// Google analytics code

Стравот е лек, љубовта здравје

blazenavgustin02052015„Совршената љубов го пади стравот“ (1Јован 4:16, 18). На почетокот е стравот, затоа што кажано е: „почетокот на мудроста е стравот Господов“. Стравот и подготвува место на љубовта. Но, ако во тебе почнала да престојува љубовта, тогаш таа го истерува стравот, кој пак и го подготвил местото. Во онаа мера во која љубовта расте, се намалува и стравот; или во истата мера во којашто љубовта ја исполнува внатрешноста, таа го протерува стравот. Поголема љубов, помалку страв – помалку љубов, поголем страв. Но, онаму каде што нема никаков страв, таму љубовта не пронаоѓа ништо на што би се надоврзала. А кога љубовта би ја постигнала нестрашливоста… замислете ја само радоста што би ни ја понудил животот во овој или во идниот свет!? Ако го исполниме сето свое битие со љубов, кој ќе може да ни наштети во овој свет? Чујте го апостолскиот восклик за љубовта: „Кој ќе нè одвои од љубовта Божја; тага ли, невола ли, или гонење, глад ли, или голотија, опасност ли или меч?“ (Рим 8, 35).

Свеста за грешноста долго го мачи срцето, а се додека „оправдувањето“ не се случи. Во свеста постои нешто што вознемирува, што гори. И токму овде зар псалмопеецот не ни одговара за совршената праведност која не боли, не пече, туку едноставно – се љуби. “Ти ја претвори тагата моја во радост, го симна од мене костретот и ме препаша со веселба, за да Те слави душата моја и да не замолкнам; Господи, Боже мој, вечно ќе те славам!“ (Пс. 29 -11,12)
А еве пак, што сево ова значи: стравот вознемирува, а тоа го прави преку совеста. Сепак, не плашете се! Туку направете место, нека се појави љубовта која го исцелува сето она што стравот ќе го повреди. Стравот Господов ранува како докторскиот нож: го отстранува болното ткиво и се чини дека со тоа уште повеќе ја зголемува раната. Додека дивото месо било на телото, раната била помала. Но и опасна. Сега над неа е ножот. Претходно раната болеше помалку, отколку сега кога ножот сече. Исцелената рана боли повеќе отколку неисцелената. Но, таа е поболна токму заради делувањето на лекот, и нема повеќе да боли по успешното пресекување – исцелување.
Стравот кој го зафатил срцето ја воведува љубовта. Зошто „голата“, без покритие неустрашливост, нема оправдување. И сето тоа е веќе напишано. Прво мора да настапи стравот за љубовта да дојде. СТРАВОТ Е ЛЕК, ЉУБОВТА Е ЗДРАВЈЕ. И различни се стравовите: првиот е од Бога, а другиот е „неизвалканиот“ страв. Првиот, од Бога, може да не фрли во пеколот. Но иако различен од оној кој потоа следи, тој е оној страв којшто ја воведува љубовта. А се додека се плашиш од Бога заради казна, се уште не го љубиш Оној од којшто се плашиш. Несакаш добро, туку се чуваш од злото. Но, токму заради тоа што се чуваш од злото, се подобруваш. И почнеш ли да коопнеш по доброто, тогаш во тебе ќе се појави оној страв кој следи – „неизвалканиот“. Што е неизвалкан страв? Тоа е стравот од губењето на доброто. Јасно запаметете! Едно е да се плашиш од Бога затоа што може да те фрли во пеколот, а друго е кога се плашиш од Бога затоа што тој може да се одвои од тебе. Оној страв – дека Бог може да те фрли во пеколот, не е се уште неизвалкан, оти тој не произлегува од љубовта кон Бога, туку од стравот од казната. Но доколку се плашиш дека Божјата присутност ќе те напушти, тогаш го опфаќаш Бога, и жедта по Него не престанува. Рајот на земјата.

Блажен Августин, епископ Ипонски


About The Author