Свeтиот апостол Андреј – Отец Гаврил Галев
~+~
(Грчки: Ανδρεα, храбар, силен човек, невин)
Наречен е Првоповикан, затоа што бил првиот кој го заследил Христос. Уште од рана возраст копнеел по божествената вистина и затоа кога се појавил св. Јован Крстител, тој веднаш станал еден од неговите ученици. Свети Андреј стоел на бреговите на Јордан, кога Претечата, покажувајќи на Исус, рекол: „Еве го Јагнето Божјо!“ (Јован. 1, 36). Слушајќи ги овие зборови, Андреј посакал да го запознае и целиот тој ден го поминал со Него. Неискажливата радост и впечатокот што го стекнал од Христос сакал да ја сподели со некој, па пошол кај својот брат Симон (Петар) објавувајки му ја радосната вест: „Го најдовме Месијата“ (Јован. 1, 41), и го донел кај Христос. Подоцна Спасителот ги видел браќата на бреговите на Галилејското море и ги повикал. „Врвете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе!“ (Марко 1, 17). Оттогаш, тие го следеа Спасителот насекаде и беа сведоци на Неговите чуда, смрт и воскресение.
Андреј бил човек остроумен, со чиста логичка мисла, урамнотежен, одлучен и одличен организатор. Затоа и за време на својот живот поминал толку земји и секаде основал локални цркви. По Вознесението Господово и слегувањето на Светиот Дух, кога апостолите отишле во различни земји да го проповедаат Словото Божјо, св. ап. Андреј заминал во северните земји. Преку Македонија, Грција, Мала Азија, по бреговите на Црното Море, стигнал до земјата населена од Скитите, денешна Русија.
Според преданието, Светиот апостол кога стигнал до реката Днепар, до местото каде што сега е Киев, додека се искачувал на околниот рид, приковал крст и им рекол на своите ученици: „На ова место ќе блесне благодатта Божја, ќе се подигнат Христовите цркви и ќе дојде вистинската светлина од овде низ целата земја“. Сега на истиот рид стои црквата Св. Андреј Првоповикан. Стигнал дури и до градовите Хераклиј, Халкидон и Трејзунд; ги посетил и Ерменија и Грузија. Дошол и до планините на Осетија и Абхазија, проповедал во Себастија (денешен Сухуми), ги обиколил бреговите на Црното Море и ја посетил Керсон Таурида (сега полуостров Крим). По ова напорно патување, св. ап. Андреј ги посетил Синоп и градовите што лежат близу Црното Море. Тој го посетил и градот Визант (денешен Цариград) и таму го ракоположил Стахиј како прв епископ, еден од 70-те Христови ученици. Посетувајќи ги градовите во Грција, тој дојде во градот Патрас, во староста.
Некое време св. ап. Андреј го поминал заедно со свети Јован Богослов, апостол во Ефес, од каде заминал за Никеја и таму поминал две години. Но патот секогаш не му бил лесен. Претрпел и големи искушенија, маки и гонења. Сите нив трпеливо ги поднесувал и секаде со збор, чуда и со примерот на личниот живот, сведочeл за Христос и придобивал нови следбеници. Во понтискиот град Синоп, во близина на Црното Море, свети Андреј заедно со свети апостол Метеј претрпеле ужасно гонење од Евреите. Исполнети со злоба, бидејќи учениците Христови придобиваат многу следбеници, ги клеветeле пред властите. Заради тоа ги затвориле, ги тепале и ги исфрлиле од градските порти. Но, им се јавил Христос и ги исцелил. Светиот Андреј, како ништо да не му било, се вратил во градот и повторно продолжил да проповеда.
По враќањето во Патрас, градскиот старешина Егеат дознал дека туѓо учење се раширило низ градот, па дури и во неговото семејство, па св. Андреј го дал на испитувања, мачење, зандани и на крајот го осудил на смрт. Подоцна, кога се побунил целиот народ, се исплашил Егеат и по негова наредба слугите почнале да го одврзуваат апостолот од крстот. Тогаш свети Андреј, кревајќи ги очите кон небото, извикал: „Господи, не дозволувај да ме симнат од крстот и не ме лишувај од смрт слична на Твојата! Прими мe во мир во твоите вечни населби!“ Откако го рекол ова, апостолот му го предал својот дух на Бога и лицето му заблескало во светлината на небото. Андреј бил распнат на крст во форма на икс.
Апостолот целиот свој живот го посветил на проповедање. Секаде каде што поминувал, тој проповедал и организирал локална црковна заедница. Бил неуморен работник на нивата Божја, проповедал, исцелувал болни, ги изгонувал нечистите духови, ги подучувал новите преобратеници да бидат милостиви кон странците и нивните робови, и да имаат љубов кон сите. Кротоста и добродетелниот живот на светиот апостол, како светол столб се издигнувал кон небото и зрачел светлина и топлина со што го привлекувал народот, кој, слушајќи го, му се обраќал: „Навистина си ученик и пријател на добриот и милостив Бог и Тој зборува преку устата твоја!“ Светиот апостол Андреј Првоповикан се слави на 30-ти ноември.
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија