ЦВЕТНИЦИ – Отец Гаврил Галев
~+~
Денес е празникот на палмовите гранчиња, односно триумфалното влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим, Царот на славата, Бог на висините. Бог кој секогаш постои, кој за нас и нашето спасение се воплоти од Света Дева Марија и стана човек, за да умре, затоа Тој дојде.
Затоа што човештвото, кое што самиот Бог го создаде за слава, го создаде за радост, за веселие, го создаде за духовен, вечен живот, избра да живее обратно во нечест, во нечистотија, во грев, во срам, во наслада со телесни задоволства на овој свет пропадлив.
Меѓутоа љубовта Божја е неизмерна, затоа Тој не го напушти. Дури сакаше доброволно да пострада за наc, никој не го принуди на тоа. Тој заради љубовта кон нас се воплоти. Од првите денови на Неговото раѓање беше гонет од светот, од народот, од својот сопствен народ меѓу кој се роди, дури на крајот претрпe и смрт.
На овој ден, којшто е поврзан со претходниот, со воскресението четвородневно на Лазар, Бог ја објавува таа вистина дека треба да пострада, да биде распнат, да умре и да воскресне, за да го воскресне и човештвото со Него.
Како што гледаме, народот се поделил кога е во прашање Христос, секој според своите страсти. Марија го помазала како Цар и Бог, како помазаник Божји. Јуда пак се грижел за парите, зошто мирото се растурало, демек можело да се продаде и тие пари да се дадат на сиромаси. Иако ковчежето било постојано во него, можел во секое време тој да даде пари на сиромасите.
Исто така, Евреите, поточно старешините Јудејски, кои што први требалo да го препознаат и пречекаат затоа што за Него е претскажанo во Стариот Завет, дека Тој е помазаникот, Тој е Спасителот, дека Тој ќе дојде седнат на магаренце, на осленце и ќе го спаси народот. Не е случајно тоа што Господ преку устата на младенците ги употребува овие зборови на пророштвото, за да ги потсети, да се освестат и го познаат. Меѓутоа, тие место да се освестат, да го прослават и да го поведат народот кон Него, тие се пак се помрачиле. Сакале да го убијат, не само Него туку и Лазар, затоа што Лазар сведочел за силата Божја.
Единствена причина за тоа е само себељубието, суетата, гордоста, високото мислење за самите себе. Затоа што тие толку се возгордеале, толку се самобендисале до мерата на самоoбожување, што едноставно и вистината сакаат да ја убијат, само за да испаднат тие во право.
А и ние не сме далеку од нив и ние можеме самите да се спознаеме дека лицемериме со Господа. Господ секоја недела не повикува на Литургија. Да дојдеме и да вечераме со Него, да се причестиме со светите дарови Христови. Меѓутоа, ние мрзливите и не одговорните, секогаш наоѓаме некое оправдание да не дојдеме и да не присуствуваме на таа трпеза.
Меѓу вас има родители, а некои се деца. Ако родителите подготват заедничка вечера и ги повикаат децата, а тие нема да дојдат на таа вечера, како ќе се чувствуваат? Дали е пријатно тоа чувство?
Така треба и ние да се почувствуваме кога не идеме на вечерата, на трпезата Христова, кога нема да дојдеме на Литургија и не се причестуваме.
Во тоа е поделеноста на човештвото. Слободата што Бог ни ја дал како дар, ние ја злоупотребуваме, како нешто со кое што самите себе се уништуваме. Таа слобода треба да ја искористиме да појдеме кон Тој што ни ја дал слободата.
А пак децата кои што се ослободени од суетата и високото мислење за себе, тие го познаваат Христос. Го познаваат затоа што нивните души, нивните срца се чисти. Тие се блажени. И како што гледате, тука во самата црква кога ќе има многу деца, ти знаат да бидат и немирни, меѓутоа кога ќе се изнесе чашата, или дури и пред да се изнесе чашата, кога се подготвува светата причест тие најуредно ќе се наредат и ќе чекаат да се причестат. Добиваат само мало парче од причесната, меѓутоа жедни секоја недела ја очекуваат и со најголема радост се причестуваат.
А суетните Евреите дури сакале да им ја затнат устата на младенците за да не викаат, заради тоа што тие ја разобличувале нивната суета, нивната гордост, нивната заблуденост, нивната опрелестеност, нивната помраченост и злоба.
Децата се деца. И ние сме деца Божји. И ние сме повикани да си го очистиме своето срце од страстите. А тоа ќе го постигнеме единствено кога ќе го засакаме Бога со сето свое срце, со сета своја сила, сиот свој разум и ближниот како самите себеси. Тоа е новиот закон, тоа е Новиот Завет што Бог ни го дал, кој што Бог сака од нас да го исполнуваме.
Мислам дека не е тешко да се љуби. Сите сакаме и очекуваме да сме сакани, па иние да го вољубеме Бога, да го возљубеме ближниот и ние да застанеме од страната на децата и да велиме: „Осана! Благословен е Оној што доаѓа во името Господово!“ Амин!
Отец Гаврил Галев
Игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
14 / 04 / 2025