// Google analytics code

ЦЕЛТА НА ХРИСТИЈАНСКИОТ ЖИВОТ – Св.Серафим Саровски

Молитвата, постот, бдението и сите други христијански дела се добри сами по себе, но во нив не се состои целта на нашиот христијански живот. Тие служат како неопходни средства за постигнување на таа цел. Вистинската цел на нашиот христијански живот се состои во стекнување на Светиот Дух Божји. Постот, пак, бдението, молитвата, милостината, и секое дело направено заради Христа, се средства за здобивање на Светиот Дух Божји. Запамтете, брате, дека само доброто дело направено заради Христа, донесува плодови на Светиот Дух. Она што не се прави заради Христа, макар и да е добро, нема да ни донесе награди во идниот живот, ниту ќе ни даде благодат Божја во овдешниот живот. Затоа Господ Исус Христос и рекол: кој не собира со Мене, расипува. Доброто дело не може да се нарече поинаку, туку собирање. Затоа што, тоа и ако не е заради Христа сторено, сепак е добро. Светото Писмо говори: Во секој народ Нему му е мил оној кој се плаши од Него и кој твори правда. И, како што гледаме од свештената историја, оној кој твори правда, во толкава мера му е мил на Бога, што на капетанот Корнелиј, кој се плашел од Бога и кој творел правда, му се јавил ангел Господов за време на молитвата и му рекол: испрати луѓе во Јопа и повикај го Симон првоповиканиот Петар… Тој ќе ти каже зборови со кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом.

И така, Господ ги употребува сите Свои божествени средства за на секој човек да му даде можност, во идниот живот да не се лиши од наградата за своите добри дела. Но, за ова е потребно да се започне овде со вистинска вера во нашиот Господ Исус Христос, Синот Божји, Кој дошол во светот да ги спаси грешниците, и со здобивање на благодатта на Светиот Дух, Кој во нашите срца го воведува Царството Божјо и Кој ни го отвора патот кон блаженството на идниот живот. Меѓутоа, со тоа се завршува таа угодност на Бога до добри дела кои не се направени заради Христа: нашиот Создател дава средства за нивно остварување. Од човекот зависи дали ќе ги оствари или не. Затоа Господ и им рекол на Евреите: кога би биле слепи, не би имале грев; а сега велите: гледаме, така вашиот грев останува. Ако искористи човек, слично на Корнелиј, тоа што неговото дело сторено, не заради Христа, да е угодно на Бога, и ако поверува во Неговиот Син, ќе му се смета и делото од тој вид, како да е сторено заради Христа и заради верата во Него. Во спротивен случај човекот не е во право да се жали што неговото добро дело пропаднало. Ова последното никогаш не се случува при правење на било какво добро дело заради Христа. Затоа што доброто дело сторено заради Него, не само што подготвува венец на правдата во идниот живот, туку и во овој живот го исполнува човекот со благодат на Светиот Дух, бидејќи како што е речено: Бог Духот не го дава на мерка. Бидејќи Отецот Го љуби Синот, и се дал во Неговите раце.

Така е тоа, ваше богољубие! Во стекнувањето на овој Дух Божји, значи, се состои и вистинската цел на нашиот христијански живот, додека молитвата, бдението, постот, милостината и другите доблести заради Христа се само средства за здобивање на Духот Божји.

 


About The Author