// Google analytics code

Старец Силуан Атонски: Тага по Бога – 3

107~+~

(Извадок 3)

Oној кој ја позна љубовта Божја, тој го љуби целиот свет, и никогаш не ропта над својата судбина. Оти привремената неволја, заради Бога, донесува вечна радост.

Несмирена душа којашто не се предала на волјата Божја, не може ништо да познае. Но преминува од една мисла на друга и така никогаш не се моли со чист ум и не го прославува величието Божјо. Душата која смирено се предала на волјата Божја, секој миг невидливо Го гледа Бога. И сето тоа е неискажливо за самата душа. Таа не може да зборува за тоа, туку само преку опит ја познава милоста Божја, и душата знае кога Господ е со неа. Душата му се предава Нему како мало дете, кое секој ден добива храна, но не знае од каде е таа храна. Така и душата се чувствува убаво со Бога, но како тоа се случува, не може да го објасни.

Господи, со Твојот Свет Дух просвети го Твојот народ, за сите да ја познаат Твојата љубов.

Самиот Господ нè вдахновува да се молиме за луѓето, и Самиот ни дава сила за молитвата, и за тоа ја наградува душата. Толкава е милоста Господова спрема нас.

Кој на земјата пребива во љубовта Божја преку Светиот Дух, тој и таму ќе биде заедно со Господа, оти љубовта не може да исчезне. Но да не згрешиме расудувајќи, да се

смириме себеси според словото Господово: “Бидете како деца, оти на таквите е Царството Божјо.” (Мт. 18,3)

Тешко мене, затоа што јас Го познав Господа преку Светиот Дух, но Го губам и не можам да Го стекнам во полнота, иако гледам дека милоста Божја е со мене.

Господ толку многу нè љуби, што ние самите не можеме така да се љубиме себеси. Но, душата во мака мисли дека Господ ја заборавил, и дека дури не сака ни да ја гледа, и таа страда и тагува. Но не е така, браќа. Господ бесконечно нè љуби и ни ја дава благодатта на Светиот Дух и нè утешува. Господ не сака душата да биде во униние, и да се колеба за своето спасение. Цврсто верувај дека ние страдаме само додека не се смириме. Штом ќе се смириме, престануваат маките, оти Духот Божји, заради смирението, ја известува душата дека таа е спасена.

Слава Му на Господа што толку многу нè љуби, и таа љубов се познава преку Светиот Дух.

Земното се познава со човечкиот ум, но Бог и сè небесно се познава само преку Светиот Дух, и не може да се познае само со умот.

Кој Го познал Бога преку Светиот Дух, тој ја заборава земјата, како таа и да не постои. Но по молитвата, ќе погледне со очите и повторно ќе ја види.

Браќа, Светиите во Царството Небесно ја гледаат славата Божја. А ние да се смириме себеси, и Господ ќе нè возљуби, и ќе ни даде на земјата сè што е полезно за душата и за телото, и ќе ни ги открие сите тајни.

Луѓето се прилепија со душата кон земните нешта, и ја загубија љубовта Божја. И затоа нема мир на земјата. Мнозина целиот живот љубопитно сакаат да дознаат, на пример, како е создадено сонцето, а не се грижат да Го познаат Бога. Господ не ни зборувал за сонцето, но ни Го откри Отецот и Царството Небесно. Он рече дека праведниците во Царството на Отецот ќе светат како сонцето. (Мт. 13, 43) И Писмото зборува дека Господ ќе биде Светлина во рајот. (Откров. 21, 23; 22,5) И Господовата Светлина ќе биде во душите, во умовите и во телата на Светиите.

Ние живееме на земјата и не Го гледаме Бога, и не можеме да Го видиме. Но, ако Светиот Дух дојде во душата, тогаш ние ќе Го видиме Бога како што Го видел Светиот Архиѓакон Стефан. Душата и умот преку Светиот Дух веднаш дознаваат дека тоа е Господ.

Така и Светиот Симеон Богопримец, преку Светиот Дух Го познал Господа во малиот Младенец. И Светиот Јован Крстител, исто така преку Светиот Дух Го познал Господа, и му Го возвестил на народот. А без Светиот Дух никој не може да Го познае Бога и колку многу Он нè љуби. Иако ние читаме дека Он нè возљуби и пострада за нас, заради љубовта, сепак размислуваме за тоа само со умот, а душата не ја разбира љубовта Христова како што треба. Кога пак, Светиот Дух ќе нè научи, тогаш јасно ја познаваме љубовта и се вподобуваме на Господа.

Господи милостив, научи нè сите нас, со Твојот Свет Дух, да живееме според Твојата волја, за да Те познаеме Тебе, вистинскиот Бог во Твојата Светлина. Оти не можеме да ја разбереме полнотата на Твојата љубов без Твојата Светлина. Просвети нè со Твојата благодат, и таа ќе ги загрее нашите срца за да Те љубиме Тебе.

 


About The Author