Човековото срце е центар – Старец Ефрем Филотејски
„Човековото срце е центар на натприродно, природно и противприродно движење. Сè почнува од срцето. Ако човековото срце е очистено, човекот Го гледа Бога. За да стане срцето на човекот сад способен да Го прими Бога, мора најнапред да биде очистено од нечистите помисли. За да се очисти срцето, во него мора да се внесе одреден лек. Тој лек е молитвата.
Таму кај што ќе згазне царот, непријателот бива протеран. А кога Христос – Неговото свето Име – ќе влезе во срцето, фалангите на демоните почнуваат да бегаат.
Кога Христос е цврсто востоличен во срцето, сè Му се покорува. Тоа е како кога добар цар ќе ја освои земјата и ќе биде востоличен во престолнината. Тој тогаш со својата армија ги покорува сите востаници. Со други зборови, тој ги протерува непријателите и ги смирува внатрешните нереди во земјата. Тогаш настанува мир. Царот седи на престолот и гледа дека сè му е покорено и потчинето. Тој тогаш се радува и насладува, зашто гледа дека неговиот труд и борбата завршиле и ги донеле послушноста, мирот и сите сакани резултати.
Така се случува и со царството на нашето срце. Тоа внатре во себе има непријатели, има востаници; тоа има помисли, има страсти и слабости, бури и немири – и сето тоа се наоѓа во човечкото срце.
За да може царството на човековото срце да се смири и потчини, Христос, Царот, мора да влезе со Своите војски и да го освои и да го протера непријателот, т. е. ѓаволот. Тој мора да го потчини секој немир што потекнува од страстите и слабостите и да завладее како семоќен цар. Состојбата што ќе произлезе оттаму светите Отци ја нарекуваат ‘безмолвие на срцето’ и со него тогаш непрекинливо владее молитвата, творејќи ги чистотата и ‘тивкото срце’.