// Google analytics code

Христос е новиот Адам Кој ги зеде нашите гревови и слабости, и ги прикова на Крст  –  о. Гаврил Галев

               

E7F23698-E518-410A-9588-320B877A6521Денешниот ден, познат кај нашиот народ како Цветници, овде Palm Sunday, е всушност предпразништво, голем ден пред најголемиот, Воскресението Христово. Објавувањето на Царот Израилев, Он кој што ги зеде на себе нашите гревови и ги понесе нашите слабости, излезе да пострада заради нас, да биде исмеан, да биде плукан, да биде распнат и да хулат на него. Меѓутоа, Тој се претрпе, за целта што ја имаше, да не спаси нас. Да не спаси, да не извлече од гревот, од ѓаволот и од смртта. И само Христос беше моќен тоа да го направи.

Меѓутоа треба да знаеме дека Христос се воплоти и стана човек во се ист со нас, освен во гревот, и дека ние Него треба да го следиме за да имаме учество во Неговиот Домострој за спасение. Он ни го покажа она кое што требаше првиот Адам да го покаже, како што требаше првиот Адам да живееше, и да дојде славата на нас која што Бог за ни ја предвидел.


Меѓутоа тој тоа не го направи, го сврти своето лице од Бога. Примајќи ја помислата на непријателот, и место да му служи на Бога, место да верува во Бога, тој поверува во ѓаволот повеќе од во Бог. Поверувајќи во ѓаволовите зборови,  фактички на тој начин тој отпадна од Бога. Со тоа и го турна целото човештво, во тоа што сега ние го живееме и доживуваме. Меѓутоа еве, се појави Новиот Адам, Христос, кој најпрво го зеде нашето тело, па потоа ги зеде и нашите слабости, и не само тоа туку ги прикова на Крст и не избави од нив. И затоа сите ние треба го имаме Христос. Да го имаме Христос во нашето срце, во нашиот ум, во нашите мисли и со сето наше битие и да го следеме, да го сакаме, па и ние со него да се распнеме и да умреме како што како што во вчерашниот ден читавме, како што исповедале Апостолите.

Уште, во овој настан се гледа и човековото лицемерие и двојност. Оние, кој што на овој ден го прославуваа Бога, фрла гранчиња и викаа “Осана”, за после истите тие да велат, “распни го!”

Меѓутоа, тука се појавува една друга група на луѓе. Да, вистински луѓе од кои што ние треба да се учиме, а тоа се децата. Децата биле тие кои вистински од срце го прославувале Христос и најгласно викале. Дури кога им забранувале да викаат, тие уште посилно викале. И децата се тие што ден денеска исто така не учат нас на смирение, чедност, чесност, незлобивост и на љубов. Кое дете ќе му замери на својот родител или на другарче, ако се скараат или нема да си простат? Нема такво. Тие се оние чиј образ е чист и неосквернет, затоа гледаат чисто, свето. Затоа  што тие се невини и тие секогаш проповедаат целомудрие, смирение, трпение, и љубов.

Е тоа, тоа нас ни недостасува. И зошто Исус Христос не дојде на коњ како секој земски цар, туку дојде на младо магаренце нејавано? Да покаже дека невиноста, чистотата, смирението, е патот по кој што ние треба да одеме, а не гордост, не силата, не насилството, не власта, не моќта.

И уште ни недостасува и постојаност. Постојаност во доброто.

Да не бидеме исти како еврејскиот народ, кој еднаш го слават Бога, да после тоа го осудуваат и хулат на Него. И зошто старешините и учителите, оние кои што го знаеле законот Божји, кои што го учеле еврејскиот народ како треба да се почитува Бога, на ним им пречел Хростос и го  преобратиле народот да вели: “распни го!”

Само затоа што, на нив им се рушат сите системи кои што ги створиле во своите испревртени глави. Христос не дојде со сила, со моќ како земен Господар, туку Неговото царство не беше од овде и покажа смирение, понизност, љубов, па  сите тие нивни системи се разрушија и останаа обезоружани, немоќни и затоа сега што треба да прават, да ја прифатат реалноста како што е, или да останат на својата гордост, на своето високо мислење за себе, на своето его, и за нив, нормално избраа да го убијат Христос. 

И тука, понатаму настанува сета трагедија на човештвото за кое што ние ги споменуваме во неделата што следи. Неделата страдална, во кое што ние треба да се соживееме со Христос, со мајката Божја, со мироносиците под крстот, следбениците што останаа верни на Него, а не со оние кои се откажаа од него и викаа да биде распнат и тие што го распнале. 

Нека Господ Исус Христос ни даде вистинско смирение, ни даде вистинско трпение, ни даде вистинска љубов, чесност, невиност и ние да ги отвориме нашите срца за да можеме да прогледаме со очите на децата и ние да го спознаеме Исуса Христа, и да го прославеме и да велиме: “Осана, во слава на Давидовиот син кој иде во името Господово”. Амин. 


About The Author