Умножувањето на петте леба и двете риби – Отец Гаврил Галев
~+~
Во овој настан на умножувањето на петте леба и двете риби и со кои биле нахранети повеќе од 5000 души, Господ Исус Христос покажува дека Он е вистинскиот Бог и Творец на се`, и Оној кој што ја уредува и одржува вселената и човекот во неа како нејзин центар.
Со тоа што апостолите му рекле на Исуса да го распушти народот бидејки се стемнило и било далеку од населено место, грижејќи се за да не останат гладни, покажале малодушност и дрскост пред Него. Излегува како тие повеќе да се грижат за народот од Него. Меѓутоа Господ ги научил на уште поголема лекција со тоа што им покажува дека Он е вистинскиот Бог и Творец на се, и Оној кој што што ја уредува и одржува вселената и човекот во неа.
Се` што се случува, се случува по Негова волја или допуштение и кога сме со Него се надминуваат физичките закони на природата. Затоа и Тој така им се обраќа: ”Дајте им вие да јадат!” Индирекно разобличувајаки ги, истовремено ги потсетува и на еден друг момент, потенцирајки ја улогата на свештенството. Свештениството е посебен ред во Црквата на кои со благодатта Божја им е дадено духовно да ги водат луѓето и да ги лекуваат духовно и телесно.
За да може да го водат народот и да го лекуваат, најпрвин самите тие треба да бидат излекувани, исчистени од гревот и просветлени со умот. Односно, да не му служат на ѓаволот и гревот и да не се робови на страстите, да ги поминалe трите степени од духовниот раст или барем вториот степен на просветление.
Свештеникот, пред се Епископот, е икона Божја, посредник помеѓу Бог и народот. Меѓутоа тој треба да е достојна икона Христова, а не разоблична. Тоа значи да ги поседува истите особини и квалитети како Христос, пред се` и најмногу од се`, саможртвена љубов. Преку него Бог ги распоредува Своите дарови во Црквата. Затоа и лебот и рибите се умножувале во рацете на апостолите и нахраниле толку многу народ. Сите се наситиле и добиле од нивниот принос, та дури и останале полни дванаесет кошеви. Дванаесет за секој Апостол по еден, за сите подеднакво да учествуваат во оваа тајна.
Чудото од друга страна е овозможено и заради смиреното послушание на апостолите. За се` што Бог прави со нас, бара соработка. Според Законот на логиката со толку малку храна е невозможно да се нахрани толку многу народ, меѓутоа апостолите се покориле и поверувале на Неговите зборови и го послушале. Апостолите му биле послушни на Бог, а народот на апостолите и сите биле задоволни. А за да не помислат високо за себе, дека тие го направиле чудото, Сепромислителниот Бог, затоа веднаш ги испратил во коработ.
Преку ова чудо Господ не учи и’ на соборен (заеднички) живот и’ да ни ја покаже силата на заедницата. Кога сме собрани во името Божјо, според зборовите Божји, тогаш таму е и Тој помеѓу нас. Само во таа заедница е Господ и таа заедница е плодотворна и раѓа добри плодови. Умножувањето на лебовите и нахранувањето на народот е и слика на светата Ефхаристија, во која сите се храниме од едниот леб, кој што е “секогаш јаден и никогаш недојаден”, а тоа е телото Христово.
Според тоа, заедницата е многу важна работа во нашиот живот во која еден на друг смирено си служиме и се сакаме. Од заедницата зависи и нашето спасение и содржината и квалитетот на нашиот живот.
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
13 / 08 / 2019