// Google analytics code

Христос воскресе! – Митр. Павле (Јазиги)

Павле е православниот митрополит на Алепо и Александрета во Сирија. Тој бил киднапиран на 22-ри април оваа година, додека одел да преговара за ослободување на свештеник и ѓакон од Алепо. Нека овој превод на неговата пасхална беседа биде поттик да Му се помолиме на воскреснатиот Христос за православните браќа во Сирија и за ослободување на митрополитот од агарјанско заточеништво. al-Masīḥ qām! Ḥaqqan qām!

Кога го слушаме евангелското зачало за празникот Пасха, често се запрашуваме каде се споменува Пасха или нејзиното значење во ова зачало? Сите песнопенија, меѓутоа, ни говорат за радоста на еден нов настан, за новата зора и новиот почеток кој ни засветли. Затоа „Дојдете да пиеме нов пијалок…“
Седмицата после Пасха се нарекува Светла или Нова, бидејќи во неа има нешто ново што христијаните треба да го стекнат и искусат. Каква е оваа новост? Кое е значењето на овој празник?

Ова Евангелие открива една тајна: „ Светлината свети во темнина, и темнината не ја обзема“ (Јован 1:5) Ова е величината на светлината во Евангелието од Јован. Оваа светлина е стварност, вистинско постоење, а темнината е непостоење, ништовност, бидејќи е отсуство на светлина. Славата на светлината ја расејува темнината и ја поразува.

Ова зачало нè потсетува на борбата со темнината и победата на светлината. Според св. Јован, светлината е живот, „Животот им беше светлина на луѓето“ (Јован 1:4). Ова зачало нè потсетува на победата на животот над смртта, уништувањето на смртта и изобилието на животот и рушењето на смртта со смртта и воскресението Христово.

Една песна гласи: „Рано наутро да пораниме и наместо миро, песна да му принесеме на Владиката, и да го погледнеме Христос- Сонцето на Правдата, Кое на сите им сјае живот“. Ова е благовеста на победата на животот, ова е воскресенската благовест. Христијанството не е само религија, туку изобилство на живот. Со други зборови, тоа е религија на животот. Нашиот Бог е Бог на живите, а не на мртвите. За кој живот говориме? Ако некој нè праша за значењето на животот, ќе дознаеме дека имаме различни мислења за ова прашање.

За некои, животот настанал инцидентно, од случаен феномен или од некој вид непозната слепа космичка сила. За некои, човековиот живот не е ништо повеќе од одржување на здравјето и долговечноста. За други луѓе, животот е динамизам и движење, сè што има обнова. Обновата е печатот на животот. Сè се обновува, но суштината останува. За нив човекот живее преку неговото потомство и делата кои ги остава. Ги остава своите дела и своето име. Зар животот е она што го остава, а не она што го зема со себе?

Други пак, соочени со болната и срамна стварност на смртта, се сметаат за егзистенцијалисти. Ги повторуваат зборовите на епикурејците, на современ начин, велејќи: „Јади, пиј, весели се, оти утре ќе умреме.“ За нив животот е исполнет со самопредавање во задоволување на страстите. Во најдобар случај, тие мислат дека животот е романтичен, т.е. љубов кон парите, литературата и уметноста.

Постоењето на смртта, меѓутоа, ги огорчува сите овие ставови, и ги прави неспасоносни решенија, кои го успиваат човекот, како да мора на крајот да се предаде на уништувањето и смртта.

Преку Воскресението Христово, само христијанстово ни ја има откриено вистинитоста на вечниот живот. Смртта и Воскресението на Христа, покажаа дека животот продолжува и по смртта на телото.
Меѓу христијаните, има три начини на размислување. Првиот ја нагласува убавината на вечноста. Кога ќе се спореди сегашниот живот со вечноста, се покажува колку сегашноста е болна, суетна и апсурдна и колку е славна вечноста. Често читаме христијански написи и книги кои ни говорат за ништожноста и минливоста на овој живот. Ни кажуваат дека сегашниот живот завршува, но идниот ќе трае засекогаш и човештвото ја плаќа цената на идниот живот за време на земниот. Сегашниот живот се сфаќа како искупување на гревовите и плаќање на влезницата за Царството. Затоа христијаните треба да одат во хуманитарни и добротворни и социјални организации, оти сето тоа се дела на искупување или „потврда за разрешување на гревовите”.

Вториот начин на размислување не се разликува многу од првиот, во однос на погледот кон сегашниот живот спореден со идната вечност. Единствената разлика е што тие мислат дека влезот во Царството е бесплатен дар, и само според верата, а не по делата се стекнува вечен живот. Само верувај и ќе бидеш спасен. Целта на сегашниот живот е да се шири верата во Исуса Христа и да се проповеда по светот.

Сето ова се сфаќања за светот, но нешето е различно. Сите овие објаснувања се слики на животот, некогаш точни, некогаш погрешни, но сепак тоа е животот за кој читаме во Светото Писмо, особено во Евангелието според св. Јован.

Еден егзистенцијалистички филзоф рекол дека верата во идниот живот е најголемата измама и злосторство во самиот живот. Се согласуваме со оваа реакција, која може да биде оправдана, бидејќи тој го игнорира животот кој го брани.

Животот е опишан во Евангелието како Светлината која дојде во светот. Тој е Логосот кој стана тело и овој Логос е Бог. Просто кажано, животот е прифаќање на таа Светлина. Ова зачало јасно вели дека светлината ја победува темнината, и светлината беше отфрлена од Своите. Светлината е посилна од темнината, Светлината не се наметнува Себеси на човечката волја. Животот посилен од смртта, но тоа лежи во човековата слобода. Да се црпи нашиот живот од светлината, да се учествува во светлината, дури и да се живее во и за светлината е ЖИВОТ. Да се има личносно искуство со Исуса Христа е ЖИВОТ. Ако некој го нема ова личносно искуство со Христа, тогаш сите установи и добротворни организации, сета вера и потомство, целото здраво живеење нема да му помогнат. Да објавиме со апостолот Павле „сепак живеам, не јас, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2:20), „Господ е мојот живот, мојата светлина и моето спасение.“

Животот не почнува по смртта. Животот започнува штом ја прифатиме во нас Светлината. Вечниот живот започнува од крштението, не од погребението. „Идниот живот“ постанува сегашен. Ако не го искусиме божествениот копнеж и неговиот распламтен оган, нема да бидеме во заедница со Христа во овој сегашен живот и нема да Го спознаеме ни во идниот! Живот е да се почувствува топлината на божественото присуство секој ден од нашите животи. Св. Серафим Саровски го дефинира животот како стекнување на Светиот Дух. Св. Силуан Атонски ревносно се молел велејќи: „Направи сите да Те познаат сите Господи“, т.е. направи сите да живеат во Тебе.

Според тоа, ако Христос не воскресна, залудна е нашата вера. Ако Христос не воскресна, која светлина ќе направи да горам? Како ќе можам да го искусам животот? Вака стануваат јасни зборовите на свети Серафим:

„Радост моја, Христос воскресна!
Навистина воскресна!“


About The Author