижи, неговото тело се распаѓа, за повторно да стане на Општото Воскресение.
* * *
Ако некој сака да ја покаже својата љубов кон починатите и вистински да им помогне, тоа може на најдобар начин да го направи така што ќе се моли за нив, особено со давање на нивните имиња да се спомнат на Литургија, кога се вадат честици за живите и упокоените и се спуштаат во Крвта Господова, со зборовите: „Измиј ги, Господи, со светата Твоја Крв гревовите на овде споменатите Твои слуги, по молитвите на Светиите Твои“.
Ништо поголемо ниту подобро не можеме да направиме за преминатите, од тоа да се молиме за нив, споменувајќи ги на Литургија. Тоа секогаш им е неопходно, а посебно во текот на првите четириесет денови, кога душата на починатиот оди кон вечните живеалишта. Тогаш телото ништо не чувствува: тоа не ги гледа ближните кои се собрале, не го вдишува мирисот на цвеќето, не ги слуша надгробните беседи. Но душата ги чувствува молитвите кои се вознесуваат за неа, и им е благодарна на оние, кои се молат, и духовно им е блиска.
О, роднини и пријатели на починатите! Правете го за нив она, што е во ваша моќ и што најмногу им е потребно.
Употребете ги своите пари не за надворешно украсување на гробовите, туку поделете ги на сиромашните за спокој на душите на своите преминати, или приложете ги во црквата во која за нив се вознесваат молитви. Бидете милосрдни кон упокоените, погрижете се за нивните души.
Тој пат ве чека и вас, и знајте дека тогаш сите ние ќе посакуваме некој да нѐ спомене во молитва! Затоа и самите да бидеме милостиви кон починатите.
Штом некој ќе се престави, веднаш повикајте го свештеникот или известете го за да може да ги прочита „Молитвите за излегување на душата“ кои треба да се прочитаат за секој православен христијанин, после неговата смрт.
Погрижете се, доколку е можно, опелото да се отслужи во црква, и над починатиот, сѐ до опелото, да се чита Псалтир. Опелото и погребувањето не мора да бидат беспрекорно организирани, но апсолутно е неопходно опелото да се отслужи без кратења, во потполност. Тогаш сетете се на починатиот, со кој се разделувате, а не на тоа што вам ви е полесно. Ако во црквата има повеќе упокоени, да не одбивате да се отслужи заедничко опело, ако тоа некој го предложи. Подобро е истовремено да се отслужи опело за двајца или повеќе починати кога молитвата на нивните ближни е посилна отколку да се одржат повеќе опела, едно по друго, а тие опела, заради недостиг на време и замор, да бидат скратени.
Заради тоа што секоја молитва за починатите е како капка вода за жедните, веднаш погрижете се за тоа починатите секојневно да се споменуваат на Литургија во текот на следните четириесет дена. Обично во црквите каде богослужбата се извршува секојдневно, починатите чии имиња таму се дадени се споменуваат четириесет дена, па и подолго.
Но, ако опелото е отслужено во храм каде што нема секојдневно богослужби, роднините треба да се погрижат и обезбедат четириесетдневно споменување на Литургија во оние храмови каде секој ден се служи. Исто така, добро е за упокоениот да се даде прилог во манастирите каде се вознесува непрестајна молитва.
Четириесетдневното споменување треба да започне веднаш по смртта, кога на душата посебно ѝ е потребна молитвена помош, и затоа е неопходно споменувањето да започне во најблискиот храм каде што секојдневно има богослужби. Да се погрижиме да направиме сѐ што можеме за оние, кои заминале од тука пред нас, сеќавајќи се на зборовите: „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани“ (Мат. 5, 7).
* * *
Значи, парастосите и домашните молитви за упокоените ним им се корисни, како и добрите дела кои се прават во нивен спомен – милостината и прилогот во црква. Но, посебно корисно за нив е споменувањето на Божествената Литургија.