// Google analytics code

Страшниот суд – Отец Гаврил Галев

~+~

Во Символот на верата исповедаме дека Христос повторно ќе дојде. Еднаш дојде како слуга, како обичен човек, а вториот пат ќе дојде како Цар на славата, како Судија.

Бог не’ создал според Неговиот божествен образ и подобие, и на секој му даде слободата со која одлучуваме како ќе живееме, каков ќе биде квалитетот на нашиот живот и како воопшто ќе го одвиваме нашиот живот. Посебно на нас Православните христијани ни ја дари полнотата на дарот на Светиот Дух и ние имаме најповолни услови да се развиваме и напредуваме, но со тоа и најголема одговорност.

Квалитетот на нашиот живот зависи од нашите одлуки и дела, според нив Господ и ќе ни суди. Тоа каде ќе припаднеме на судот после смртта, од Неговата лева или десна страна, односно во вечноста подготвена за нас уште од почетокот на соданието во заедница со вечниот Бог или во вечните маки подотвена за демоните, зависи најмногу од нас. Според тоа како сме го поминале животот, односно, какви биле нашите дела и таков ќе биде и нашиот вечен живот.

Овде на земјата ништо не е вечно, се е привремено. Секој човек ќе претрпе смрт и земјата како што се вели во Светото Писмо ќе биде изгорена и ќе има нова земја и ново небо и нашиот живот ќе добие нов квалитет (ќе биде потполно духовен живот). Господ што создал, не створил за да пропадне, посебно нас кои што не створил според Неговиот образ и подобие, не створил за живот вечен(егзистенција). И тоа е вистината дека Бог го створил човекот за вечен живот, за вечна радост. А вечна радост доаѓа од заедницата со Бог. Со Неговите благодатни енергии.

После падот, смртта постана неопходност. Господ не сака да допушти злото да владее и да егзистира вечно. Затоа секој човек ќе доживее смрт, а после смртта следува суд. Тоа е неизбежно и треба да го имаме секогаш на ум. Затоа и премудриот Свети Василиј Велики ќе рече дека сеќавањето на смртта е најголемата философија, најголемата мудрост во овој свет. Проблемот настанува кога ние забораваме на смртта, се мислеме бесмртни, се заслепуваме и преокупираме со овоземните наслади, поточно измами и наместо да се искачуваме духовно по скалата до совршенството до мерата Христова, ние слегуваме надолу, стануваме како бесловесните скотови и уште полошо, дури како демоните.

Судот што ќе дојде, ќе биде суд со судот на вистината. Овде на земјата можеби ќе скриеме некое наше дело или недело, можеби ќе излажеме некого, ќе измамиме, меѓутоа на небото самиот Богочовек, самата Вистина ќе ни суди. Затоа треба да внимаваме како живееме.  Според тоа како сме се однесуваме со нашите ближни, а особено со слабите, неугледните и нашите непријатели, таков ќе биде и нашиот суд. Љубовта е критериум според која што ќе бидеме судени. Дали сме имале љубов или не сме имале љубов.

Во овој евангелски настан се употребува сликата со пастирот и грижата за неговото стадо. Како што пастирот го одделува, овците од едната, козите од другата страна и не ги меша, (затоа што козите се пркосни и знаат да бидат непослушни и жтетни за околината, додека пак овците се кротки и мирни) и не можат заедно, така ќе биде и во Царството Небесно. После смртта, ќе нема мешање меѓу добрите и лошите. Тие што правеле добри дела ќе застанат покрај Христос од Неговата десна страна, а лошите ќе бидат отфрлени од заедницата со Христос во вечната темнина и отсуство на љубов. Тогаш ќе слушнеме “застанете од мојата десна страна која што е подготвена за вас уште од почетокот на светот” или „одете од Мене проклети во вечниот оган, приготвени за сатаната и неговите (паднати) ангели“.

Господ се поистоветува со секој еден човек, а особено со најслабите, најнеугледните, немоќните и слабите во овој век. Според тоа, каков е нашиот однос кон нив,  всушност таков е нашиот однос кон Бог. Гледате, Тој вели: гладен бев, жеден бев, странец бев, необлечен бев, болен итн и оние кој што направиле добро на овие страдалници, всушност на Христос му направиле добро. Поточно, тие самите си помогнале да застанат од десната страна на Бога. Затоа што исполнувањето на Божјите заповеди, добродетелниот живот го доближува човекот до Бога. Го исполнува со љубов, го исполнува со радост, го исполнува со веселие, го исполнува со благодат. Тоа е заедницата, благодатната заедница со Бога. Тоа е учеството во природата Божја во Царството Небесно.

А пак оние кои што не прават добри дела, немаат ништо со Христос и нема да го наследат Царството Небесно. Имаме многу можности во животот овде каде можеме да помогнеме на болни, на слаби, сиромашни итн, а не сме направиле. Многу луѓе ќе речат јас немам грев, не сум направил ваков или таков грев, но и ништо добро не си направил, ќе му речеме. И неправањето на добро е грев. Затоа што на нашата природа и е природно да правеме добри дела, да бидеме добри како што е добар нашиот Бог Отец. Но заради нашаето себељубие, самоугодување и себичност не правиме добро. А уште повеќе кога, било со збор или дела, па дури и со помисла повредуваме и навредуваме некој од наши браќа, сестри, тоа покажува дека сме исполнети со злоба, гнев, омраза, презир и високо мислење за себе си.  Сето тоа го имаме во нашите срца. Тоа станало наша втора природа и логично е на Страшниот Суд таквите да застанат онаму каде што е и злобниот демон. Затоа и Господ за нив вели „одете проклети во вечниот оган, приготвени за сатаната и неговите (паднати) ангели“.

И немој да се залажуваме дека преку ноќ ние ќе се сменеме па продолжуваме да живееме неодговорно и со лоши навики. Сетете се на сликата со богатиoт и сиромавиот Лазар. Господ му одговорил на богатиот за неговите лоши браќа: “тие го имаат Мојаеј и пророците, нив нека ги слушаат.” Бог од нас бара конкретни добри дела. Нема да дојде некој со волшебно стапче да не тропне по главата, и ние веднаш да се преобразиме и ќе станеме од лоши – добри. Тоа нема да се случи ако не се потрудиме.

Господ ја дава таа можност и тоа е благодат Божја, која ќе ја придобиеме на самото крштение, а подоцна преку наше лично покајание и добродетелен живот во исполнувањето на божјите заповеди, посебно љубовта. Тоа ќе го постигнеме на природен начин, на начин кој што ние сами одбираме дали ја сакаме таа благодат, дали сакаме да одеме кон Бога и твориме добро. Да правеме добри дела или ќе бидеме мрзливи и злонамерни и ќе се лишиме од неа.

И гледате како и од едните и од другите, добродетелта или злото, како да е скриено за нивните очи и не можат да го видат. И едните и другите го поставиле истото прашање: “ Кога Господи, сме (не сме) го направиле тоа?”

Оние што вршат добри дела, нив ги прикрива божјата благодат за да не ја загубат наградата што ќе добијат за нив. Тие сметајќи се себе за смирени и недостојни, сметаат дека секое добро доаѓа од Бога, заради Неговата благодат и не го препишуваат на себе. Не се превознесуваат и не се фалат или разгласуваат за тоа, туку едноставно тоа е за нив природно и зашто Бог им дава сила.

Правејќи добро на другите, всушност самите си правиме добро за себе. Треба да знаете дека секое добро дело не е сокриено за Бога. Можеби привремено не може да се забележи, но Бог вечно се сеќава на тоа.

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

23 / 02 / 2025


About The Author