// Google analytics code

„Човештвото не може без вера во Христа“ – Архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир

14xЧувме денес, мили мои, од Светото Евангелие (Матеј 14,22-34) како морето по кое пловеле Апостолите Христови, зафатено од силна бура, страшно се разбранувало. А Господ Исус Христос, после чудото што го беше направил со петте леба и двете риби, наситувајќи повеќе од пет илјади души, се искачил на планина за да се помоли насамо. Потоа, им пристапил на Своите ученици, одејќи по водата како по суво и ги успокоил: Не бојте се! Јас сум, не плашете се! Апостолот Петар, пак, секогаш исполнет со ревност и љубов кон Господа, запрепастен од чудото како Господ оди по водата, посакал и тој да тргне по неа, велејќи Му на Христа: Господи, ако си Ти, позволи да дојдам при Тебе во водата! Господ му одговорил да дојде. И тргнал Петар по водата, но во оној миг кога ги одвратил своите очи од Христа и се загледал кон големите бранови што надоаѓале, се уплашил многу и почнал да потонува. Тогаш очајнички извикал: Господи, спаси ме! Спасителот веднаш ја испружил Својата рака и го подигнал, притоа благо укорувајќи го: Маловернику, зошто се посомнева?

Сите ние, мои мили браќа и сестри, во духовна смисла се наоѓаме на местото од Апостолот Петар. Нема човек што не е заплискуван од брановите на ова немирно житејско море. Едноставно никој не е поштеден од налетите на искушенијата. Па и Самиот Богочовек Исус Христос, уште од Своето воплотување во пречистата утроба на Пресвета Богородица и доаѓање на земјата, мораше да претрпи огромни искушенија и напади од лукавиот. Но, Он, со Своето крајно смирение, доброволно ги поднесе сите нив, и накрај го победи и најстрашниот и сепогубен бран – смртта. А победувајќи ја смртта, Он стана наш соборец во борбата за вечноста. Ние сами по себе не можеме ништо да направиме. Сè додека не се научиме постојано да Го имаме пред очи Христос Победоносецот, ние ќе тонеме во водата на очајот и безизлезот, ќе пропаѓаме дури до самото дно. Единствено преку Христа можеме да им се спротивставиме на налетите на искушенијата и проблемите. За тоа, секако, е потребен и наш труд, една наша мала аскеза што ќе ни помогне да ја воздигнеме нашата душа, така што таа со својот духовен вид ќе гледа постојано во Христа.

Меѓутоа, ние многупати се жалиме и велиме: „Тешко ми е да постам. Тешко ми е да станувам за на богослужба. Тешко ми е да се борам со оваа или онаа страст… Сакам да го правам ова, го сакам она…“ Со оваа нерешителност и слабост на волјата, ние самите му дозволуваме на разбрануваното море да нè потопи до крај. Затоа, да се трудиме полека да победуваме со Оној, Кој може сè да победи. Навистина, борбата со страстите и злото во нас е многу тешка. Но историјата познава многумина што во Христово име ги победиле своите страсти и станале светлина за другите. Ете, на пример, оние што ја победиле најпогубната страст на среброљубието, станале утеха за мнозина и усреќиле многу души. И монасите, исто така, токму поради тоа заминувале сами во планини и пустини, објавувајќи им војна на страстите и на злото од овој свет. Секако, не биле сосема сами, туку со Христос, Кој го победи светот (в. Јован 16,33). И откако преку Божјата благодат, а, се разбира, во содејство со нивниот личен подвиг, ќе загосподареле над погубните сили, тие можеле и на други да им станат утеха и поткрепа. Затоа народот ги пронаоѓал и во реки им притекнувал, па макар и колку да биле скриени тие. И ден денес, гледате, тоа се повторува. Нашиот народ бара утеха во манастирите, во планините, во оние  места каде има луѓе што храбро војуваат против космичките сили на злото. Сепак, рековме, таа војна воопшто не е лесна. Многупати се случува и на монасите да им е неподносливо тешко. Ми велат: „Отче, премногу тешко се чувствувам денес!“ Но, она што ги прави непоколебливи во борбата и што секогаш ги подига и поттикнува да продолжат напред, е тоа што тие секогаш Го имаат пред очи Господ, Кој никогаш не нè остава да пропаднеме до дното. Како што и Божествениот Павле нè повикува да отфрлиме од себеси секакво бреме и грев, што лесно нè окружува, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба, имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата – Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји (Евр. 12,1-2). Доколку повикаме како Апостолот Петар: Господи, спаси ме! – Он нема да нè остави! Потребно е само со вера да повикаме. Ако, пак, ја изгубиме верата, ние бездруго пропаѓаме. Затоа е најважно постојано да ја потхрануваме нашата вера. Таа е најсуштествена за човекот. Спасителот Христос намерно нè поучува да бидеме мудри како змии (сп. Матеј 10,16), зашто змијата, пред сè, ја пази и засолнува својата глава. Оти некој и да ја удри по телото – таа ќе преживее, но ако ја удри по главата, толку, веднаш погинува. Така е и со нас: што и да ни се случи, доколку имаме вера во Спасителот Христос, ќе излеземе победници на крајот, но, ја изгуби ли некој верата – тогаш тој потполно пропаѓа.

Денес гледаме како по целиот свет станува актуелно мислењето и проповедањето дека човекот треба да прави сè што сака, дека тој може слободно и безмерно да им се оддава на страстите. Притоа, пропагаторите на современите уништувачки и лажни идеологии особено ја напаѓаат христијанската вера. Во контекст на ова, вчера ми се јави една сестра од Рајчица за да се консултира со мене дали на нашиот сајт да објави една вест многу тажна и ужасна. Имено, во  веста се вели дека Еврокомисијата, поддржана од Европскиот совет, започнала активна кампања против „дискриминацијата“ на ЛГБТ заедницата, при што отворено се напаѓаат вековните христијански вредности! Гледајте колку страшно! Христовата вера, која отсекогаш им помагала на луѓето да ги победат страстите што ја поробуваат душата, одеднаш станува главен непријател! Сосема лукав и извртен поглед на нештата! Зар Црквата Христова некогаш некого оттурнала? Не ги преобразувала ли таа духовно и морално паднатите луѓе? Доволно е само да се разгледаат житијата на светиите за веднаш да се сфати дека најголеми грешници, развратници, убијци, блудници, преку верата во Христа целосно се преобразиле, па дури и се осветиле, постанувајќи пример за целото човештво. Вистинскиот Христијанин никого не суди, туку сите со љубов ги прифаќа. И Црквата Христова со љубов ги прима сите и душеспасително ги повикува на борба против злото и страстите. Оти само оној што се бори против своите страсти, ќе биде способен на вистински начин да ги сака сите. Ако, пак, човек ги љуби своите страсти, тогаш тој нема духовна длабочина во себе. Не знае никого да сака, а е заљубен само во себе, и заради задоволување на своите ниски страсти ќе заборави сè наоколу. Крајно острастениот човек ги заборава дури и своите најблиски. Еве, да ја земеме на пример страста на наркоманијата, која е една од најужасните на денешнината. Коцкарството – исто така. Верувајте, сум разговарал со многу луѓе обземени од овие страсти. Кога човек ќе се оддаде на нив, тој ги заборава дури и своите родители, а доколку е во брак и својата жена или маж, и своите деца. Пред очите на таквиот стои само дрогата, или коцкарницата. Но, кога тој ќе ја замени дрогата или коцкарницата со Христос, тогаш веднаш ќе му биде подадена Неговата спасителна рака што ќе го извлече од пеколниот понор.

Човештвото не може да функционира без Христа, тоа е невозможно. Затоа, ајде ние Христијаните да се поправаме, да Го имаме секогаш Христос пред нашите духовни очи, да Го внесеме во нашето срце, па да можеме и на други да им помогнеме да го изберат тој единствен пат кон вистината. Зашто Христос е единствениот пат, единствениот патоказ кон спасението. Всушност, Неговата Божествена Личност е спасението. Преку Него ги победуваме сите страсти и стихии на овој свет, а накрај и најголемото искушение, најголемиот бран – смртта. Тоа се докажало многупати низ историјата. Просто, човекот без вера во Христа не може да суштествува. И општество без вера во Христа не може да се одржи. Ете, како што денес Европската Унија проповеда општество без Бога, така некогаш пропагираа и комунистите од Москва, од Белград, од Софија… Каде се денес тие општества? Ги нема. Така и современото наше општество ќе го снема, но ќе остави зад себе страшни последици за душите што го протежираат.

Сепак, тие што се трудат да изградат општество без Бога не се единствените што причинуваат голема духовна штета, тука се и оние што упорно тврдат дека „сите вери проповедаат исто и добро“. Да веруваа така и нашите благоверни предци, денес, на пример, немаше да бидеме собрани во овој Манастир; тој сигурно ќе беше претворен во некое муслиманско теќе, како што не еднаш во текот на петте века османлиско ропство постоеле такви намери. Меѓутоа, нашите богомудри предци добро знаеле дека една е Вистината и за неа биле подготвени да се жртвуваат и така ја зачувале; знаеле дека Еден е патот, животот и вистината (в. Јован 14,6). Една е верата вистинска во која Бог во континуитет им се откривал на луѓето, за накрај да се објави Себеси преку Спасителот наш Господ Исус Христос. Тоа и денес треба да го знаеме како Христијани. Да не бидеме лекомислени. Секогаш кога ќе слушнеме некоја таква изјава, дека сите вери проповедаат добро, ние цврсто да ја исповедаме својата вера, според зборовите на Св. Ап. Петар: бидете секогаш подготвени со кротост и страв за одговор на секого, кој од вас побара сметка за вашата надеж (1. Петар 3,15). Тоа не значи да ги мразиме и навредуваме другите, туку, напротив, со своите добри дела, со својата љубов, да му ја покажеме на светот вистината и љубовта Христова. Зашто, каде што е љубовта таму е и вистината. А може ли љубовта да биде на друго место освен во Христа!? Он не ги сепарира луѓето, не прави разлика помеѓу нив; учи дека секој човек на овој свет е наш ближен, без разлика на неговата народност и верување. Ни дал дури и заповед да ги љубиме непријателите свои (в. Матеј 5,44). Не може да постои никаков сомнеж дека Христос е вистинскиот Бог, зашто Бог е љубов (1. Јован 4,8).

Ја имаме најубавата вера, мили мои. Да веруваме во Христа и нема никогаш да пропаднеме. Он нема никогаш да нè остави. Раката Негова е секогаш подадена кон нас; колку и да се големи искушенијата, таа е тука да нè извлече од бездната. Да нè чува Бог сите! Амин!

(Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Евангелието од Деветтата недела по Педесетница, изговорено по Светата Литургија, во манастирската трпезарија (8/21 август 2016 лето Господово)

 

 

 

 


About The Author