Собор на Пресвета Богородица – Митрополит Струмички Наум
„Што да Ти принесеме, Христе,
за тоа што заради нас како човек се јави на земјава?
Секое Твое создание Ти принесува благодарење;
ангелите – песна;
небесата – ѕвезда;
мудреците – дарови;
пастирите – радоста своја;
земјата – пештера;
пустината – јасли;
а ние – Мајката Дева…“
Ме замисли оваа стихира од вечерната служба за Рождество Христово и ми беше повод да ги напишам редовите што следуваат. Барам голема прошка и од Бог и од вас што воопшто се осмелувам да пишувам на тема Богородица; многу ми е полесно да пишувам за што било друго. За некои работи, едноставно, треба достојност – како реално и континуирано покајание. Но, таква е учителската служба – нож со две острици: човек бланко потпишува дека ја прифаќа пресудата за него, согласно критериумите што ги проповеда.
Ние, целото човештво, во личноста на Пресвета Богородица и Секогашдева Марија Му го принесуваме на Бог нашиот највреден дар. Таа, за нас, е сѐ што имаме, односно, ние и ништо немаме освен Неа. Оваа последна (претходна) реченица ќе ја оставам секој од нас да ја размисли и да си ја доживее на свој личен начин, во зависност од односот со Неа. Што се однесува до мене, ќе звучи малку соблазнително без толкување, ама ќе го речам: мене ништо и не ми треба освен Неа…
Што е теолошка и практична последица од фактот дека ние, целото човештво, во личноста на Пресвета Богородица и Секогашдева Марија Му го принесуваме на Бог нашиот највреден дар?
Богословска и аскетско-исихастичка последица од тој факт е дека ние, сепак, не се спасуваме безлично, како цело човештво или како цела човечка природа, туку лично-соборно, како единствени и неповторливи личности во Црквата на Богородица и на сите Свети: предавајќи, односно, принесувајќи се, евхаристиски, самите себе, еден со друг и целиот наш живот на Христос Богочовекот, во благодатта на Светиот Дух.
Се поставува прашањето: Што е тоа што ние како личности, конкретно, подобно на Богородица и Секогашдева Марија, треба да Му го принесеме на Бог за да имаме надеж дека нашиот принос може да биде примен од Него? Не дека Бог нема да го прими нашиот принос; но, зошто велам, за да имаме надеж дека може да биде примен? Заради непреминливиот, од наша страна, онтолошки јаз што постои помеѓу Создателот и созданието, што само Божјата љубов може да го премине.
Значи, тоа што ние треба да Му го принесеме на Бог, подобно на Богородица, за да може Христос да се роди во нашето срце е девственоста на нашите души, и тела. Согласно погоре кажаното, Он се раѓа во нас кога сака и затоа што сака, а не просто заради нашата девственост. Затоа Неговото раѓање во нашите срца е дар, а не заслуга – дар пројавен конкретно и недвосмислено како аскетска умно-срдечна молитва.
Самиот дар на аскетска умно-срдечна молитва е сведоштво дека нашата душа, и нашето тело, се во одреден степен девствени, целомудрени. Формулацијата „одреден степен на девственост“ значи исто што и (кога ќе се изразам) дека срцето е доволно очистено и ослободено од страстите, а со тоа и ние од пресудното влијание на демоните во нашиот живот. Јасно ви е дека ви зборувам за вториот степен од духовниот раст – просветлување на умот.
Девствен ум има човек кој енергијата на својот ум молитвено ја соединил со суштината на својот ум, која се наоѓа во неговото срце. Бидејќи ова соединување е дејство на благодатта Божја и молитвено-аскетски се случува внатре во неа – во срцето, девствен ум во соодветна смисла е исто што и просветлен ум. Доколку ова соединување е постојано благодатно, а не времено аскетско, тогаш девствен ум е исто што и обожен ум. Обожениот ум е ум од Духот воведен во сета вистина (види: Јован 16, 13). Затоа, во библиско-антрополошка смисла, поклонувањето во дух и во вистина значи себепринесување со девствен, целомудрен ум.
Следствено, само за оној што има исцелен, обожен ум, можеме да говориме дека е вистински целомудрен и девствен и дека вистински љуби, во една човечки достапна димензија на овие поими, во овој свет и век. Само оној што вистински љуби ја има љубовта како непогрешлив ориентир во својот живот. Ние другите треба да се раководиме според степенот на нашиот духовен развој, за да не се испомеша: аскетското со благодатното, душевното со духовното, еросот со пријателството и вистинската љубов – оти тогаш многу ќе лутаме по беспаќа.
Нашата душевна, и телесна, девственост е редовен услов за пројава на несоздадената благодат на Крштението во нашето срце и за дарот на аскетската умно-срдечна молитва. Сме го добиле ли тој дар, имаме сведоштво од Горе дека во соодветна мера сме девствени, макар и да сме ја изгубиле некогаш девственоста – телесно. И обратно, го немаме ли тој дар, немаме сведоштво од Горе дека сме девствени, макар и да сме ја сочувале девственоста – телесно.
Гледате ли колку е голем дарот Божји на покајанието, на преумувањето? Овој Божји дар од развратници прави девственици и од разбојници прави жители на Рајот.
Но, покајанието е многу конкретен подвиг; тоа е восогласување на начинот на нашиот живот и подвиг со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаме. Колку и да се труди некој философски и практично да го избегне ова восогласување кое постојано го повторувам, тој сепак на крајот, ако не се покае, ќе се судри со суровата реалност на отсуството на стекнатите Божји дарови во својот живот; а животот полека поминува. Едно е вроден дар Божји или талант, а друго е стекнат (или усвоен) дар Божји – како што е, на пример, девственоста. Со првото најчесто го храниме нашето самољубие, а со второто се надѕидува Црквата Божја.
Девственоста е знак на благодатно восиновување. Оној чиј Татко е Бог, нему Мајка му е Богородица, животот во духовната младост му е игра; демоните му се играчки, а вештината и опитот во справувањето со нив му помагаат да расте и созрева.
Но, еден ден играта престанува, играчките не се веќе интересни и зрелиот човек ја презема одговорноста на борбата за спасението на сите луѓе. Тогаш лично-литургиската молитва се претвора во безнадежно-надежен нем плачовен крик за простување и разрешување на гревовите на секој еден човек, што само преку Богородица, од Христос Бог го просиме. И просто, човек знае дека ако молитвата не го опфати целото човештво, ништо не му вреди.
Сега ни останува да поставиме нов почеток на покајание влегувајќи во целосрдечно послушание на нашиот духовен отец, трудејќи се да Му принесеме на Бог нерасеана, чиста молитва. Оти расеаната молитва е блуд на умот, а чистата молитва е девственост на умот. А Богородица и Секогашдева Марија е љубов – апсолутно остварена љубов во апсолутна девственост. Сите Нејзини чеда плачат кога само Името ќе Ѝ се спомне.
Пресвета Богородице, спаси нѐ!
Митрополит Струмички Наум
(07.01.2022 19:25)