Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја – Отец Гаврил Галев
~+~
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух
“Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја, тоа што си го прибрал кому ќе го оставиш”. Така бива со оној што собира добра за себе а не се богати во Бога(Лука 12:20-21).
Ова состојба е една од најголемите денешни заблуди на човештвото. Сето свое време го трошеме работејки да печалиме и се збогатеме за себе, овде на земјата. Ја занемаруваме смртта и не се богатеме во Бога, односно не работеме за збогатување со даровите што Бог ни ги дава уште на самото крштение. За стекнувањето на подобието Божјо, залогот што Бог ни го дал уште со нашето создавање.
Среброљубието е состојба на вкочанетост на душата. И не е проблем само гревот на среброљубието, туку пострашно е себељубието, како Господ што вели да се “собира добра за себе”. Собирањето добра за себе е кога работиме за својата гордост, за својата суета, за своето високо мислење за себе и тоа е себељубието. Тогаш сме најлошите луѓе, тогаш се исполнува нашето срце со “себе” и се гордееме и презираме и се прејадуваме и блудствуваме и се друго, па ни Бога не го почитуваме.
Сите ние знаеме да се гордееме со многу наши успеси во наводници. Ама ете постои смртта која што не знаеме кога ќе дојде и што ќе биде во тој час кога Господ неспремни ќе ни рече дека денеска или ноќеска треба да ја положиш душата. И што ќе понесеме со себе тогаш?
Господ многу ретко некого го нарекува безумник, ама баш на овој човек му рекол за да му покаже во која голема заблуда е. Затоа треба да пазиме како треба да живееме и како треба правилно да го насочеме нашиот живот, односно во кој правец да се движиме. Бога или Мамона? Дали ќе се богатеме овде за себе, за земјното царство, или пак ќе се богатеме во Бога, за царството небесно кое што е вечно. А се овде колку да сме долго на земјата, сепак е краткотрајно и не е вечно, има ограничување.
Треба да бидеме паметни, не безумни. Да не работеме за богатството кое пропаѓа, туку за богатството кое е за стекнување на вечното царството небесно. Тоа ќе го постигнеме единствено ако живееме онака како што Господ ни покажал. Како што Богочовекот Исус Христос на земјата поживеал. Како што поживеа неговата света мајка, како што поживеале светителите.
Денес го славеме споменот на семејството на Свети Григориј Палама. Не само Свети Григориј Палама, за кого знаеме дека бил еден од најголемите светители и богослови во Православието, туку целото негово семејство биле свети. Сите живееле свето. Татко му бил царски советник. Тој бил “умот” на царот, како што ќе му кажел на царот, така царот постапувал. Меѓутоа никогаш не ја злоупотребил својата функција. Никого не му наштетил ( а со тоа и на самиот себе) како многумина во денешно време. Тој живеел во Христа Бога и ги поучувал другите во добро затоа и си го стекнал називот светител, свет, и сето негово семејство за што сите ние сме повикани и ние да бидеме свети.
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
03.12.2023