Св Јован Богослов – Отец Гаврил Галев
Вредно е да се проговори нешто и за овој свет апостол Јован, наречен Богослов. Кој иако бил еден од најмладите ученици Христови, покажува најголема свесност, најголема возраст.
Бил кроток по срце, тивок, смирен и јасен во мислите. Кој се беше навел на градите Исусови и ништо не го интересираше освен Исус и неговиот однос кон Него да е чист. Тоа го сметаше за нај битно и затоа на тајната вечера кога Исус објави дека еден од нив ќе го предаде, тој праша кој ќе го предаде, “да не сум јас”. Неговите помисли не одеа лево-десно и размислуваше дали е овој или оној, туку праша за себе си: “да не сум јас?” Се плашeл да ме му згреши на Христос и на тој начин да се оддели од Него.
Тоа е болката која што настанува ако се одделиме од Христос, ако му згрешиме на Христос. Тоа е чувството кое Св Јован Богослов не го сакал, и затоа никогаш, ни во еден момент не се оддели од Христос. Дури и кога сите го напуштија под крстот, Св Јован стоеше, гледаше во “немоќниот” Бог кој што беше изранет, измачуван, немоќен, но не го напушти. И во тие моменти повторно како да му викаше: “Ти си мојот Бог и јас те сакам.”
Таа болка на одделеност од Христос добро ја знаел Петар. Затоа после воскресението, кога Бог повторно го повика, испитувајќи го три пати со истото прашање тој покажува спремност и длабоко покајание. Кога некој ќе ти повтори три пати едно исто, ние знаеме бурно да реагираме. Посебно горделивите и суетните, кои веќе уште од прва се правдаат и бурно реагираат. Меѓутоа еве Св. Петар три пати ги слуша истите зборови, три пати смирено кажува и на крајот потресно му рекол: “Ти се знаеш, ти знаеш дека те сакам.” Е затоа Бог го вратил повторно на местото каде што бил, од каде што отпаднал, му ги доверил дури и овците негови, тој е ученикот на покајанието.
Меѓутоа Св Јован Богослов е ученикот на љубовта, кој што не учи на љубовта, и кој сведочи дека Бог е љубов. Тоа e искуство, тие зборуви произлегуваат од неговото лично искуство. Свети Јован не беше само така возљубен ученик Христов, туку затоа што и Св. Јован најмногу го љубеше Христа. Затоа што тој едноставно го љуби Бог, и затоа и не учи нас дека љубовта е најбитна од се.
После воскресението, кога жените мироносици им кажале на апостолите дека Христос воскресна, дека гробот е празен, Петар и тој заминале први. Петар трчал прв, меѓутоа Св Јован влегол прв, затоа што љубовта е пред покајанието. Ако се нема љубов се нема ни покајание, a ако се има љубов, тогаш и не се греши и нема потреба од покајание. Љубовта е таа која што всушност нас не карактеризира како луѓе, тоа е всушност подобието, стекнувањето на подобието Божјо. Да се стане сличен на Бог.
Меѓутоа таа љубов, се покажува пред се преку љубовта кон сите, посебно кој непријателите. Тоа е испитот на нашата зрелост. На тој испит сите паѓаме, затоа што не можеме да го сакаме Бога а да го мрaзиме својот ближен. Никој не може да го мрази ближниот, а да вели дека го сака Бога. Тогаш тоа е чисто лицемерие, и тоа е одвратност пред Бога. Тоа е пад. Тоа е наше обезличување.
И само преку љубовта кон својот непријател, ние ќе знаеме дали навистина го сакаме Бога. Не можеме да се лажеме, да се залажуваме и да велиме го сакаме Бога, а всушност да го лажеме. Бог е вистина и сезналец, ние не можеме него да го лажеме. Се лажеме самите себе и само длабокото искрено покајание може да не извлече од таа дупка на прелестa.
Во евангелието кое денес го читавме е поместен и настанот кога Бог му рекол на светиот Петар, покајникот Петар да врви по Него. Петар кога се свртел го видел ученикот кој што го љубеше, дека и тој оди по Исус и прашува: “А овој пак зошто?”
Одговорот е логичен: љубовта никогаш не престанува, љубовта е таа која што не дозволува да бидеме одделени од оној што го љубиме. И заради тоа и логично беше Св. Јован да биде со Христа, со Оној Кого што го љубеше. И повеќе од тоа. Бог посведочи за него дека нема да умре. Секако дека тоа умирање не е за овој свет. Во овој свет сите умираме, така и Св Јован Богослов умрел, меѓутоа Cв. Јован Богослов е еден од ретките кој што воскресението и судот го доживува пред општиот суд и воскресение. Повторно, логично е дека љубовта не може да биде судена. И овој празник кој што денес го славиме е востановен по еден настан кога сакале да ги откопаат моштите на Св Јован Богослов, тие не нашле ништо. Нашле празен гроб и некоја чудотворна благоухана прашина што излегувала од гробот и тоа посведочи дека Бог си го зел својот ученик и заедно со Неговата Мајка се наоѓаат од Неговата десна страна.
Нека Бог ни помогне да го следеме овој Богослов, да го сакаме Христос, и ние да бидеме удостоени, заедно да седеме со него од десно на Бога.
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
21.05.2021