// Google analytics code

Христијани во светот, но не од светот – Св. Григориј Богослов

Христијаните живеат на земјата, но над сè земно; меѓу луѓето, но над сè човечко; ограничени, но слободни; притеснети, но од ништо поробени; во светот немаат ништо, но сите богатсва се нивни; живеат двоен живот – едниот презирачки, а другиот грижлив; преку смртта се бесмртни; со откажување од нештата се соединети со Бога; не знаат за страсна љубов, туку горат од Божествена и бестрасна љубов; нивното наследство е Изворот на светлината…

Ако се нарекуваш христијанин и Го исповедаш Христос за Бог, својата исповед докажи ја со своите дела.

Не е лесно меѓу добродетелите да ја најдеш најдобрата и на неа да ѝ дадеш предност и првенство, како што не е лесно во многуцветната и мирислива градина да се одбере најубавиот цвет, оној кој најубаво мириса, бидејќи еднаш еден, друг пат друг го привлекува твојот поглед и сетилото за мирис, мамејќи те да го скинеш. Секоја добродетел води кон спасение на посебен начин, без сомнение доведувајќи те во некое од вечните и блажени живеалишта. Зашто како што има различни начини на живот, така има и многу живеалишта при Бога (Јован 14, 2), и тие се расподелуваат и на секој му се одредуваат според неговото достоинство. Затоа, еден нека се исполни со една добродетел, друг со друга, некој со многу, а некој, ако може со сите; само секој нека чекори без запирање, нека се стреми напред и неотстапно нека ги следи стапките на добриот Патоводител Кој право го насочува неговиот пат, водејќи го по тесната патека, низ тесна врата (Мат. 7, 14) кон недогледните пространства на небесното блаженство.

Но, ако според Павловото учење и зборовите на Христос, како прва и најголема заповед треба да се почитува љубовта, на која висат целиот закон и пророците (Мат. 22, 37-40; 1 Кор. 13, 13), тогаш треба да се држиме до неа, како што јас мислам – љубов кон сиромашните, сожалување и сострадање кон оние кои се од нашиот род. Зашто ниту едно служење не Му е толку угодно на Бога како милосрдието, бидејќи тоа Му е Нему најсродно, пред Тоа лице одат милоста и вистината (Пс. 88, 14) и Нему Му приличи дарот на милосрдие, над секој суд. Праведниот Дарител, Кој ја постави на кантар Својата милост, со Своето човекољубие нема ништо така да награди како нашето човекољубие. Затоа, според заповедта која нè учи да се радуваме со радосните и да плачеме со оние кои плачат (Рим. 12, 15), должни сме да ги отвориме дверите на милосрдието за сите сиромашни, сите кои страдаат, од било која причина; должни сме, како луѓе, на луѓето да им принесуваме жртви на добри дела, без разлика поради која причина бараат помош: вдовство или сираци, или прогонство од родниот крај, или суровост и годрост од владетелот, или нечовечко собирање данок, или од убиствената рака на разбојникот, или алчноста на крадецот, или заплена на имотот, или бродолом. Зашто сите тие имаат исто право на сожалување, и еднакво гледаат на нашите раце, како што и ние своите очи ги насочуваме кон Божјата десница, барајќи добра од Бога.

SvGrigorijBogoslov


About The Author