// Google analytics code

Спротивставувањето на внатрешните помисли – Св. Григориј Палама

PAALAMAОд нас никако не се бара да имаме сила да прогонуваме демони, а и ако би можеле да ги истераме, од тоа не би имале никаква полза ако притоа живееме невнимателно, бидејќи Христос вели: „Мнозина ќе ми речат во оној ден: ’Господи, Господи, зар во Твое име не пророкувавме? И зар во Твое име не изгонувавме бесови? И зар во Твое име многу чуда не правевме?’ И тогаш Јас ќе им кажам: ’Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!“ (Мат. 7, 22-23). Значи, многу е пополезно да се трудиме да го истераме блудот, гневот, омразата и горделивоста од душата, отколку да прогонуваме демони. Не е доволно само да се оддалечиме од телесните гревови, туку би требало да се исчистиме и од оние дејства (енергии), кои се вгнездиле во душата. Од нашето срце излегуваат зли помисли, прељубодејства, убиства, кражби, тврдоглавост и слично, а тоа е она што го придвижува човекот. „Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Мат. 5, 28), зашто, иако телото е неподвижно, дозволено му е на гревот да се случи во мислите. Меѓутоа, кога душата однатре, преку молитва и трезвеност, и сеќавање на смртта, и тагата за Бога, и плачот, ќе го отфрли предлогот на ѓаволот, тогаш и телото добива осветување и станува неподвижно за злото. Тоа е она за што зборува Господ кога вели дека чашата не е чиста ако се исчисти само надворешно, а не и однатре. Затоа, ако се трудиш твоите внатрешни дејства да Му бидат угодни на Бога, ќе ги победиш и страстите кои доаѓаат однадвор. Ако коренот е свет, свети се и гранките, и ако е свет квасецот, и тестото ќе биде свето. Во врска со тоа Павле вели: „Живејте според Духот и желбите на вашето тело нема да ги извршувате“ (Гал. 5, 16)…

Поучувајќи нѐ дека треба да се трудиме околу она духовно обрежување на срцето, Господ блажени ги нарекува оние кои имаат чисто срце и кои се со смирен дух, објавувајќи дека наградата за таквата чистота ќе биде гледањето на Бога, додека на смирените по дух им ветува небесно Царство. Сиромашни ги нарекува оние кои живеат оскудно и во беда, но не едноставно сите такви луѓе, туку само оние кои се со сиромашен дух, односно оние кои имаат внатрешно смирение, смирение на срцето и кои имаат добра волја и така се однесуваат кон сѐ надворешно, живеејќи го животот во сиромаштво. Тој забранува не само убиство (како што прави Законот), туку дури и гнев, и ни заповеда од срце да им простуваме на оние кои нѐ навредиле, не примајќи ни ги даровите кои сме Му ги подготвиле, ако прво не се смириме и не престанеме да се гневиме.

Така е и кога се во прашање телесните страсти, зашто Тој и само љубопитното гледање и копнежот кој притоа се појавува во срцето, ги осудува како прељуба. Опфаќајќи го сето тоа уште поопшто, вели: „Ако значи, светлината која е во тебе“, односно умот и расудувањето, „е темнина“, односно кога тоа што управува е обземено од темнината, „тогаш колкава ли ќе е темнината?“ (Мат. 6, 23). Што е, пак, со телото и сетилата, кои сами по себе не поседуваат разумна светлина од која се раѓа вистината и бестрасноста. Ако светлината која е во тебе биде чиста, ако телесните помисли не би се помрачувале, со душата ќе станеш потполно просветлен. Такво е духовното обрежување на срцето со кое Господ го исполни телесното обрежување, кое постоело по законот, и кое на Јудејците им било дадено како предзнак за ова духовното, за да ги привлече кон Него. За оние кои не се трудат да добијат духовно обрежување, нивното телесно обрежување станало, како што кажува Павле – необрежување (односно ги изедначило со незнабожците), и тие се оттуѓиле од Бога, односно од Оној Кој гледа не на видливото телесно оправдување, туку на срцето, односно на невидливото движење на помислите кои се во нас.

Затоа, браќа, ве молам и ние да го покажеме трудот и да ги исчистиме нашите срца од секаква нечистотија, за да не се соединиме со оние кои се осудени. Ако законот соопштен преку Мојсеј бил цврст, и ако за секој престап и непослушност следела заслужена казна, како ќе ја избегнеме, кога не се трудиме околу своето спасение, „кое, најнапред проповедано од Господ, се потврди од оние кои го беа чуле од Него, кога и Бог им го потврди сведоштвото со знаци и чудеса, со разни сили и раздавање дарови на Светиот Дух“ (Евр. 2, 3-4). Ние, значи треба да се плашиме од Оној Кој ги испитува срцата и скриените помисли, да Го смилостивиме и одвратиме Господ од осветата, да направиме во нас да престојува мирот, светлината, покајничката молитва, бидејќи без нив никој не може да Го види Господ. Треба огнено да го посакаме, со најцврста вера гледањето на Бога, кое им е ветено на оние кои имаат чисто срце, и да направиме сѐ за да го добиеме тоа, зашто тоа е вечниот живот, чистата, вистинска убавина, невиденото богатство, непроменливото и вечно задоволство, и славата, и Царството.

Сите ние да го добиеме во Самиот Вечен Цар Христос, Кому Едниствен Му доликува секоја слава, чест и поклонение, со Неговиот беспочетен Отец, и Пресветиот и Благ и Животворен Дух, во сите векови. Амин


About The Author