// Google analytics code

Томина Недела – Митрополит Струмички Наум

Светиот Апостол Тома е ученикот Христов кој пред одењето при Лазар – братот на Марта и Марија, кога ја виде решителноста Христова, и покрај целата опасност, да отиде и да го разбуди Лазар од смртта, рече: „Да отидеме и ние да умреме со него“ (Јован 11, 16).

Така, Апостолот Тома преку барањето да се допре до раните Христови не изразува никакво неверие, туку длабок копнеж од личен опит да Го познае Воскреснатиот Христос, а не само да слуша за Него од другите – па биле тие Апостоли или денес Епископи, презвитери, монаси, или само да чита од книги – па било тоа и самото Свето Евангелие. Како што вели Апостолот Павле: „Сметам дека и сè друго е штета спрема преважното познавање на Христа Исуса, мојот Господ, поради Кого се одреков од сè, и сé сметам за трици, само за да Го придобијам Христа“ (Филип. 3, 8 )

Потврда на ова што го велам е и фактот дека тој е единствениот Апостол кој ги допре раните Христови, а копнежот за богопознание на овој врховен Апостол, светата Црква го потврдува со одредување на првата недела по Воскресението како „Томина недела“ и со тоа на ист таков копнеж ги повикува сите свои чеда.

И денес можеме да се допреме до раните Христови секогаш кога ќе се потрудиме да ги исцелиме истите – духовно и телесно, кај еден од Неговите најмали браќа – дури и повеќе од Апостолот. Двојниот поздрав „мир вам“ со кој Богочовекот Христос ги поздравува Апостолите, првиот пат е да ги избави од стравот и вознемиреноста, а вториот пат за да ги избави од еуфоријата.

Колебливо е однесувањето на оние од првиот степен на духовниот развој – очистувањето на срцето од страстите и им треба мир, за разлика од стабилното однесување на просветлените или обожените – какви што се жените мироносици, кои го слушаат поздравот: „радувајте се“!

Митрополит Струмички Наум

27 / 04 / 2025

Божествена Литургија во црквата ,,Св. Илија” во Стар Дојран.


About The Author