// Google analytics code

Соединувањето со Бог – Игумен Харитон Валаамски

imageПред сѐ, треба да се знае дека христијанинот (посебно духовното лице по својата должност) треба на секој начин и секогаш да се труди околу тоа да се соедини со Господ Создателот, Оној, Кој љуби, Добротворот и најголемото Свое добро Кој го создаде и заради Кој е создадено, бидејќи душата, која Бог ја создаде мора да има центар, односно крајна цел, ништо друго освен Самиот Бог, од Кој и животот и својата природа ја добила и заради Кој треба вечно да живее. Зашто сѐ што е видливо на земјата, што е пријатно и посакувано: богатството, славата, жената, децата, со еден збор, сѐ убаво, слатко и пријатно од овој свет, не ѝ е својствено на душата, туку само на телото, и бидејќи е минливо, тоа брзо ќе помине, како сенка, а душата, која по природа е вечна, може вечно да најде мир само во вечниот Бог како свое најголемо добро, поубаво од сите убавини, послатко од сите омилени работи, најслатко и најпријатно, и својствено за местото од каде што потекнува и каде повторно треба да се врати: бидејќи, како што телото, кое потекнува од земја, во земја се враќа, така и душата, која потекнува од Бога, во Бога се враќа и во Него пребива. Затоа Бог и ја создал, за вечно да живее во Него. Затоа во овој минлив живот треба трудољубиво да бараме соединување со Бога за да се удостоиме да бидеме со Него и во Него, вечно и во идниот живот.

Никој со Него не може да се соедини на друг начин освен со најголема срдечна љубов, бидејќи евангелската грешница од Него добила голема милост која ги простува гревовите и цврсто соединување со Него – „Го возљуби многу“ (Лука 7, 47). Тој ги љуби оние, кои Него Го љубат, се прилепува до оние, кои до Него се прилепуваат, се дава Себеси на оние, кои Го бараат и ќе им даде многу сладост на оние, кои сакаат да се насладуваат од Неговата љубов.

За човекот да може во своето срце да поттикне таква Божествена љубов за да се соедини со Него во нераскинлив сојуз на љубовта, неопходно е често да се моли, насочувајќи го својот ум кон Бога. Зашто, како што дрвата кои се фрлаат во огин создаваат пламен, така и молитвата која често се повторува и со вдлабочување на умот во Бога постигнува Божествена љубов во срцето, која кога ќе се разгори ќе го загрее целиот внатрешен човек, ќе го просветли и научи, ќе му покаже сѐ непознато и тајно во својата премудрост и ќе направи да биде како огнен серафим, кој секогаш стои со својот дух пред Бога, кој гледа во Него со умот и од тоа црпи духовна сладост.


About The Author