УЧЕЊЕ ЗА ПЛАЧОТ ОД ПРЕПОДОБЕН ПИМЕН ВЕЛИКИ
Го прашал еден брат авва Пимен за тоа што треба монахот да прави. Аввата одговорил:”Авраам, кога дојде во Ветената Земја, купи гроб, и од тоа место почна да владее со Ветената Земја”. Братот прашал какво значење има гробот. Аввата одговорил:”Тоа е место на плач и ридание.”
На авва Пимен му се припишува и оваа изрека:”Плачот е двоен: дејствува и чува.”
Го прашал братот авва Пимен:”Што да правам со страстите што ме разбеснуваат?” Старецот му рекол:”Да плачеме со сета сила пред благоста Божја, додека Он не се смилостиви на нас.”
Го прашал братот авва Пимен:”Што да правам со гревовите мои?” Старецот рекол: “Оној кој сака да се избави од гревовите што живеат во него, со плач се избавува од нив, и оној што не сака повторно да падне во гревови, со плач го избегнува падот во нив. Тоа е патот на покајанието предаден од Писмото и Отците, кои рекле: плачете, друг пат освен плачот немате.”
Минувајќи еднаш низ Египет, авва Пимен здогледал една жена која седела покрај гроб и горко плачела. Тогаш тој рекол:”Ако и од сиот свет се соберат луѓе да ја тешат, нема да ја оттргнат нејзината душа од плачот. Така и монахот, треба постојано да има во себе плач.”
Еднаш преподобниот Пимен одел со авва Анувиј во околината на градот Диолка. Кога здогледале една жена која плачела горко над еден гроб, застанале да ја слушнат. Потоа, откако одминале малку, сретнале еден човек, и Свети Пимен го прашал што се случило со жената па така горко плаче. Човекот одговорил: ì умреа и мажот, и синот, и братот. Тогаш авва Пимен, обрнувајќи се кон авва Анувиј, рекол:”Ти кажувам: ако човек не ги умртви своите плотски желби и не стекне ваков плач, не може да биде монах. Сето житие на монахот е плач.”